ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 6-та недела од 2018 година (од 05.02.2018 – 11.02.2018), во Република Македонија пријавени се 2.964 (I=143,3/100.000) новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип, што е зголемување за 48% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 2.001 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 386 заболени, постои зголемување на бројот на заболени во 6-тата недела за 7,7 пати.

Регистрираната инциденца и oваа недела е над неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип, според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018

1

Во 6-та недела најголем број заболени – 1.650 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 327,1/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=326) се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Битола, а највисока инциденца (576,5/100.000 жители) е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, само на подрачјето на ПЕ Дебар, ПЕ Кратово, ПЕ Ресен, ПЕ Кавадарци и ПЕ Македонски Брод се регистрира многу висока активност; на подрачјето на ЦЈЗ Битола и ПЕ Кичево – висока активност, на подрачјето на 7 ЦЈЗ/ПЕ – средна активност, на подрачјето на 9 ЦЈЗ/ПЕ – ниска (сезонска) активност, во 4 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите 4 извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип (Картограм 1)

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 6 недела 2017

sl2

Кумулативни податоци

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 8.443 (I=408,0/100.000).

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал (> 4 пати) споредено со истиот период од минатата сезона (33.883).

Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 29 ЦЈЗ/ПЕ.

Досега, најголем број на заболени лица – 1.512 се регистрирани во ПЕ Гостивар, а поголем број е пријавен и во ЦЈЗ Тетово (937) и ЦЈЗ Куманово (834). Највисока инциденцата од 2.021,3 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 5.208 случаи (62%), а највисока кумулативна инциденца од 709,4/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 28%) и достигнување врв во првите 2 недели од февруари (4.965 или 59%).

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот во републиката.

Во текот на 5-тата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 64 материјали за грип. Од тестираните материјали, 51 (79,7%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – 38 Influenza B (Yamagata), 9 Influenza A(H1N1)pdm и 4 Influenza А – несуптипизиран.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во ИЈЗ пристигнати се вкупно 218 хумани материјали од здравствените установи, од кои 86 (39,4%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Од нив, 28 се Influenza A (22 суптипизирани како А(H1N1)pdm и 6 А несуптипизиран), а 58 се Influenza B (Yamagata).

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност, а се регистрира и широка географска распространетост.

Исто така, се зголемува и процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор (слично како и во останатите земји во Европа), кој е особено висок во изминатата недела, што се заедно укажува дека сме во ек на сезоната на грип.

Се очекува пораст на активноста и достигнување на пикот на сезоната во следните недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ на располагање за вакцинација против сезонски грип за оваа сезона беа 27.997 дози на вакцина.

Искористени се сите набавени вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип во најголем дел од земјите од регионот. Низок интензитет на активност се регистрира во 13 земји, среден во 27, во 5 од нив се регистрира висок интензитет, a во Албанија, Финска и Луксембург се регистрира многу висок интензитет на активност на вирусот на грип.

Во однос на географската распространетост, во 7 земји се регистрира спорадична, во 4 локална, во 5 регионална и во 30 широка распространетост.

Во текот на оваа недела, како позитивни се потврдени 57% од тестираните материјали од сентинел надзорот (во однос на 42-50% минататите недели), со заедничка ко-циркулација на Influenza А (31%) и Influenza B вирусот (69%).

Во досегашниот дел од сезоната се забележува заедничка циркулација на Influenza А со 34,3% (62,8% – А (H1N1)pdm09) и Influenza B со 65,7% (96,7% – B/Yamagata) во сентинел надзорот.

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, 58% припаѓаат на вакциналниот сој, а 37% се антигенски слични на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона. B/Yamagata сојот доминира од регистрираните Influenza B вируси, но овој сој не е вклучен во тривалентната вакцина за оваа сезона.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во земјите од јужниот дел од Европа и Велика Британија.

 

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје