ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во 20-та недела од 2019 година (13-19.05.2019), пријавени се 30 (I=1,5/100.000) случаи со заболувања слични на грип, намалување од 48,3% во споредба со минатата недела (n=58).

Регистрираната инциденца оваа недела укажува на ниска активност на вирусот на грип на национално ниво, но и на ниво на ЦЈЗ/ПЕ (Графикон 1).

Во текот на изминатата недела, нема регистриран смртен случај асоциран со грип.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 8 материјали за тестирање на грип, сите негативни за присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 6).

Графикон 1.  Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2018, сезона 2017/2018 и сезона 2018/2019

grip 20 nedela slika 1

Оваа недела пријавени се заболени лица од 8 извештајни единици, а во 7, бројот на регистрирани заболени лица е ≤ 10. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=10), а највисока инциденца од I=7,5/100.000 е регистрирана на територијата на ПЕ Гостивар.

Во 20-та недела, најголем број заболени лица (n=14; 46,7%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 9,5/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години.

 

КУМУЛАТИВНИ ПОДАТОЦИ ЗА СЕЗОНА 2018-2019

Во сезоната 2018/2019, вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесува 21.531 (I=1.040,6/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=23.954), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 10,1%, а во однос на моделот за последните 8 сезони (n=25.958) се регистрира намалување од 17,1%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).

Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.723; 17,3%), ЦЈЗ Струмица (n=2.492; 11,6%), ПЕ Кавадарци (n=1.898; 8,8%), ПЕ Гостивар (n=1.763; 8,2%) и ЦЈЗ Прилеп (n=1.577; 7,3%) (Графикон 2).

Највисока кумулативна инциденца од 4.410,5/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци и ЦЈЗ Струмица (2.631,0/100,000). Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители, регистрирана е во ПЕ Дебар, ПЕ Кратово, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Прилеп и ПЕ Ресен (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

 grip 20 nedela slika 2

На следниот графикон е прикажана кумулативната инциденца на грип/заболувања слични на грип за сезоната 2018/2019 по ЦЈЗ/ПЕ. Од картограмот се гледа дека во однос на инциденцата на 100.000 жители, сезоната на грип била најинтензивна на територијата на ПЕ Кавадарци, а со нешто помал интензитет и во неколку ЦЈЗ/ПЕ од источниот дел на државата (ЦЈЗ Струмица, ПЕ Кратово и ПЕ Св. Николе) и ПЕ Дебар во западниот дел на Македонија. (Картограм)

Картограм. Кумулативна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Северна Македонија, сезона 2018-2019

 grip 20 nedela slika 3

 

Според возрасната дистрибуција, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.703 случаи (63,6%) со ициденца од 939,0/100.000, а највисока кумулативна инциденца од 2.040,6 на 100.000 жители се регистрира кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години, каде што кумулативно е регистриран 2.371 случај. (Графикон 3, Графикон 4).

 

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возраст, сезона 2018/2019

grip 20 nedela slika 4

Графикон 4. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2018/2019

grip 20 nedela slika 5

 

Дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци (Графикон 5)

 

Влезот во сезоната на грип, согласно МЕМ моделот, е регистриран во 5-та недела од 2019 година,  а од 13-та недела повторно се регистрира вонсезонско ниво на активност на вирусот на грип. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигна пикот во 8-та недела од 2019, неколку недели подоцна од очекуваното. Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари и достигнување врв во месец февруари.

Од вкупниот број на заболени лица, во текот на 2018 година се регистрирани 1.218 лица или 5,7%. Останатите 94,3% или 20.313 лица се регистрирани во 2019 година.

 

Графикон 5. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2018/2019

 grip 20 nedela slika 6

 

 

Во текот на сезоната 2018/19, регистрирани се вкупно 29 смртни случаи асоцирани со грип.

Починатите лица се на возраст од 5 до 86 години.

Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=13). Смртни случаи асоцирани со грип се пријавени уште од 8 ЦЈЗ/ПЕ, четири од ЦЈЗ Охрид, три од ПЕ Кавадарци, по два од ПЕ Делчево, ПЕ Кичево и ЦЈЗ Тетово и по еден од Крива Паланка, ПЕ Ресен и ПЕ Валандово.

Од вкупниот број на смртни случаи асоцирани со грип, кај 21 лице (72,4%) е утврдено постоење на коморбидитет. Како најчести коморбидитети се регистрирани дијабет (кај 8 лица) и хипертензија (кај 8 лица), кардиомиопатија (кај 4 лица) и ХОББ (кај 4 лица).

Во однос на лабораториската дијагноза, со RT-PCR метод во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, кај најголем дел од смртните случаи е докажан Influenza A(H1)pdm – 20, кај 4 лица е докажан Influenza A несубтипизиран и кај едно лице Influenza A(H3). Со пнеумослајд во лабораторијата во ЦЈЗ Битола, кај едно лице е докажана инфекција со Influenza A и кај едно лице Influenza B вирусот.

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

 

Во текот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, анализиран е вкупно 861 хуман материјал од амбулантски и болнички лекувани пациенти добиени од здравствените установи преку рутинскиот и сентинел системот за надзор над инфлуенца, од кои 433 (50,3%) биле позитивни на инфлуенца вирусот.

Сите позитивни материјали се типизирани како Influenza A. Оваа сезона, најголем број од докажаните инфлуенца вируси припаѓаат на субтипот A(H1)pdm, а ко-циркулира и А(H3).

Од Influenza А позитивните, 324 (74,8%) се конфирмирани како Influenza A(H1)pdm, 57 (13,2%) се Influenza А(H3), а 52 (12,0%) се нетипизирани Influenza А вируси.

Од примероците од рутинскиот надзор (n=222), 129 (58,1%) се тестирани позитивни за присуство на вирусот на грип. Од нив, 104 се конфирмирани како Influenza A(H1)pdm, 13 се Influenza А(H3), а 12 се нетипизирани Influenza А вируси.

Од примероците од сентинел надзорот (n=639), 47,6% се позитивни за присуство на вирусот на грип. Од нив, 220 се конфирмирани како Influenza A(H1)pdm, 44 се Influenza А(H3), а 40 се нетипизирани Influenza А вируси. (Табела 2, Графикон 6)

 

Табела 2. Дистрибуција бројот и процентот на позитивни материјали од рутинскиот и сентинел надзор по потекло и вкупно, Р. С. Македонија, 2018/2019

Тип и субтип на вирус Потекло Сезона 2018/19
рутински сентинел број %
Influenza A 129 304 433 100%
Influenza A(H1)pdm 104 220 324 74,8%
Influenza A(H3) 13 44 57 13,2%
нетипизирани Influenza А вируси 12 40 52 12,0%

 

  

Графикон 6. Дистрибуција бројот и процентот на позитивни материјали од рутинскиот и сентинел надзор по тип и недели, Р. С. Македонија, 2018/2019

grip 20 nedela slika 7

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • постари лица на возраст од 65 години и повеќе,
  • деца на возраст од 6 месеци до 5 години,
  • лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет,
  • бремени жени, во било кој стадиум од бременоста,
  • здравствени работници.

 

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, се започна со бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 28.000 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања. Дополнителни 19.387 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како комерцијални вакцини за останатото население.

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведуваше во ЦЈЗ/ПЕ, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини беше преку матичен лекар во системот Мој Термин.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 05.11.2018, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 20.178 лица со бесплатни вакцини (лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања, здравствени работници и останато население според насоките од Министерството за здравство/ Комисија за заразни болести).

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 19.355 лица на територијата на Македонија. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.977 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.377 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице или 4,1%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.114 лица (72,9%) се со историја на хронично/и заболување/а. Дополнително, 3 вакцини се неправилно аплицирани.

На Табела 3. е претставен бројот на вакцинирани лица по недели, од каде се гледа дека 96,2% примиле вакцина во текот на првите 5 недели од отпочнувањето со вакцинација.

Табела 3. Број на вакцинирани против грип по недели (збирно), сезона 2018-2019

Недела,сезона 2018/2019 Број на           вакцинирани лица Процент
45 недела 21.916 55,4%
46 недела 9.127 23,1%
47-49 недела 6.857 17,3%
50-52 недела 1.350 3,5%
1-20 недела 286 0,7%
ВКУПНО 39.536

 

Согласно податоците од почетокот на сезоната, во ПЗУ Неуромедика, вакцинирани се вкупно 50 лица од вкупно 200 набавени вакцини. Најголем дел од вакцинираните (42%) се во возрасната група од 30-64 години. Вакцинирана е една бремена жена и 11 здравствени работници. Од вакцинираните лица, 38% се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

 

Сезоната 2018/2019 се одликува со задоцнет старт и задоцнет пик на заболувањето, висока вирулентност на вирусот на грип, со голем број на пријавени сериозни респираторни инфекции и највисок број на смртни исходи асоцирани со грип, по пандемијата во 2009 година. Инциденцата на регистрираните случаи на грип/заболувања слични на грип, го достигна пикот во 8-та недела од 2019.

Оваа сезона, почнувајќи од 4-та до 10-та недела, процентот на позитивни резултати преку вирусолошкиот надзор беше над 50%, а во пикот на сезоната процентот на позитивни примероци беше 70% (7 недела). Оваа сезона доминантен субтип е A(H1)pdm, а ко-циркулира и А(H3). Од вкупно пристигнатите примероци, 50,3% беа позитивни за присуство на вирусот на грип.

Почнувајќи од 10-та недела, податоците од епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажуваа на постепено намалување на активноста на грипот која продолжи континуирано да опаѓа до 20-тата недела од 2019, односно до крајот на сезоната.

Активноста на вирусот на грип е на вон-сезонско ниво на крајот од сезоната.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe за состојбата со грип во сезоната 2018/2019, земјите Европскиот регион пријавија активност на основно ниво, што покажува дека сезоната на грип завршува. Сите земји пријавиле низок интензитет на вирусот на инфлуенца.

Активноста на грип во Европскиот регион, врз основ на примероците од сентинел системот, достигна 10% во неделата 49/2018, надмина 50% помеѓу неделите 3-7/2019, а пикот е регистриран во неделата 5/2019.

Во тек на сезоната 2018/2019, циркулираа двата субтипови на инфлуенца А, со тоа што некои земји регистрираат ко-циркулација, додека други земји пријавуваат доминација на A(H1N1)pdm09 или на A(H3N2) субтипот.

Од почетокот на 40 недела, 99% од инфлуенца А вирусите детектирани од САРИ (сериозни акутни респираторни инфекции) случаи беа субтипизирани, а 79% од нив беа A(H1N1)pdm09.

Кај пациентите со грип од одделите за интензивна нега, 99% биле конфирмирани како Influenza A, а 66% од нив биле A(H1N1)pdm09. Меѓу пациентите со грип кои биле примени во други оддели, 99% биле Influenza A, при што 55% од нив биле A(H1N1)pdm09.

Генерално, вакцината против грип има тенденција да делуваат подобро против A(H1N1)pdm09 и вирусот на инфлуенца Б, отколку против вирусот на инфлуенца A(H3N2).

За сезоната 2019-2020, СЗО препорачува четиривалентна вакцина која содржи:

  • A/Brisbane/02/2018 (H1N1)pdm09-like virus;
  • A/Kansas/14/2017 (H3N2)-like virus;
  • B/Colorado/06/2017-like virus (B/Victoria/2/87 lineage);
  • B/Phuket/3073/2013-like virus (B/Yamagata/16/88 lineage).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија