ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 4-тата недела од 2016 година (од 25.01 – 31.01.2016), во Република Македонија од 26 извештајни единици пријавени се 1.942 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 93,9 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 2,4 пати во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 49,4% споредено со 4-тата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 1.300 случаи, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои зголемување од 24,7% (Графикон 1).

Наведените факти говорат во прилог на значително интензивирање на сезонската активност на грип во текот на оваа недела (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1 (2)

Во 4-тата недела од 2016, најголем број заболени (n=1.493) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, каде истовремено е регистрирана и најголема инциденца од 102,3 на 100.000 жители. Втора највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај школските деца на возраст од 5-14 години (I=95,5/100.000).

Оваа недела најголем број заболени (322) се пријавени од ЦЈЗ Струмица, ЦЈЗ Битола има регистрирано 207 заболени, ПЕ Свети Николе – 206, каде е регистрирана и највисока инциденца во текот на оваа недела (I=1.004,3/100.000), ЦЈЗ Прилеп – пријавени 201 случај, ПЕ Кавадарци -150  и ЦЈЗ Куманово, каде се пријавени 140 заболени лица (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 4-та недела 2016 година.           

   мапа

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 4.880, со инциденца од 235,8 на 100.000 жители. Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е помал за 5,9%, а во однос на моделот за последните пет сезони се регистрира исто така намалување од 11,4%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 28 извештајни единици. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=678; 13,9%), ЦЈЗ Куманово (n=647; 13,3%), ЦЈЗ Прилеп (n=614; 12,6%), и ЦЈЗ Тетово (n=591; 12,1%). Највисока инциденца е забележана во Свети Николе и изнесува 1.179,8/100.000 (вкупно 242 заболени), како и во ПЕ Кратово (I=1.065,9/100.000) (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и морбидитет од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ, сезона 2015/16

Grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 3.624 случај (74,3%), а најголема кумулативна инциденца од 274,4/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (267,7/100.000 жители) (Графикон 4).

 Графикон 4. Дистрибуција на случаи и инциденца од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот на месец јануари – 3.632 случаи или 74,4% од вкупниот  број во сезоната (Графикон 5).

Графикон 5. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

  Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ анализирани се 3 примероци за присуство на вирусот на грип, од кои еден материјал е позитивен за присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран). Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 45 примероци, три (6,7%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (2 Influenza A – нетипизирани и Influenza B).

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.399 лице и потрошени  87,4% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на третата недела, вакцинирани се 18 лица – најголем број од нив во Скопје (11), додека 80,4% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,0% (n=15.836), 35,0% (n=9.234) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,9% од сите вакцинирани. Вакцинирани се 6 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 17.978 или 68,1% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип. 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Бројот на регистриран случаи на грип бележи интензивен пораст во последната недела. Иако постои широка географската распространетост (90,3% од ЦЈЗ/ПЕ пријавиле случаи во текот на сезоната), сепак процентот на позитивни примероци е сè уште мал. Може да се констатира дека активноста на вирусот на грип како и географската распространетост на територијата на Македонија континуирано се зголемува. Се очекува понатамошен пораст на активноста на грип и во наредните недели.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 3 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип се зголемува. Најголем дел од земјите кои обезбедиле податоци (45) пријавиле локална распространетост и среден интензитет, а само во 6 земји (Финска, Грузија, Грција, Ирска, Малта, Украина) е регистрирано високо ниво на активност на вирусот на грип.

Оваа недела, 40% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.

Influenza A(H1N1)pdm09 и понатаму е доминантен подтип уште од почетокот на сезоната, а во тековната недела на него се должат 65% од позитивните тестирани примероци.

Доминацијата на A(H1N1)pdm09 кореспондира со зголемениот број на случаи на тешка акутна респираторна инфекција (SARI) во источноевропските земји, претежно кај лица на возраст од 15-64 години.

Околу три четвртини (78%) од откриените вируси оваа сезона се тип А, а 22% се тип Б. Најголем дел од Influenza А e А (H1N1) pdm09 подтипот, а од Influenza B – B/Victoria.

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

  

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје