Светскиот ден за заштита на менталното здравје се одбележува во организација на Светската федерација за ментално здравје (WFMH) од 1992 година, на ден 10 Октомври секоја година во повеќе од сто земји низ целиот свет.
 svetski den mentalno zdravje
Менталното здравје е составен дел на општото здравје. Тоа претставува важен ресурс за поединецот, семејството и нацијата.Проблемите и пореметувањата на менталното здравје, поради релативно високата преваленца и често хроничниот тек, како и почетокот во младата возраст и адолесценцијата, претставуваат еден од приоритетните јавно-здравствени проблеми.World Federation for Mental HealthOваа година Светскиот ден на менталното здравје – 10 Октомври се одбележува под мотото “ДОСТОИНСТВО ВО МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ”. Оваа година ќе биде година на подигање на свеста за она што може да се направи и да се обезбеди за луѓето со ментални здравствени проблеми, со цел да продолжат да живеат со достоинство, да се почитуваат нивните човекови права и да се почитува нивната информираност и согласност за лекување.

 

БОЛНИЧКИ МОРБИДИТЕТ ОД МЕНТАЛНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, 2005-2014 ГОДИНА

Според Светската здравствена организација (СЗО) водечки здравствен и социоекономски проблем во светот и во земјите на европскиот регион, се незаразните заболувања, односно исхемичните срцеви заболувања, цереброваскуларните, менталните, малигните, сообраќајните несреќи и други. Во светот 450 милиони луѓе постојано страдаат од ментални и невролошки растројства, а 1.5 милјарди луѓе, од кои три четвртини живеат во земјите во развој страдаат од едно или повеќе невропсихијатриски заболувања. Во 2020 година се очекува процентот на менталните заболувања да се зголеми до 50% ( СЗО, Извештај на СЗО 2001).

Менталните заболувања во Република Македонија во целокупниот болнички морбидитет се застапени со 4% во 1996 година, 4.6% во 2000 година, 3.6% во 2005 година, 3,8% во 2006 година, 2,9% во 2010 година, 2,8% во 2011, 2,6% во 2012, 2,7% во 2013 година и 2,6% во 2014 година.

Следејќи ја политиката на СЗО, во Република Македонија во март 2005 година е изготвена “Национална стратегија за унапредување на менталното здравје 2005-2012″, од страна на Националната комисија за заштита на менталното здравје при Министерството за здравство, а со подршка од проектот за ментално здравје на Kанцеларијата на СЗО во Скопје и од проектната канцеларија на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа во Скопје. Во овој документ се дадени упатства и препораки во која насока треба да оди процесот на реформите во областа на менталното здравје во Републиката. Една од целите е да се намали бројот на болничките кревети во психијатриските болници и да се прифати пристап кој се заснова на обезбедување грижа поблиску до местото каде живеат и работат пациентите. Ваквата грижа треба да понуди унапредување на:

  • менталното здравје на населението;
  • службите за превенција на менталните болести и
  • лекувањето близу сопствениот дом на пациентот во соработка со примарната здравствена заштита.

Ова значи локално-орентирана здравствена заштита која е програмски пристап и овозможува поврзување на примарната заштита со болниците и институциите за ментално здравје, и вклопува социјална подршка, рехабилитација и превенција. Овие услуги треба да се развиваат и да функционираат поврзани во мрежа со тесна координација. Грижата за менталното здравје во примарната здравствена заштита ја спроведуваат општите лекари. Секундарната здравствена заштита се спроведува преку специјалистичко-консултативната дејност, единаест невропсихијатриски и две психијатриски одделенија на општите болници и специјалните болници за душевни болести:Психијатриска болница Негорци-Гевгелија и Психијатриска болница Демир Хисар, додека терциерната здравствена заштита се спроведува преку специјалната психијатриска болница “Скопје” и Универзитетската клиника за психијатрија.

Во 2014 година во Република Македонија има 6951 лекувани болни од Душевни растројства и растројства на обноските (F00-F99) во трите специјални психијатриските болници, Универзитетската клиника за психијатрија, како и во единаесет невропсихијатриски и две психијатриски одделенија при општите болници во Републиката. Во 2014 година во болничката дејност постои намалување на бројот на лекувани болни од ментални заболувања за 13,9% во однос на 2005 година. (Табела 1).

ЛЕКУВАНИ БОЛНИ ОД МЕНТАЛНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО ПСИХИЈАТРИСКИТЕ БОЛНИЦИ, УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА ПСИХИЈАТРИЈА, НЕВРОПСИХИЈАТРИСКИТЕ И ПСИХИЈАТРИСКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА   НА ОПШТИТЕ БОЛНИЦИ ПО ПОЛ Р.МАКЕДОНИЈА, 2005-2014 ГОДИНА

табела 1

tabela 1 mentalno zdravje

Извор: Институт за јавно здравје на Република Македонија, Анкета спроведена во соработка со 10 центри за јавно здравје

Бројот на лекувани болни од ментални заболувања од машки пол е поголем од бројот на лекувани жени, при што бројот на мажите кои се лекуваат од ментални заболувања  во периодот 2005 – 2014 година е намален за 16,9%, а бројот лекувани жени за 9,9%.Трендот во периодот 2005-2014 година е во опаѓање (Табела 1).

 Дијаграм 1. 

dij 1

 Институт за јавно здравје на Република Македонија, Анкета спроведена во   соработка    со  ЦЈЗ  

Стапката на хоспитализација на 10 000 жители на вкупните ментални заболувања во Психијатриска болница “Скопје”, Психијатриска болница Негорци – Гевгелија, Психијатриската болница Демир Хисар, Универзитетската клиника за психијатрија, невропсихијатриските и психијатриските одделенија при општите болници, во 2005 година е 39,6%оо, а во 2014 година 33,6%оо. Морбидитетот има тенденција на намалување. Во 2014 година има 36,1 заболени мажи и 31,1 заболени жени од ментални заболувања на 10 000 жители (Дијаграм 1).

 

   Дијаграм 2

dij 2

  Институт за јавно здравје на Република Македонија

Најзастапена во болничкиот морбидитет од ментални заболувања во 2014 година  е возрасната група од 45-64 години кај двата пола ( Дијаграм 2).

ПРЕДЛОГ МЕРКИ

Основна цел на здравствената заштита од ментални болести во Република Македонија е да се превземе следното:

  • Подготвување на нова стратегија за унапредување на менталното здравје до 2020 усогласена со Европската стратегија “Здравје 2020″
  • Посветување поголемо внимание во текот на животот на промоцијата и на заштитата на менталното здравје, особено на социјално и економски загрозените групи;
  • Обезбедување животна и работна средина на луѓето од сите возрасти, со цел да се добие чувство на кохерентност, здрави социјални односи и моќ за спротивставување со стресните ситуации;
  • Здравствените и другите соодветни професии треба да бидат обучени за рано откривање на ментални проблеми и за давање прва помош. Во примарната здравствена заштита се потребни систематски програми за обука на лекарите, со цел подобрување на нивните вештини за дијагноза и лекување од ментални заболувања, но и едукација за време на специјализацијата и во психолошката наука;
  • Обезбедување на квалитетна заштита на лицата со ментални здравствени проблеми, со здружување на општествените и на здравствените служби, со особено внимание на ризичните групи;
  • Потребно е применување на современи методи за лекување и згрижување на болните од ментални заболувања во Центри за ментално здравје кои се наоѓаат во Скопје, Гевгелија, Прилеп, Струмица и Тетово кои се во состав на психијатриските болници, а се интенција на СЗО;
  • Потребно е применување на современи методи за советување и згрижување на болните од ментални заболувања во новоотворените Центри за депресија;
  • Намалување на болничките постели во големите психијатриски болници, со што ќе се придонесе за вклучување на поголем број на пациенти во општеството со цел нивна ресоцијализација и рехабилитација;
  • Подобрување на условите на сегашните хоспитални установи, особено за пациенти за кои е неопходна подолготрајна хоспитализација;
  • Организирање и имплементација на заштитни домови (хотели) кои можат да бидат организирани од јавното здравство, или да бидат приватни;
  • Отварање на психијатриски одделенија во општите болници за краткотрајни престои за акутните или за повторно актуелизирани состојби;
  • Отварање на центри за советување на млади брачни двојки;
  • Кабинети за неврози, за психози и за пострауматски стресни заболувања;
  • Центри за превенција на суициди и на кризни состојби;
  • Социјални клубови;
  • Отварање на специјални центри во кои ќе бидат хоспитализирани пациенти испратени на лекување и чување со судска одлука, со посебни оддели за опсервација на луѓе лишени од слобода, заради судско психијатриско вештачење;
  • Отварање на повеќе центри за ментално здравје за деца и за млади;
  • Отварање на психогеријатриски центри кои ќе имаат превентивно значење и куративна содржина во својата работа, заради подобрување на квалитетот на живеењето кај возрасните луѓе;
  • Формирање координативно тело кое ќе биде поврзано со активностите на невладините организации чие дејствување се одвива во областа на менталното здравје како стручна и пролонгирана едукација на сите оние кои, со својата активност низ разни невладини организации, можат да придонесат во превенцијата на менталните растројства;
  • Изготвување на единствени доктринарни ставови во психијатријата;
  • Неопходно е да се направат програми за едукација на населението користејќи ги сите можни информативни средства: електронски медиуми, предавањата кои на достапен и разбирлив начин ќе ги променат когнитивните ставови кон овој вид заболувања, а со тоа и однесувањето на средината – тренд на социјално орентирана психијатрија;
  • Едукација на семејството низ организирани форми;
  • Едукација во училиштата со приспособен и разбирлив приод;
  • Посебни едукативни програми за корисниците на услуги на менталното здравје, заради запознавање на сопствената болест;
  • Едукација на затворскиот персонал за ментално здравје и за превенција на суицидите;
  • Едукација на полициските службеници за менталното здравје.

Сегашната состојба со менталното здравје во Република Македонија се карактеризира со мошне старомодна протективна и институционална грижа за пациентот, поврзана со неадекватни сместувачки капацитети.Моделот на третман, кој главно се употребува во секојдневната практика е клиничко-медицински со претежно биолошки пристап во терапијата. Психосоцијалниот и психотерапевтскиот модел се поретко присутни, а уште поретко се вклучуваат други профили, како во лекувањето така и во медицинската рехабилитација. За да се подобри состојбата потребно е подобрување на социјалните и на економските услови на живеење, како еден од суштествените фактори во елиминирање на фрустрациите и на конфликтните ситуации и интегрираност и хармонизирање на активностите на сите релевантни фактори на државните институции.