ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на првата недела од 2016 година (04.01 – 10.01.2016), во Република Македонија од 14 извештајни единици пријавени се 277 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 13,4 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 67,9% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 16,6% споредено со 1-вата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 332 случаи (Графикон 1).

Оваа недела пријавениот број на случаи е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (120) (Графикон 1). Веќе трета недела бројот на  регистрирани случаи ја надминува сезонската активност, што говори во прилог на интензивирање на сезонската активност на грип, иако бројот на случаи е значително помал од очекуваната (типична) епидемиска крива (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 grafikon

Во првата недела од 2016, најголем број заболени (n=225) се пријавени во возрасната група од 15-64 години каде е регистрирана и најголема инциденца од 15,4/100.000 жители, Кај децата на возраст од 0-4 години се регистрира втора највисока инциденца оваа недела од 12,9/100.000.

Оваа недела најголем број заболени (55) се пријавени од ЦЈЗ Тетово, ЦЈЗ Куманово и ЦЈЗ Охрид со регистрирани 45 заболени и ЦЈЗ Прилеп каде се пријавени 42 случаи.

Најголема инциденца од 80,2/100.000 е регистрирана во ЦЈЗ Охрид (Картограм).

 Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, прва недела

 mapa

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 1.525, а кумулативната инциденца –73,7 на 100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 22 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (n=421; 27,6%),  ЦЈЗ Куманово (n=279; 18,3%) и ЦЈЗ Прилеп (n=256; 16,8%), додека во останатите региони се регистрираат помал број на случаи. Највисока инциденца е забележана во Крушево и изнесува 325,3/100.000 (вкупно 31 заболени).

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 1.022 случаи (67,0%), а најголема кумулативна инциденца од 122,2/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, како и кај децата на возраст од 5-14 години (112,8/100.000 жители).

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци, покажува дека во месец октомври пријавени се 225 случаи на грип/заболувања слични на грип (14,7%), во ноември – 431 случај или 28,3%, а во месец декември, пријавени се 592 случаи или 38,8% од вкупниот број на заболени во оваа сезона. Во првата недела од месец јануари, пријавени се 277 случаи или 18,2%.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ анализирани се 6 примероци за присуство на вирусот на грип, сите се негативни за присуство на инфлуенца вирусот. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 35 примероци, два  (5,7%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран и Influenza B).

  

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

 Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.277 лица и потрошени  87% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на првата недела од 2016 вакцинирани се 19 лица, најголем број од нив во Скопје – 9. До затварање на извештајот, не е добиена информација за број на вакцинирани лица на територијата на ЦЈЗ Велес.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,1% (n=15.796), 34,9% (n=9.181) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,8% (n=480) од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.935 или 68,3% се лица со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица).

Од вкупниот број на набавени вакцини од страна на ЦЈЗ Велес, 480 се дадени за потребите на припадниците на Министерството за одбрана, на јужната граница на државата.

Нема податоци за бројот на ново-вакцинирани лица во ПЗУ. Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица и тоа во ПЗУ Медика во Скопје. Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години, од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%) и од 5-29 години – 57 лица (8,7% од сите вакцинирани).  Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата е завршена во 9 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

 Бројот на регистриран случаи на грип е над границата за сезонска активност, но под очекуваниот број за овој период од сезоната. Релативно малиот број на ЦЈЗ/ПЕ кои пријавуваат случаи, како и нискиот процент на позитивни резултати од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска активност и спорадична географска распространетост на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.


ЕВРОПСКИ РЕГИОН

 Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 53 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип останува со низок интензитет во повеќето земји од европскиот регион.

Процентот на позитивни примероци на грип од сентинел надзорот продолжи да се зголемува, од 18% во 52 недела, на 30% во 53 недела, но најголемиот број на позитивни резултати е само од две земји (Израел и Турција).  Зголемувањето на процентот на позитивни примероци се должи А/H1N1pdm09 типот на грип кој се детектира почесто (73,9% од инфлуенца А) во однос на типовите А/H3N2 и Б вирусот на грип.

Процентот на инфлуенца-позитивните примероци во сентинел надзорот е над 10% во три последователни недели што укажува на почеток на сезоната на грип во 51 недела.

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје