Соопштение

ХЕПЕНИНГ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕСЕЦОТ НА СПОРТОТ ПОД МОТОТО “ДВИЖИ СЕ ЗА ЗДРАВЈЕ                                          

Со цел да се изврши промоција на физичката активност во интерес на унапредување на здравјето, благосостојба и превенција на болести, Институтот за јавно здравје во соработка со Федерацијата за рекреативен спорт и Здравствен дом Скопје  организира јавна манифестација  ”Движи се за здравје”.

Манифестацијата ќе се одржи на 09.05.2015 (САБОТА) во Градскиот парк во Скопје- кај Школка:

      9,00 – 13,00 часот   – БЕСПЛАТНИ ЗДРАВСТВЕНИ ПРЕВЕНТИВНИ ПРЕГЛЕДИ И СОВЕТИ

    11,00 – 13,00 часот  – ОРГАНИЗИРАНИ ЕДУКАТИВНИ ФИЗИЧКИ АКТИВНОСТИ СО ПРИМЕНА НА СООДВЕТНИ РЕКВИЗИТИ И СОВЕТИ ЗА ПРАВИЛНА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Поддршка е обезбедена од Министерството за здравство, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Град Скопје.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат обезбедени здравствени совети и совети за соодветна физичка активност од страна на стручни лица, ќе се врши мерење на крвен притисок, телесна тежина и висина, обем на струк и шеќер во крвта (Пожелно е лицата кои ќе вршат проверка на шеќер во крвта да бидат гладни заради добивање на реални вредности) .

Исто така, во текот на хепенингот ќе се дели здравствено-пропаганден материјал и освежување.

Присутните граѓани ќе имаат можност да се вклучат во акцијата со пишување пораки за здравје, како и активно вежбање аеробик, пилатес и други спортски и рекреативни активности.

Хепенингот е во контекст на вкупните напори во здравството за промоција на здравиот стил на живот и превенција на хроничните болести. Во последно време се повеќе загрижува порастот на хроничните болести, што се директно поврзани со употребата на нездрава исхрана и недоволната физичка активност, како што се кардио-васкуларните болести, мозочниот удар, дијабетот, некои видови рак, респираторнитe болести и др. Овие болести може лесно да се превенираат, но за тоа е потребна промена на навиките.

Физичката активност треба да е присутна кај сите возрасни групи и затоа ги покануваме граѓаните да ни се придружат и заедно да придонесеме за промена на навиките!