Во текот на 49-та недела од 2016 година (од 05.12.2016 – 11.12.2016), во Република Македонија пријавени се 273 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што е зголемување за 2,2% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 267 заболени лица. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 3,4 пати споредено со 49-та недела од минатата сезона, кога беше регистриран 81 случај (Графикон 1).

Пријавениот број на случаи на грип и заболувања слични на грип, и oваа недела е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (n=148), што значи дека прагот за влез во сезоната е достигнат и надминат (Графикон 1).

Графикон 1. Број на заболени од сезонски грип/заболувања слични на грип, по недела на пријавување во     сезоната 2016/2017, споредена со очекувана сезонска крива и сезона 2015/2016

Графикон 1 (1)

Најголем број заболени на неделно ниво (103) и највисока инциденца на 100.000 жители се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Куманово.

Како и претходната, во 49-та недела најголем број заболени (n=178, 65,2%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 19,4/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 1.243, а кумулативната инциденца – 60,1/100.000 жители. Случаи на грип/заболувања слични на грип се пријавени од 23 извештајни единици, а во 9 од нив бројот на пријавени заболени лица е помал од 10. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Куманово (372) и ЦЈЗ Тетово (267), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи. Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Свети Николе (I=399,8/100.000) каде има пријавено 82 заболени и во ПЕ Дебар (I=335,1/100.000), со 93 заболени лица (Графикон 2).

 Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017

Графикон 2

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 750 случаи (60,3%), а најголема кумулативна инциденца од 105,0/100.000 се регистрира и кај децата на возраст од 0-4 години и кај децата на возраст од 5-14 години.

Во 49-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 13 примероци на присуство на вирусот на грип. Од тестираните примероци, 4 се позитивни за присуство на вирусот на грип A/H3N2. Во текот на оваа сезона, од досега пристигнатите 47 примероци, добиени се 4 позитивни резултати за присуство на вирусот на грип (Influenza A/H3N2).

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Пријавениот број на случаи на грип и заболувања слични на грип на територија на Македонија како и првите лабораториски конфирмирани случаи на грип покажуваат дека сме официјално во сезоната на грип. Сепак, анализата на епидемиолошките и виролошките показатели, укажува на ниска активноста на вирусот на грип.

                                                                                                                   

ВАКЦИНАЦИЈА: Од 43 недела, 2016 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, заклучно со 49-та недела, вакцинирани се вкупно 26.607 лица и потрошени се 99,8% од вкупно набавените вакцини за оваа сезона. Во 49 недела вакцинирани се 41 лице.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.320 лица или 57,6%. На возраст од 30-64 години, вакцинирано е 9.981 лице или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 693 лица или 2,6%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници вакцинирани се 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 17.895 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата против сезонски грип е завршена во 26 ЦЈЗ/ПЕ.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 48 недела/2016) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип е на ниско ниво со локална, регионална или спорадична географска активност низ земјите од Регионот. Забележан е раст на активноста во некои земји. Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела е 19%.

Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот достигна до 10% со што е достигнат прагот кој укажува на зголемена регионална активност на вирусот на грип. Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 49-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје