Централната климатизација се користи во домовите и деловните простории ширум светот, но многу од нејзините негативни ефекти се малку познати. Правејќи ги летните денови поудобни, таа сепак може да влоши одредени здравствени проблеми и да го загади воздухот со органски и неоргански честички.
Ефекти врз здравјето
Влошување на респираторните проблеми
Уредите за кондиционирање на воздухот создаваат кондензација при ладењето правејќи идеални услови за раст и размножување на микроорганизми и мувла. Овие се шират низ домот преку климатизацијата и системите за вентилација. Луѓето кои страдаат од астма, бронхитис и други респираторни заболувања може да добијат сериозни инфекции на белите дробови, отежнато дишење или други сериозни реакции (Центар за контрола и превенција на болести -CDC Атланта).
Мувлите од клима уредите може да влијаат и на здравите лица, предизвикувајќи отежнато дишење, кашлање и симптоми од горниот респираторен тракт.
Агенцијата за заштита на животната средина (USEPA) предупредува дека концентрацијата на загадувачките честички во воздухот во затворените простории може да биде поголема од тие во загадениот воздух во надворешната средина. Ова значително го зголемува ризикот за луѓето со респираторни проблеми и кардиоваскуларни болести кои поминуваат дел од своето време во затворен простор. Климатизацијата, според EPA, може да придонесе за контаминација и ширење на бактериите, мувлата, вирусите, полените и животинските секрети и екстракти.
Познат е случајот со ширењето на легионерската болест предизвикана од Legionella pneumophila во Филаделфија, САД, во 1976 година, преку уредите за климатизација, што предизвика заболување на 39 легионери, а починале 5.
Климатизерите и работното место
Во студија објавена во август 2004 година, прикажано е дека луѓето кои работат во канцеларии во згради со централна климатизација има повеќе симптоми и знаци на нарушување на здравјето, отколку оние кои не работат во згради со централни уреди за кондиционирање на воздух. Симптомите вклучуваат главоболка, замор, иритација на слузниците, тешкотии во дишењето и иритација на кожата. Студијата го истакнува и фактот на контаминација на внатрешниот воздух преку воздухот што се шири преку клима уредите.
EPA забележува дека “синдромот на болни згради” се однесува на симптоми кои се јавуваат кај поголем број на вработени во една зграда, кои исчезнуваат по нејзиното напуштање.
Клима уредите ги влошуваат ефектите од артритисот и невритисот. Тие, исто така предизвикуваат проблеми кај лицата со хронични проблеми со синусите, а за лицата кои работат во средини што се постојано климатизирани покажано е дека многу почесто заболуваат од настинки и грип во споредба со оние што работат на отворено. Исто така е докажано дека организмот е подложен на одреден степен на стрес кога лицата се принудени да одат од топла средина во климатизирана просторија и обратно. Исто така е очигледно дека оние кои поминуваат поголем дел од времето во климатизирани простории не се во можност лесно да се справат со жешките летни температури. Како резултат на тоа, при појавата на топлотните бранови бројката на починати е сé поголема, што во најголем дел се должи на неможноста за адаптација на наглите и големи температурни промени особено кај лицата со хронични болести.
Изложени постојано на кондициониран воздух од климатизерите многу лица страдаат од астма, кашлица, кивање, иритацијата на кожата, воспаление на носната слузница, чести настинки, инфекции на увото, стомачни болки, чести главоболки, алергиски реакции, иритација на грлото, воспаление на конјунктивите и сл.
Како и во случајот со останатите болести, најмногу подложни се децата, адолесцентите, бремените жени и постарите лица, особено оние со респираторни заболувања и слаб имунолошки систем. Овие група се многу повеќе изложени на ризик ако имаат и експозиција на мувли.
Влагата при системите на наизменично навлажнување овозможува изложеност на микробиолошки агенси, предизвикувајќи здравствени ефекти преку механизми кои вклучуваат надразнувачко, токсично или алергиско дејство.
Познати се и имунолошки заболувања како што е хиперсензитивниот пневмонитис, многу респираторни и мускулоскелетни нарушувања, кои се појавуваат кај лицата изложени на климатизери во работната средина.
Не толку одамна, климатизацијата беше луксуз достапен само за малкумина привилегирани, денес тоа е норматив во голем број деловни простории, канцеларии и јавни транспортни системи, така што е дел од нашите животи.
Cost-benefit од уредите за кондиционирање на воздухот
Придобивки:
- Интензивната топлина има јасно дефинирано негативно влијание врз менталната и физичката активност на човекот, а употребата на клима уредите во одреден степен ги подобрува истите во периодот на летните месеци;
- Клима уредите ги подобруваат и зголемуваат нивоата на удобност при работа и одмор;
- Ја подобруваат ефикасноста на работата и може да резултираат со зголемена физичка и интелектуална активност;
- Пониската температура го намалува присуството на инсекти и паразити;
- Пониската температура придонесува за помалку потење, намален губиток на течности и намалување на ризикот од дехидрација;
- Чистиот систем за климатизација помага во отстранувањето на надворешните алергени како што се полените;
- Ако уредот за климатизација е добар и добро се одржува, го обновува и го подобрува квалитетот на воздухот во внатрешната средина.
Ризици:
- Неочекуваните промени на температурата и влажноста на воздухот влијаат негативно на респираторниот систем;
- Се создава ефект на сушење на кожата и мукозните мембрани;
- Климатизерите со непрекината работа придонесуваат за зголемување на нивото на амбиенталната бучава;
- Со постојаната циркулација на воздухот може да се пренесат причинители на инфективни заболувања на дишните органи;
- Прашината, органските честички и габите може да предизвикаат алергиски реакции;
- Постојаната употреба на клима уредите е поврзана со појавата и влошувањето на хроничниот ринитис, синузитис и фарингитис, иритација на грлото и појава на засипнатост на гласот;
- Клима уредите може да ги поттикнат или интензивираат проблемите со очите како што се конјунктивитис и блефаритис, а предизвикуваат и проблеми со контактните леќи кај лицата кои истите редовно ги користат.
Важно да се запамети:
- Климатизираните простории треба редовно да се проветруваат;
- Професионалната инсталација и одржување се од суштинско значење и за уредите за централна климатизација и за клима уредите со внатрешна и надворешна единица;
- Најдобро е да се одржува собна температура во интервалот 21º до 25ºC;
- Потребно е да се одржува релативната влажност помеѓу 60% и 70%.
- Клима уредите треба редовно и правилно да се чистат и дезинфицираат, по можност два пати годишно пред зимската и летната сезона.