СВЕТСКО МОТО–„ПРИРОДАТА ЗА ВОДАТА – ОДГОВОРОТ Е ВО ПРИРОДАТА“

Институт за јавно здравје на Република Македонија во соработка со КАТ Продукција-Скопје ја продолжува успешната традиција на одбележување на Светскиот ден на водата. Оваа година настанот се одржува во Младински културен центар–Скопје – кеј на р.Вардар на 23.03.2018 година (петок) со почеток од 10-14 часот.

На 22 март секоја година, светот преку разни активности го одбележува Светскиот ден на водата. Република Македонија преку организација на Институтот за јавно здравје на РМ, и верните покровители и оваа година Визиана, Кожувчанка и Магрони како и други организации и поединци, оваа година по 13-ти пат се приклучува на Светското одбележување на овој значаен ден – ДЕНОТ НА ВОДАТА НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА. По четврти пат коорганизатор и на овој настан е КАТ Продукција-Скопје.

Секоја година светот го одбележува овој ден и го менува мотото, со што дава акцент на различни сегменти значајни за водата. Оваа година со мотото „ПРИРОДАТА ЗА ВОДАТА – ОДГОВОРОТ Е ВО ПРИРОДАТА“ укажува на тоа дека мора да ја чуваме водата од загадување, а со тоа и природата како основа за човековиот опстанок.

Настанот ќе биде одбележан со поставување на штандови, банери, флаери и друг промотивен материјал на Институтот за јавно здравје на РМ, КАТ Продукција-Скопје,  производителите на пакувана вода што се вклучени во настанот, како и ученици, студенти од Медицински и Градежниот факултет, пензионери од Домот за стари лица Терзиева и Хармонија, деца и родители од СОС Детско село, Првата Детска Амбасада Меѓаши и други чинители. Настанот ќе бие одбележан со креативна работилница за рециклирање на пластични шишиња, изложба на цртежи и фотографии посветени на Светскиот ден на водата, драмска работилница, музика и др.

Во продолжение се неколку факти поврзани со Светскиот ден на водата:

  • 2,1 милијарди луѓе немаат пристап до безбедна вода за пиење.
  • До 2050 година, светското население ќе порасне околу 2 милијарди луѓе, а глобалната побарувачка за вода може да биде до 30% повисока од денес.
  • На глобално ниво, над 80% од отпадните води генерирани од општеството течат во екосистемот без да бидат третирани или повторно употребени.
  • 1,8 милијарди луѓе користат извор на вода за пиење загадена со фецес2, при што се изложуваат на ризик од колера, дизентерија, тифус и детска парализа. Небезбедна вода, лошите санитарни и хигиенски услови предизвикуваат околу 842.000 смртни случаи секоја година.
  • 663 милиони луѓе сеуште немаат подобрени извори на вода за пиење.
  • До 2050 година, речиси 70% од светската популација ќе живее во градовите, во споредба со сегашните 50%. Моментално, повеќето градови во земјите во развој немаат соодветна инфраструктура и ресурси за управување со отпадни води на ефикасен и одржлив начин.
  • На глобално ниво, повеќе од 80% од отпадните води генерирани од општеството се враќаат во животната средина без да бидат третирани или повторно употребени.
  • Можностите за искористувањето на отпадните води како ресурс се огромни. Безбедното управување со отпадните води е прифатлив и одржлив извор на вода, енергија, хранливи материи и други обновливи материјали.
  • Трошоците за управување со отпадни води се значително помали од придобивките во врска со здравјето на луѓето, економскиот и одржлив развој на животната средина, обезбедувајќи нови бизнис можности и создавање на повеќе “зелени” работни места.
  • Денес, околу 1,8 милијарди луѓе се погодени од деградација на земјиштето и опустинување. Најмалку 65% од шумското земјиште е во деградирана состојба.
  • Се проценува дека 64-71% од природните мочуришта се изгубени од 1900 година навака, како резултат на човековата активност.

 

23.03.2018 година