Клучни факти за ХИВ
Извор: СЗО (https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/hiv-aids)
- За да се достигнат новите предложени глобални цели 95–95–95 поставени од UNAIDS, ќе треба да се удвојат напорите за да се избегне најлошото сценарио од 7,7 милиони смртни случаи поврзани со ХИВ во следните 10 години, заради зголемување на ХИВ инфекциите поради прекини на услугите за ХИВ за време на КОВИД-19 и забавениот јавно-здравствен одговор за ХИВ.
- ХИВ продолжува да биде главен глобален јавно-здравствен проблем, откако досега починаа 40,1 милиони [33,6-48,6 милиони] лица.
- Во 2021, 650 000 луѓе [510 000–860 000] починале од причини поврзани со ХИВ и 1,5 милиони луѓе [1,1-2,0 милиони] се заразиле со ХИВ.
- Не постои лек за ХИВ инфекцијата. Меѓутоа, со зголемениот пристап до ефикасна превенција, дијагноза, третман и грижа за ХИВ, вклучително и за опортунистичките инфекции, ХИВ инфекцијата стана хронична здравствена состојба, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долг и здрав живот.
- На крајот на 2021 година имало околу 38,4 милиони луѓе [33,9-43,8 милиони] кои живеат со ХИВ, од кои две третини (25,6 милиони) се во Африканскиот регион на СЗО.
Состојба со ХИВ/СИДА во Р.С. Македонија (1987-30.11.2022)
Република Северна Македонија е земја со ниска преваленца на ХИВ.
Од 1987 до 30.11.2022 година се регистрирани вкупно 580 случаи на ХИВ/СИДА.
Кумулативно, од регистрираните случаи, 516 (89,0%) се од машки пол, 63 (10,9%) се од женски пол, а регистрирано е и едно трансродово лице. Високото пропорционално учество на машки лица во бројот на новорегистрирани случаи е тренд во изминатите 15 години.
Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активни лица на возраст од 20-39 години, кои чинат речиси три четвртини од дијагностицираните случаи (73,4%, n=426).
Кумулативно, најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје (n=271), Тетово (n=35), Прилеп (n=29), Штип (n=28) и Куманово (n=28).
Во периодот од 1987 до 30.11.2022 година, вкупно 123 од дијагностицираните лица во Република Северна Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 21,2%.
Кумулативно според начинот на трансмисија, најголем број од случаите (вкупно – 347 или 59,8%) се кај МСМ популацијата, а хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 189 случаи (32,6%).
Состојба со ХИВ во Р.С. Македонија во 2022 година (заклучно со 30.11.2022)
Во 2022 година се регистрирани 36 нови случаи на ХИВ/СИДА, што претставува инциденца од 1,96 на 100.000 жители. За споредба, во 2021 година, регистрирани беа 44 нови случаи на ХИВ/СИДА.
Во 2022 година, од регистрираните случаи, од машки пол се 31, 4 од женски пол, а регистрирано е и едно трансродово лице.
Во однос на возрасната дистрибуција на случаите регистрирани во 2022 година, возраста на новорегистрираните случаи се движи од 20-64 години, а најголема застапеност е кај возрасната група од 40-44 години (n=11).
Најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје (n=14).
Според начинот на трансмисија, најголем број од случаите (n=18) се кај МСМ популацијата, а хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 10 случаи.
Во текот на 2022 година, регистрирани се 3 починати лица поради причини поврзани со СИДА.
Светски ден за борба против СИДА 2022 година
Извор: СЗО (https://www.who.int/campaigns/world-aids-day/2022)
Глобалниот одговор на ХИВ е во опасност, иако ХИВ останува главен јавно-здравствен проблем што погодува милиони луѓе ширум светот. Во текот на последните неколку години напредокот кон целите за ХИВ е запрен, ресурсите се намалија, а како резултат на тоа се загрозени милиони животи.
Поделеноста, нееднаквоста и непочитувањето на човековите права се меѓу неуспесите што дозволија ХИВ да стане и да остане глобална здравствена криза.
На 1 декември, СЗО им се придружува на партнерите за да го одбележат Светскиот ден за борба против СИДА-та 2022 година, под темата „Изедначи“. СЗО ги повикува глобалните лидери и граѓаните смело да ги препознаат и да ги решат нееднаквостите што го кочат напредокот во ставањето крај на СИДА-та; и да се изедначи пристапот до основните услуги за ХИВ, особено за децата и клучните популации и нивните партнери – мажи кои имаат секс со мажи, трансродови лица, луѓе кои користат дроги, сексуални работници и луѓе во затвори.
Клучни пораки
Обновете ја посветеноста за да ставиме крај на ХИВ!
Постојаните економски, социјални, културни и правни нееднаквости и предизвици предизвикани од пандемијата КОВИД-19 и другите глобални кризи бараат обновување на напорите да се одржи видливоста на ХИВ и да се стави крај на СИДА-та како закана за јавното здравје.
Теастирањето за ХИВ е единствениот начин да се дознае дали некој е инфициран!
Фокусирајте се на еднаквоста!
Нееднаквостите сè уште постојат за најосновните услуги, како тестирање и третман. Мораме да обезбедиме сите и насекаде, да имаат еднаков пристап до превенција, тестирање, третман и грижа за ХИВ. Здравствените услуги треба да се приспособат за да ги достигнат и да ги задоволат потребите на популациите кои се најзагрозени и погодени, а тоа вклучува и спроведување на политика на „нулта толеранција“ за стигмата и дискриминацијата во сите здравствени услуги.
Сите луѓе кои живеат со ХИВ имаат право и треба да имаат пристап до ХИВ третман!
Елиминациски лакмусов тест – деца и клучни популации!
СЗО препорачува обновен фокус на популациите кои се подзаборавени во глобалниот одговор на ХИВ и СИДА.
Само 52% од децата кои живеат со ХИВ се на третман. Ако можеме да покажеме напредок во ставањето крај на новите инфекции кај децата и да бидеме сигурни дека сите се на квалитетни антиретровирусни лекови (АРВ), имаме поголема надеж и можеме да обезбедиме поголема политичка посветеност за ставање крај на СИДА-та кај сите популации до 2030 година.
На глобално ниво, 70% од новите ХИВ инфекции се меѓу луѓето кои се маргинализирани и често криминализирани. Можеме да ставиме крај на СИДА-та само со зголемување на услугите за ХИВ и отстранување на структурните бариери и стигмата и дискриминацијата на клучните популации во секоја земја.
До крајот на 2021 година, 38,4 милиони луѓе живееле со ХИВ!
1,7 милион од нив се деца!