ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 52-рата недела од 2015 година (21.12 – 27.12.2015), во Република Македонија од 12 извештајни единици пријавен е 131 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 6,3 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 20,2% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 70,8% споредено со 52-рата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 449 случаи (Графикон 1).

Оваа недела пријавениот број на случаи е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (120) (Графикон 1). Иако бројот на регистрирани случаи неделава ја надминува границата на сезонската активност, што значи дека и официјално влеговме во сезоната на грип, значително е помал (за 59,2%) во однос очекуваната (типична) епидемиска крива  на грип за оваа недела.

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 grafikon 1 (1)

Во 52-рата недела од оваа сезона, најголем број заболени (n=67) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 19,8/100.000 жители е регистрирана кајдецата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени (30) се пријавени од ЦЈЗ Прилеп, ЦЈЗ Тетово со регистрирани 29 заболени и ЦЈЗ Куманово каде се пријавени 22 случаи.

Најголема инциденца (I=42,0/100.000) е регистрирана во ПЕ Крушево каде во текот на 52-рата недела, регистрирани се 4 заболени лица (Картограм).

 

Картограм. Инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 52-ра недела

 kartogram

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 1.083, а кумулативната инциденца –52,3 на 100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 20 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (339; 31,3%), ЦЈЗ Прилеп (221; 21,4%) и ЦЈЗ Куманово (209; 19,3%), додека во останатите региони се регистрираат помал број на случаи. Највисока инциденца е забележана во Крушево и изнесува 304,3/100.000 (вкупно 29 заболени).

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 692 случаи (63,9%), а најголема кумулативна инциденца од 100,7/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, како и кај децата на возраст од 5-14 години (86,8/100.000 жители).

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци, покажува дека во месец октомври пријавени се 225 случаи на грип/заболувања слични на грип (20,8% од вкупниот број на заболени во сезоната 2015/2016), а во месец ноември – 431 случај или 39,8%. Досега во месец декември, пријавени се 427 случаи или 39,4% од вкупниот број на заболени во оваа сезона.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела во ИЈЗ пристигнати се 2 примероци за тестирање на присуство на вирусот на грип и двата се тестирани негативни. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 28 примероци, два  (7,1%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (Influenza A – нетипизиран и Influenza B).

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Во текот на 52 недела, во ЦЈЗ/ПЕ  се вакцинирани вкупно 50 лица, од кои 18 во Скопје.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 26.231 лица, и потрошени се 86,8% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,2%, 34,9% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,8% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 68,3% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 814 здравствени работници (3,1% од сите вакцинирани лица).

Од вкупниот број на набавени вакцини од страна на ЦЈЗ Велес, 480 се дадени за потребите на припадниците на Министерството за одбрана кои ја обезбедуваат јужната граница на државата.

Во текот на сезоната, во една од приватните здравствени установи во Скопје (ПЗУ Медика), вакцинирани се 656 лица. Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години, од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%) и од 5-29 години – 57 лица (8,7% од сите вакцинирани).  Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата е завршена во 9 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

До затварање на извештајот, не доставија извештај за број на вакцинирани лица за оваа недела ПЕ Берово и ПЕ Пехчево.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип кој се движи околу неделната граница за сезонска активност, малиот број на ЦЈЗ/ПЕ кои пријавуваат заболени лица, како и нискиот процент на позитивни резултати од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на ниска активност и спорадична географска распространетост на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 51 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип останува со низок интензитет во повеќето земји од европскиот регион.

Иако бројот на регистрирани случаи е стабилен, се зголемува процентот на позитивни примероци на грип од 6% во 50 недела, на 11% во 51 недела. Зголемувањето на процентот на позитивни примероци се должи А/H1N1pdm09 типот на грип кој се детектира почесто во однос на типовите А/H3N2 и Б вирусот на грип.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје