ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 1-ва недела од 2019 година (31.12.2018-06.01.2019), во Република Македонија пријавени се 196 (I=9,5/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, што е намалување за 3,0% во споредба со минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 20,3% споредено со 1-ва недела од минатата сезона (n=246), а во однос на бројот за 1-ва недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 80,8% (Графикон 1).

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=35,07/100.000). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

gripp1

Како и во текот на сите претходни недели од почетокот на сезоната, така и во 1-ва недела, најголем број заболени (n=146; 74,5%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 13,0/100.000 жители е регистрирана кај лицата од возрасната група од 5-14 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 14 извештајни единици, а во 6 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар каде е регистрирана и највисока инциденца (n=73, I=61,0/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Во 13 извештајни единици се регистрира многу ниска, додека во една се регистрира ниска (сезонска) активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 1 недела 2019

 1 nedela

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 1.414 (I=68,3/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.328), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 6,5%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=2.661) се регистрира намалување од 46,9%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 25 извештајни единици, а во 16 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10 (Табела 1 во Прилог).

Најголем број на заболени лица  се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=288; 20,4%; I=240,5/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=227; 16,1%; I=113,6/100.000) и ЦЈЗ Куманово (n=163; 11,5%; I=114,2/100.000) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Македонски Брод (I=250,1/100.000) каде се регистрирани вкупно 28 заболени лица, а висока инциденца е регистрирана и во ПЕ Гостивар и ПЕ Свети Николе (I=229,1/100.000) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

gripp 2

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 977 (69,1%), а највисока кумулативна инциденца од 105,9/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).

Графикон 3. Дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip3

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 51 заболен или 3,6%
  • ноември – 383 заболени или 27,1%
  • декември – 784 заболени или 55,4%
  • јануари – 196 заболени или 13,9%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 1-вата недела од 2019, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 5 материјали за тестирање на грип, сите негативни за присуство на вирусот на грип.

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 50 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои два (4,0%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца, еден Influenza A/H3 и еден Influenza A несубтипизиран.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Во последните две недели се регистрира намалување на бројот на заболени лица што може до се должи на Новогодишните празници и неработните денови во тој период. Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и нискиот процент на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор, одат во прилог на многу ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Република  Македонија. Се очекува интензивирање на активноста во наредниот период.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО).

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 05.11.2018, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 19.942 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип, односно 71,2% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.322 лица заклучно со 1-ва недела на територијата на Р. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.955 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.366 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 801 лица или 4,1%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.089 лица или 72,9% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во текот на 1-ва недела, не е пристигнат извештај за вакцинирани лица против сезонски грип во ПЗУ. Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица од вкупно 200 набавени вакцини (25,0%). Најголем дел од вакцинираните (42,0%) се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 52 недела/2018) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, активноста на вирусот на грип во Европскиот регион продолжи да се интензивира. Земјите треба да продолжат да ја поттикнуваат вакцинацијата.

Оваа недела, позитивни се 37% (22% во минатата недела) од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона, во сентинел надзорот предоминира инфлуенца А со 98,1%, со заедничка циркулација на A(H3N2) и A(H1N1)pdm09.

Од примероците од редовниот надзор, околу две третини од позитивните се A(H1N1)pdm09.

Повеќето од хоспитализираните лабораториски потврдени инфекции со инфлуенца се поврзани со A(H1N1)pdm09 и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Доминантните вируси кои циркулираат – A(H1N1)pdm09 и A(H3N2) се совпаѓаат со компонентите на вакцината, иако досега мал дел од нив се генетски и антигенски карактеризирани.

Податоците од 13-те земји-членки кои известуваат до EuroMOMO покажаа дека смртноста од сите причини е на очекуваното ниво за ова време од годината.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје