ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на 48-ма недела од 2018 година (26.11-02.12.2018), во Република Македонија пријавени се 90 (I=4,4/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, што е зголемување за 21,6% во споредба со минатата недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 25,6% споредено со 48-ма недела од минатата сезона (n=121), а во однос на бројот за 48-ма недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони) постои намалување од 16,1% (Графикон 1).

Пријавениот број на случаи е под бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (n=726). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

Како и претходната, во 48-ма недела најголем број заболени (n=63; 70,0%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 12,1/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 16 извештајни единици, а во 3 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица (n=18, I=19,0/100,000), додека највисока инциденца од 62,5/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Македонски Брод (n=7 заболени) (Табела 1 во Прилог).

Во 15 извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а само во една (ПЕ Македонски Брод) се регистрира сезонска активност (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 48 недела 2018

Кумулативни податоци

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 434 (I=21,0/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=646), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 32,8%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=645) се регистрира намалување од 32,7%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 21 извештајни единици, а во 11 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10 (Табела 1 во Прилог).

Најголем број на заболени лица  се регистрирани во ЦЈЗ Тетово (n=84; 19,4%; I=42,1/100.000) и ЦЈЗ Куманово (n=84; 16,4%; I=49,8/100.000) (Табела 1 во Прилог).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Македонски Брод (I=142,9/100.000) каде се регистрирани вкупно 16 заболени лица, а висока инциденца е регистрирана и во ПЕ Свети Николе (I=136,5/100.000) (Графикон 2) (Табела 1 во Прилог).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 276 случаи (63,6%), а највисока кумулативна инциденца од 51,6/100.000 се регистрира кај лицата над 65 години (Табела 1 во Прилог).

Графикон 2. Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Табела 1 во Прилог):

  • октомври – 51 заболен или 11,8%
  • ноември – 383 заболени или 88,2%

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 48-мата недела од 2018, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 9 материјали за тестирање на грип. Тестираните материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 17 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на заболени од грип/ заболувања слични на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • бремени жени, во било кој стадиум од бременоста
  • деца на возраст од 6 месеци до 5 години
  • постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
  • лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет
  • здравствени работници.

 

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 28.000 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања. Дополнителни 17.780 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како комерцијални вакцини за останатото население.

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува ЦЈЗ/ПЕ, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини е преку матичен лекар во системот Мој Термин.

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 05.11.2018, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 19.143 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип, односно 68,4% од вкупниот број на набавени вакцини (Табела 2 во прилог на извештајот).

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 17.512 лица заклучно со 48-ма недела на територијата на Р. Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.007 лица или 57,1%, на возраст од 30-64 години – 6.648 лица или 38,0%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 150 или 0,9%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 708 лица или 4,0%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 12.757 лица или 72,8% се со историја на хронично/и заболување/а (Табела 3 во прилог на извештајот).

Во текот на 48-ма недела, пристигнат е извештај за вакцинирани лица против сезонски грип во ПЗУ од ПЗУ Неуромедика. Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица од вкупно 200 набавени вакцини (25,0%). Најголем дел од вакцинираните (42,0%) се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вкупниот број на вакцинирани лица во ПЗУ Неуромедика, 38,0% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 47 недела/2018) за состојбата со грип во сезоната 2018/2019 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип, вообичаено за овој период од годината.

Оваа недела, позитивни се 2,8% од тестираните од сентинел надзорите во земјите кои пријавуваат до TESSy системот на ECDC.

Во досегашниот период од оваа сезона предоминира инфлуенца А со 88,2%, а од нив 64,6% се субтипизирани како A(H1N1)pdm09.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје