Светскиот ден за борба против маларија оваа година се совпаѓа со активности за одбележување на 70-годишнината од СЗО. Програмата го одбележува денот со серија интервјуа со лидерите и застапниците во глобалниот одговор против маларија, како и за клучните моменти во борбата против оваа болест во текот на изминатите 7 децении.

Овогодинешниот слоган „Подготвени да ја победиме маларијата„ (Ready to Beat Malaria) јa означува колективната енергија и посветеност на заедницата за искоренување на маларијата.

 

Движење на маларијата во светот и во Р. Македонија

Маларијата е ерадицирана во Северна Америка, Европа и Русија, меѓутоа и покрај сите напори усмерени за контрола на заболувањето, повторно се појавува во тие, но и во многу тропски и суптропски предели.

Неодамнешното зголемување на бројот на случаи во светски рамки се должи главно на глобалното затоплување, отпорноста на комарците кон инсектициди, потфрлување во напорите за нејзина контрола (лошо спроведен епидемиолошки надзор, миграција на векторите и др.)

На крајот на 2016 година се регистрирани околу 216 милиони случаи на маларија во светот, споредено со 237 милиони случаи во 2010 година.   Проценети се 445 000 смртни случаи од маларија на глобално ниво во 2016-та година, во споредба со 446 000 проценети смртни случаи во 2015 година. Истата година се потрошени 2,7 милијарди долари за маларија.

Маларијата во Република Македонија се’ до 19.12.1973 се регистрирала во ендемска форма потоа од страна на СЗО, Македонија е прогласена за сертифицирана земја без маларија.

Во периодот од 1976 – 2017 година во Р. Mакедонија  се регистрирани 74 случаи, од кои најголем број заболени лица се регистрирани во 1988 година (9). Во последните 5 години, од 2012 до 2017 година, регистрирани се поголем број на импортирани случаи и нивниот број се движи од 4 до 6 случаи годишно, со по еден смртен случај во 2014, 2016 и 2017 година (вкупно 3 случаи).

Маларија: причинител, клиничка слика, симптоми

Маларијата е причинета од паразитот кој припаѓа на родот Plasmodium, а се пренесува преку женката комарец од родот Anopheles. Најзастапена е во Африка и Азија, кои географски се протегаат во тропските и субтропските подрачја. Инкубацијата се движи просечно од 7 -30 дена.

TRM18 small

Извор: http://learn.internationalsos.com/travelriskmap2018
 

Симптомите на болеста се: треска, главоболка, слабост, малаксаност, потење, болки во мускулите, болки во стомакот, гадење, пролив, повраќање, губиток на апетит, намален крвен притисок, лесно жолтило на кожата, кашлање, зголемен црн дроб и слезинка. Притоа, можни се и сериозни компликации на бубрезите, мозокот, црниот дроб или срцето, што неминовно води до појава на делириум, кома или смртен исход.

Сите луѓе се во висок потенцијален ризик од заболување, доколку бидат каснати од инфициран  комарец.

Сепак, лица со поголем ризик се: деца под 5 години, постари од 65 години, бремени жени, лица кои подолго време примаат стероидна терапија, лица кои имаат коинфекција СИДА, лица на кои им е отстранета слезинката, лица со порфирија, епилепсија и хронични заболувања.

Превентивни мерки, контрола и лекување

Превенцијата од маларија се базира на два комплементарни методи: хемиопрофилакса и заштита од убод од комарци.

Во Европа хемиопрофилаксата против маларија се спроведува за патници кои патуваат во ендемски подрачја, ширум светот, односно онаму каде што маларијата ја има во текот на целата година и се регистрира со поголем број случаи.

Заштитата против убод од комарци вклучува: употреба на мрежи за спиење (претежно третирани со инсектицид), носење на облека која го покрива најголемиот дел од телото, употребата на инсектициди на изложената кожа. 

Раната дијагноза и навремениот третман се основни елементи за контролирање на маларијата. Раното лекување на маларијата ја намалува должината на траењето на болеста, ги превенира компликациите и ги избегнува најголемиот дел од смртните исходи.

Прим. д-р Жарко Караџовски

Одделение за тропски и карантински заболувања, ХИВ/СИДА и СПИ