ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 2-ра недела од 2018 година (од 08.01.2018 – 14.01.2018), во Република Македонија пријавени се 428 (I=20,7/100.000) новозаболени лица од грип/на грип слични заболувања, што е зголемување за 74% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 246 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 5.475 случаи, постои значително намалување на бројот на заболени во 2-рата недела, кое изнесува 92,2%.

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични  на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

1

Во 2-ра недела најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца се регистрира кај најмалите – децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (125). Највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар (108,1/100.000 жители).

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, само на подрачјето на ЦЈЗ Прилеп, ПЕ Гостивар, ПЕ Дебар, ПЕ Кичево и ПЕ Пехчево се регистрира ниска (сезонска) активност, во 14 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите 12 извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 2 недела 2017

мапа 2 недела

Кумулативни податоци

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 1.756 (I=84,9/100.000).

Регистрираниот број на случаи е помал за 94% споредено со истиот период од минатата сезона (29.318).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 24 ЦЈЗ/ПЕ.

Најголем број на заболени лица – 408 се регистрирани во ПЕ Гостивар и 269 во ЦЈЗ Тетово, а најголема инциденцата е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар (I=745,8/100.000).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 1.196 случаи (68,1%), а најголема кумулативна инциденца од 102,0/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 2-рата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 16 материјали за грип. Од тестираните материјали, 6 се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – 2 Influenza A(H1N1)pdm и 4 Influenza B (Yamagata).

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 98 хумани материјали од здравствените установи од кои 12 (12,2%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, од кои 6 се Influenza A (5 суптипизирани како А(H1N1)pdm и еден А несуптипизиран), а 6 се Influenza B (Yamagata).

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Бројот на регистрирани случаи на грип е под неделната граница на сезонска активност, и иако се зголемува инциденцата и процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор кој оваа недела надминувa 10%, активноста на грип е сéуште на ниско (вон-сезонско) ниво и оваа недела, со очекување на пораст на активноста во следните недели.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација во јавните здравствени установи, за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 1 недела/2018) за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип се зголемува во земјите од западниот, северниот и јужниот дел од континентот. Низок интензитет на активност се регистрира во 15 земји, а во три (Ирска, Велика Британија и Италија) се регистрира висок интензитет на активност на вирусот на грип. Во однос на географската распространетост, во 19 земји се регистрира спорадична, во 3 локална, во 4 регионална и во 16 широка распространетост.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 42% од тестираните материјали од сентинел надзорот (во однос на 44% минатата недела), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (28,1%) и Influenza B вирусот (71,9%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 34,9% (59,6% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 65,1% (95,5% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 64% припаѓаат на вакциналниот сој, а 36% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во југозападниот и северниот дел од Велика Британија.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје