ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 6-тата недела од 2016 година (08.02 – 14.02.2016), во Република Македонија од 30 извештајни единици пријавени се 4.230 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 204,4 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 35,3% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,6 пати споредено со 6-тата недела од минатата сезона и за 72,7% во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони (Графикон 1).

Наведените факти говорат во прилог на значително интензивирање на сезонската активност на грип кое продолжува и оваа недела, и е над горната неделна граница на очекуван број на случаи (3.628) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип  во 2015/2016, споредено со сезона 2014/2015 и моделирана типична сезонска крива од последните 5 сезони

grafikon 1

Во 6-тата недела се пријавени два смртни исходи асоцирани со грип, кај две лица од Битола, на возраст од 68 и 74 години – и двајцата со историја на хронични болести.

И во 6-тата недела, најголем број и процент од заболените (n=2.759; 65,2%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај најмладите – децата на возраст од 0-4 години (I=327,0/100.000), па потоа кај децата/ учениците на возраст од 5-14 години – 319,7/100.000 жители.

Оваа недела, најголем број заболени се пријавени од страна на ЦЈЗ Скопје (n=472). Поголем број на случаи се регистрирани и на териториите на ЦЈЗ Струмица (n=428), ЦЈЗ Битола (n=441) и ЦЈЗ Велес (n=401), како и во ЦЈЗ Прилеп (382), ПЕ Кавадарци (343) и  ЦЈЗ Охрид (303).

Највисока инциденца и во оваа недела, како и претходните две, е регистрирана во ПЕ Свети Николе (I=1.018,9/100.000) каде се регистрирани 209 заболени лица, како и во Кавадарци (I=797,0/100.000) со 343 заболени и Велес (I=605,2/100.000) со 401 заболено лице (Картограм).

Картограм.  Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 6-та недела 2016 година.

 mapa

Вкупниот број на пријавени случаи од грип во текот на оваа сезона изнесува 12.237,  со инциденца е 591,4/100.000 жители. Во споредба со истиот период минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 44,2%, а во однос на моделот за последните пет сезони се регистрира зголемување од 23,1%.

Во текот на целата сезона, пријавени се заболени лица од 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=1.500; 12,3%), ЦЈЗ Прилеп (n=1.395; 11,4%), ЦЈЗ Битола (n=1.152; 9,4%), ЦЈЗ Куманово (n=1.100; 9,0%) и ЦЈЗ Скопје (n=1.056; 8,6%). Нема пријавено заболени лица само во ПЕ Валандово (Графикон 2).

Највисока вкупна инциденца (I=3.441,9/100.000) е регистрирана во ПЕ Свети Николе, каде се пријавени вкупно 706 заболени лица, висока инциденца е регистрирана и во ПЕ Кавадарци (I=1.905,5/100.000) со 820 заболени, а уште во 5 градови (Струмица, Охрид, Прилеп, Кратово и Битола) инциденцата на ова заболување е помеѓу 1.000 и 1.600/100.000 жители (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и морбидитет од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ, сезона 2015/16

grafikon 2

Според возрасната дистрибуција, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 8.591 случај (70,2%), а најголема кумулативна инциденца од 803,2/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (795,2/100.000 жители) (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца од сезонски грип по возраст, сезона 2015/16

 grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот  на првите две недели на месец февруари, кога пријавени се 7.357 случаи или 60,1% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 6-тата недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ e тестиран еден материјал за присуство на грип, кој е позитивен на Influenza A – нетипизиран.

Од почетокот на сезоната 2015/2016, тестирани се вкупно 58 биолошки материјали од здравствените установи – амбулантски и болнички лекувани пациенти (рутински и сентинел надзор), од кои 9 или 15,5% се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A(H1N1)pdm09, 4 се Influenza A – нетипизирани  и 2 –  Influenza B).

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.  Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.724 лице и потрошени  88,4% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 6-тата недела, вакцинирани се 54 лица – најголем број од нив во Охрид (38), а 80,2% примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,1% (n=16.060), 34,9% (n=9.314) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,0% (n=534) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.155 или 67,9% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Нема податоци за бројот на ново-вакцинирани лица во ПЗУ. Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица и тоа во ПЗУ Медика во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години, од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%) и од 5-29 години – 57 лица (8,7% од сите вакцинирани).  Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Продолжува интензивниот раст на бројот на регистрирани случаи на грип и оваа недела, како и процентот на позитивно тестирани примероци.

Постои широка географска распространетост – 96,8% од ЦЈЗ/ПЕ пријавиле случаи во последната недела.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип е со висок интензитет и широка географската распространетост.

Се очекува порастот на активноста на грип да продолжи, така што и во наредните неколку недели ќе се регистрираат високи бројки на заболени.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 5 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот е зголемена. Најголем дел од земјите кои обезбедиле податоци (25/50) пријавиле висок интензитет на ИЛИ и АРИ, а 38 земји регистрирале позитивни примероци преку сентинел надзорот.

Во три земји (Белорусија, Грција, Ирска) е регистрирано високо ниво на активност на вирусот на грип, а во три земји (Финска, Русија, Украина) многу високо ниво.

Во однос на географската распространетост, 5 земји пријавиле спорадична, 9 локална, 4 регионална и 25 широка распространетост.

Оваа недела, 46% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.

Influenza A(H1N1)pdm09 и понатаму е доминантен подтип уште од почетокот на сезоната, а во тековната недела на него се должат 51,7% од позитивните тестирани примероци.

Доминацијата на A(H1N1)pdm09 кореспондира со зголемениот број на случаи на тешка акутна респираторна инфекција (SARI), претежно кај лица на возраст од 15-64 години.

Околу три четвртини (73%) од детектираните вируси оваа сезона се тип А, а 27% се тип Б. Најголем дел од Influenza А отпаѓаат на подтипот А(H1N1)pdm09 (81,3%), а од Influenza B, од типизираните – B/Victoria (24,7%).

Инфлуенца А(H1N1)pdm09 преовладува меѓу хоспитализираните случаи со лабораториски потврдена инфекција на грип пријавени од почетокот на сезоната. Од 40 недела/2015, седум земји пријавиле 920 случаи од одделите за интензивна нега и 726 од други оддели. Инфлуенца А вирусите се откриени кај 94% од случаите во одделите за интензивна нега, а А (H1N1)pdm09 е доминантен поттип (95%). Во сите други оддели, 23% од откриените вируси се инфлуенца Б, а 77% се инфлуенца А, а А(H1N1)pdm09 е доминантен поттип (97%).

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје