ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на третата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 2.417 новозаболени лица со инциденца од 116,8 на 100.000 жители, што претставува намалување од 55,8% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 5.472 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи одговара на средно ниво на активност, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

sl 1

Оваа недела, најголем број заболени (n=259) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Битола, следат ЦЈЗ Прилеп (n=243) и ЦЈЗ Охрид (n=228).

Највисока инциденца од 556,5/100.000 жители е пријавена од подрачјето на ПЕ Ресен, а границата за многу висока активност е надмината уште во ЦЈЗ Охрид. Висока активност се регистрира на територија на ЦЈЗ Битола, ЦЈЗ Прилеп и ПЕ Кавадарци, а во 11 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на средно ниво. Во 11 ЦЈЗ/ПЕ активноста е на ниско (сезонско) ниво, во 3 ЦЈЗ/ПЕ е на многу ниско ниво, а само во ПЕ Валандово не е регистриран случај (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 3 недела 2017

sl 2

Како и во претходната, така и во третата недела од 2017 најголем број заболени (n=1.735) односно 71,8% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што е исто со процентуалното учество од претходната недела (71,9%). Во пријавените случаи од 3-та недела, лицата над 65 години учествуваат со 17,5% (n=423),  децата од 5-14 години со 5,6% (n=136), а со најмал процент – децата на возраст од 0-4 години  (5,1%;  n=123).

Највисока инциденца од 161,4 на 100.000 жители е регистрирана кај лицата постари од 65 години, инциденцата кај лицата на возраст од 15-64 години изнесува 118,9/100.000, кај децата на возраст од 0-4 години неделната инциденца е 105,9/100.000 жители, а најниска инциденца се регистирира кај школските деца на возраст од 5-14 години и изнесува 58,8 на 100.000 жители.

Во однос на претходната недела бројот на регистрирани случаи и инциденцата кај децата до 14 години се намалени за три пати, кај повозрасните групи од 15-64 и над 65 години исто така се регистрира намалување во однос на претходната недела (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017

sl 3

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип изнесува 31.732 со кумулативна инциденца од 1.533,6 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (4.359), ЦЈЗ Струмица (3.041), ПЕ Кавадарци (2.828), ПЕ Гостивар (2.731) и ЦЈЗ Битола (2.663).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.571,5/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.499,2/100.000; n=1.128) и ЦЈЗ Струмица (I=3.210,6/100.000; n=3.041) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017

sl 4

Од вкупниот број на регистрирани случаи на грип/заболувања слични на грип,  во  октомври се регистрирани 0,5% или 171случај, во ноември – 1,7% (532 случаи), додека во декември беа пријавени  47,5% (15.073 случаи), а во трите недели од јануари се пријавени 15.956 случаи или 50,3% од вкупниот број во сезоната.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 21.719 случаи (68,4%), а најголема кумулативна инциденца од 1.871,7 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години и децата на возраст од 0-4 години (1.814,2/100.000), каде што кумулативно се регистрирани 4.332 односно 2.108 случаи. Кај најстарата возрасна група, лица над 65-годишна возраст, кумулативниот број е 3.573 случаи, со инциденца 1.363,0 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

sl 5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 3-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, на присуство на вирусот на грип се тестирани 15 примероци, од кои 9 или 60% се позитивни за присуство на вирусот на грип. Сите позитивни примероци припаѓаат на Influenza А типот – A/H3.

Од почетокот на сезоната 2016/2017, во оваа лабораторија се тестирани вкупно 115 биолошки материјали од рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 50 материјали (43,5%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа: 48 – Influenza A/H3, 1 е нетипизиран Influenza A вирус и еден е Influenza B.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи укажуваат на ран почеток на сезоната. Неделниот број на пријавени случаи укажува на средно ниво на активност. Оваа недела, само на територија на 2 ЦЈЗ/ПЕ се регистрира многу висока активност, а висока активност има на територија на 3 ЦЈЗ/ПЕ, во останатиот дел од земјата се регистрира средна или ниска активност.

Како и претходната, и оваа недела  намалување се регистрира кај сите возрасни групи, што укажува на намалување на интензитетот на грип. Сепак, сезоната на грип е сеуште активна и не може да се исклучи евентуален нов бран, но со помал интензитет во претстојниот период до 20 недела од 2017.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 2 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип и понатаму е на високо ниво во земјите од регионот, а во 8 земји активноста е на високо или многу високо ниво. Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 46% што претставува намалување во споредба со минатата недела (52%). Најголемиот број на примероци се инфлуенца А (А/H3N2). Зголемен е бројот на хоспитализирани лица, а предоминираат лицата постари од 65 години со инфлуенца А инфекција.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот (96%), а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Мината сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09. Во сезона во која доминира активноста на А (H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје