Во текот на 2014 година, пријавени се вкупно 84 случаи на инфекција со дивиот полиовирус во светот, воглавно во ендемски земји – каде болеста е постојано присутна (Пакистан, Авганистан и Нигерија со вкупно 74 случаи), додека во неколку неендемски земји каде е регистрирано со вкупно 10 случаи во 2014, ова заболување се појавува во епидемиска форма (Сирија) или како поединечни случаи на заболување (Камерун – 3, Етиопија – 1, Ирак – 2 и Екваторска Гвинеја 3 случаи) (види Табела 1).
Во Сирија, во епидемијата на полиомиелитис која започна во 2013 година, до 15.05.2014 пријавени се 36 потврдени случаи на акутна флакцидна парализа (АФП) од различни региони во целата земја, од кои 35 се регистрирани во 2013 година, а само еден случај во 2014 година, јануари месец.
За истиот овој период во 2013 година, во светот бил пријавен 41 случај, воглавно во ендемските земји исто така, што значи дека бројот на регистрирани случаи во 2014 е за скоро 2 пати поголем во однос на бројот на пријавените случаи до крајот на месец мај во 2013 година (види Табела 1).

Табела 1: Податоци од СЗО до 27.05 за 2014 и споредбено до 28.05 за 2013. Со жолто се обележани ендемските земји.

polio

Европскиот регион на СЗО е прогласен за „полио-ослободен” регион во јуни 2002 година што значи дека болеста е искоренета од регионот на Европа и до денес не е регистриран автохтон (домашен) случај на полиомиелит.
Последниот автохтон случај во Европа е забележан во 1998 година во Турција. Епидемијата во Холандија кај припадници на една религиозна заедница, во 1992 година, доведе до 71 случај на заболени лица и 2 смртни исходи.
Всушност, последните случаи на полиомиелит во Европа се регистрирани во Бугарија во 2001 година (3 деца од Ромска националност заболеа од флакцидна парализа предизвикана од див полиовирус). Истражувањата покажаа дека вирусот кој предизвика заболувања во Бугарија е со потекло од Индија.
Иако Европскиот Регион е прогласен за подрачје каде детската парализа е искоренета, во 2010 година беше регистрирана епидемија во Таџикистан, како резултат на импортирање (внесување) на случај од Пакистан, заболувањето се прошири кај невакцинираното население, а епидемијата заврши со вкупно 460 пријавени случаи. Ова беше последната епидемија во Европскиот регион, која настана како резуилтат на импортиран случај на полиомиелит.

Последните информации кои говорат за докажан див полиовирус во мостри од животната стредина во Израел, како и епидемиите во Сирија и Сомалија, го нагласуваат ризикот за можно повторно враќање на детската парализа во Европа.
Поради континуираната циркулација на полиовирусот во поголем број земји, недостатоците во квалитетот на надзорот и приливот на ранливите популации во различни земји, СЗО ја подигна проценката на ризикот од меѓународно ширење на детска парализа од Камерун на ниво “многу високо” во март 2014 година, а на 5 мај 2014 генералниот директор на СЗО, д-р Маргарет Чен, постапи по препораката на Комитетот за итни случаи на Меѓународниот здравствен правилник и изјави дека ширењето на дивиот тип на полиовируот во 2014 година претставува јавно-здравствена вонредна ситуација од меѓународно значење (PHEIC) во согласност со Меѓународниот здравствен правилник.

Република Македонија е сертифицирана и прогласена за земја “ослободена од полио” од страна на Светската Здравствена Организација (СЗО) во јуни 2002 година, заедно со останатите европски земји – на ниво на СЗО Регион.
Последниот случај на автохтона детска парализа е регистриран во 1987 година.
До денес, во Македонија не е регистриран ниту импортиран случај на детска парализа, предизвикан од див полиовирус.

Ова е резултат секако на високиот опфат на населението со вакцина против полиомиелитис, но и на будноста и заложбите на јавно-здравствените авторитети и надлежните институции во републиката, кои и покрај сертификацијата за “ослободена од полио земја”, продолжуваат континуирано да ги спроведуваат мерките и активностите за активен надзор над можна појава на импортиран случај на полиомиелитот, преку следење и иследување на појавата на акутната флакцидна парализа, за која редовно се известува и Светската Здравствена Организација.