ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 19-та недела од 2018 година, пријавени се 35 случаи на грип/заболувања слични на грип со инциденца од 1,7 на 100.000 жители, што е зголемување во споредба со минатата недела (21 случај).

Споредено со 19-та недела од минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, бројот на заболени оваа недела е поголем за 67% (Графикон1).

Ова е осма недела по ред во која активноста на вирусот на грип е под неделната граница за ниска (сезонска) активност (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

 sl;ika 1

Оваа недела најголем број заболени лица (n=13) се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје и ПЕ Гостивар каде е регистрирана и највисока инциденца (10,9/100.000 жители). Во останатите 3 ЦЈЗ/ПЕ кои пријавија случаи во текот на неделата, бројот на заболени е помал или еднаков на 6.

Во сите извештајни единици во земјата се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, односно активноста е на вон-сезонско ниво.

Исто како и во претходните недели и во 19-та недела најголем број заболени – 16 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 11,2/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години каде се пријавени 13 случаи.

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно е пријавен 23.941 случај на грип/заболувања слични на грип со вкупна инциденца од I=1.157,0/100.000.

Регистрираниот број на случаи е помал за 32% споредено со истиот период од минатата сезона (35.053).

Досега, најголем број на заболени лица – 3.130 се регистрирани во ЦЈЗ Скопје, а поголем број е пријавен и во ПЕ Гостивар (2.410) и ЦЈЗ Струмица (2.328). Највисока вкупна инциденца од 3.820,2 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и I/100.000 жители, сезона 2017/2018

 slikaa 2

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, 61% (14.584) од сите заболени се во возрасната група од 15-64 години, а највисока вкупна инциденца од 2.069,5/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 10%) и достигнување врв во февруари (12.951 или 54,1%). Во мај, регистрирани се 56 заболени или 0,2% од заболените во сезоната 2017/2018.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката, со доминација на B вирусите.

Во текот на 19-та недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 3 примероци, негативни за присуство за грип.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се и анализирани вкупно 482 хумани материјали, од кои 242 (50,2%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од позитивните примероци, на инфлуенца Б отпаѓаат 69%, а на инфлуенца А 31%. Од инфлуенца Б вирусите 88% се B (Yamagata), 5% B(Victoria) и кај 7% не е одредена линијата. Од инфлуенца А вирусите 80% се суб-типизирани како Influenza A(H1N1)pdm09, останатите 20% не се суб-типизирани.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип осма недела по ред е на ниво кое се регистрира надвор од сезона на грип.

Пет недели со ред нема позитивни или не се испратени примероци за тестирање од вирусолошкиот надзор, што исто така укажува дека активноста на вирусот на грип континуирано се намалува и сезоната завршува.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 18 недела/2018), активноста на вирусот на грип во европските земји е на меѓусезонско ниво, а 6% од тестираните примероци биле позитивни на инфлуенца вирусот.

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B, а линијата B/Yamagata продолжува да доминира.

Резултатите од 5 европски студии укажуваат на ефикасност на вакцината од 25 до 52% против било кој тип на вирусот на грип.

Поголемиот дел од тешките случаи пријавени оваа сезона се должат на инфекција со вирусот на инфлуенца тип Б и најчесто се јавуваат кај лица постари од 15 години. Морталитетот (од сите причини) се врати на нормални очекувани нивоа во сите 20 земји и региони кои пријавуваат на EuroMOMO.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје