Светскиот ден на водата се одржува секоја година на 22 март како средство за фокусирање на вниманието за важноста на слатката вода и за застапување на оддржливо управување на слатководните ресурси. Меѓународниот ден за прослава на слатката вода беше препорачан на Конференцијата на Обединетите наци (ОН) за животна средина и развој (UNCED) во 1992 година. Генералното Собрание на ОН одговори со назначување на 22 март 1993 година како прв Светски ден на водата.
Секоја година, Светскиот ден на водата обработува специфичен аспект на слатката вода. Оваа година е прогласена како Меѓународна година на соработка во областа на водите со мотото “Соработувај за безбедна вода” и УНЕСКО го доби мандатот да ги спроведува релевантните активности.
Кои се клучни пораки:

1. Соработката за вода гради мир
2. Соработката за вода е клуч за социо-економскиот развој, искоренување на сиромаштијата, социјална еднаквост, родова еднаквост и еколошка оддржливост
3. Соработката за вода креира видливи здравствени и економски придобивки
4. Соработката за вода е клучна за зачувување на водните ресурси, осигурување на нивната оддржливост и заштита на животната средина

Кои се целите во 2013 година?
Меѓународната година и Светскиот ден на водата 2013 имаат за цел да ја охрабрат и потпомогнат соработката за вода за да се:

  • Зголеми свесноста за важноста, придобивките и предизвиците при соработка за вода;
  • Зајакне знаењето и развојот на капацитетот за соработка за вода;
  • Предизвикаат конкретни и иновативни акции кон соработката за вода;
  • Зајакне партнерството, дијалогот и соработката за водата како врвен приоритет, за време и после 2013 година;
  • Зајакне меѓународната соработка помеѓу институциите, корисниците, социјалните и економските сектори и други со цел да се постигне консензус за Оддржливите развојни цели за после-2015-та период што ефективно ќе ги адресира идните потреби за вода.

Пристапот до безбедна вода и санитација е признат како основно човеково право на 64-тата сесија на Генералното Собрание на ОН во август 2010 година.

Во рамките на Протоколот за вода и здравје под покровителство на УНЕЦЕ и СЗО земјите од Европскиот регион, меѓу нив и Република Македонија преземале законска обврска за поставување на целите кои се однесуваат на пристап до безбедна вода и санитација, намалување на со вода поврзаните болести и за мониторирање и известување на прогресот кон исполнување на овие цели.

Мониторингот на квалитетот на водата за пиење и санитацијата е многу битен со нагласок на потребата од соработка помеѓу стручните претставници од надлежните министерства/институции за еколошките аспекти како и доменот на обврски на јавните комунални претпријатија и општините.

ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Институтот е важна мултидисциплинарна, научна и наставна установа, која дејствува во областа на превентивната медицина на терцијарно ниво во Република Македонија со тенденција да прерасне во референтна и меѓународно стручно призната институција. Институтот од 2010 година од страна на СЗО е назначен во Здравствен Развоен Центар за југоисточна Европа и од 15.06.2012 година во Асоциран Центар за поддршка на безбедни заедници за југоисточна Европа.

Лабораториите на ЈЗУ Институт за јавно здравје на РМ се акредитирани лаборатории во Република Македонија за испитување на безбедност на храна и вода за пиење согласно со ISO 17025.

Здравствена исправност на водата за пиење во Република Македонија

Податоците обезбедени од Центрите за јавно здравје во Републиката за 2012 година укажуваат дека:

  • 62,7% од популацијата во Републиката се снабдува со вода за пиење од централни водоснабдителни системи, управувани од јавни комунални претпријатија.
  • 9,32% од селските населби се приклучени на градски водоводи.
  • 25,24% од селските населби се снабдуваат од локални-јавни водоснабдителни системи со кои не стопанисува секогаш јавно претпријатие.
  • 2,74% се снабдуваат со вода за пиење од локални водоснабдителни објекти (јавни чешми, бунари, извори, пумпи и други индивидуални водоснабдителни објекти).

Анализата на податоците од водоснабдувањето на градските населби покажува дека санитарно-хигиенската состојба на објектите за водоснабдување и здравствената исправност на анализираните примероци вода генерално задоволува, односно е во граница на очекуваното.
Анализата на резултатите за здравствената исправност на водата за пиење во периодот од 2002-2012 година покажува дека процентот на неисправни примероци според физичко-хемиска анализа се движи од 3,4-7,6%, додека процентот на неисправни примероци според бактериолошката анализа се движи од 0,8-1,65%
 Опфатени 32 градски населби и земени се и испитани вкупно 7486 примероци за бактериолошка и физичко-хемиска анализа во лабораториите на Центрите за јавно здравје во обем на т.н. основна анализа.
4,37% од примероците биле неисправни во однос на физичко-хемиската анализа. Бактериолошка неисправност е констатирана кај 1,65% од испитаните примероци
Најчеста причина за неисправни наоди во физичко-хемиската анализа се должи на отсуство на резидуален хлор и зголемена матност но не и од примероците вода од водоводната мрежа. Неисправните примероци во однос на микробиолошката анализа главно се должат на зголемен број на аеробни мезофилни бактерии во 1 ml вода.

  •  Извршени се 951 санитарно-хигиенски увиди на јавни водоснабдителни објекти во селските населби (села со сопствен водовод и села со други видови на објекти), анализирани се вкупно 5.583 примероци вода за физичко-хемиска анализа и 5.609 за бактериолошка анализа.

Неисправни биле 24,7% во однос на физичко-хемиската анализа, како и 26,47% во однос на микробиолошките анализа.
– села со сопствен водовод – 23,67% се бактериолошки контаминирани,
– села со останати водоснабдителни објекти покажува највисок процент на бактериолошки контаминирани, односно 39,77%.
– останати водоснабдителни објекти (крајпатни, споменични, во ридско планински или рекреативни подрачја) – 23,35% на бактериолошки неисправни примероци.

  •  Извршени се вкупно 272 санитарно-хигиенски увиди во работни организации со сопствен водоснабдителен објект, хотелско-угостителски објекти, води со посебни својства како и останати водоснабдителни објекти (крајпатни, споменични, во ридско планински или рекреативни подрачја) при што се земени вкупно 1893 примероци вода за анализа.

Во досега презентираните податоци за здравствена исправност на водата за пиење не се опфатени резултатите од анализите извршени во ЈЗУ Институт за јавно здравје на РМ. Со оглед на просторните можности, опремата и кадарот тука се вршат анализи кои спаѓаат во тн. Периодичен – Б преглед на водата, како што се радиолошка анализа, анализа на резидуи на пестициди, паразитолошка анализа и содржина на трихалометани/контаминенти во водите кои се од значење по здравјето на луѓето

Во текот на 2012 година анализирани се вкупно 652 примероци на вода на кои се направени се вкупно 1261 анализи. Неисправни биле 41,7% од анализираните примероци.

  • Од вкупно испитаните 484 примероци на вода за пиење, неисправни биле 33,68%, идентичен процент како и минатата 2011 година. Овој процент на неисправни води за пиење се должи фактот дека главно се работи на испитани води при истражно-студиски работи.
  • Испитани се 54 примероци на површински води
  • 47 примероци на природни минерални води, неисправни се 36,2% во фаза на студиско-истражни работи, односно тие води сеуште не се пуштени во промет.
  • Испитани се 2 примероци отпадни води
  • Испитани се 65 примероци техничко-технолошки води

За сите неисправни наоди редовно била известувана Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ.

Безбедност на пакувани минерални води во 2012 година

Во 2012 година во лабораториите на ИЈЗ се тестирани вкупно 120 мостри минерални води од кои 43 мостри од увоз и 93 мостри од домашно производство. Од увозните 7 мостри биле микробиолошки неисправни, за кои се известени инспекторите на граничните премини и спречен е увозот и дистрибуцијата на тие производи на домашниот пазар.
Од домашните минерални води при лабораториското тестирање 5 мостри биле небезбедни заради содржина на одреден елемент над максимално дозволените граници. Станува збор за контрола на процесот на производство кои по укажувањето од наша страна превзмаат мерки за да ги елминираат овие ризици.

Во текот на 2012 година, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, 16 мостри минерални води беа однесени во лабораторија во Србија за тестирање на поширок обем на физичко хемиска анализа и при тоа беше утрдено дека 3 од нив имаат отстапување во однос на содржината на минералите. После овие анализи производителите извршиле интервенции во производниот процес, со што се овозможува краен безбеден производ до потрошувачите.

Одредени домашни производители на минерални води редовно ја испитуваат здравствената безбедност на своите производи во лабораториите на Институтот, како што се Кожувчанка, Изворска, Добра вода, Ладна, Горска.