
Од 23-24 октомври, 2014 година во Бон, Германија, се одржа Состанок за зајакнување на надзорот над болестите по потекло од водата подржано од Светска здравствена организација.
На состанокот учествуваа 18 земји членки од Европскиот регион со 33 учесници од Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Финска, Грузија, Унгарија, Казакстан, Киргистан, Црна Гора, Норвешка, Македонија, Молдавија, Русија, Србија, Туркменистан, Украина и Узбекистан, како и од СЗО и УНЕЦЕ. Македонија беше претставена од Проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Национален фокал поинт за Протоколот за вода и здравје.
Проф. д-р Михаил Кочубовски беше избран за модератор за време на работата во групи.
Состанокот имаше за цел да ја подржи имплементацијата на програмата за работа за 2014-2016 година на Протоколот за вода и здравје од Конвенцијата за заштита и користење на прекуграничните водотеци и меѓународни езера. Во рамките на протоколот земјите членки ја идентификуваа превенцијата и намалувањето на болестите по потекло од водата како приоритетна област.
Воспоставувањето и одржувањето сеопфатен национален и локален надзор и ран систем за предупредување за болестите по потекло од водата, плановите за подготовка и одговор при кризни состојби се клучните поглавја од членот 8 од протоколот.
Состанокот ги имаше следните цели:
- Преглед на доказите за состојбата со болестите по потекло од водата во Европскиот регион на СЗО.
- Преглед на пристапите од земјите, искуствата и предизвиците во воспоставувањето, имплементацијата и одржувањето на надзор над болестите по потекло од водата и систем за одговор.
- Постигнување консензус за минималните барања за ефективен надзор над болестите по потекло од водата и системите за менаџирање на епидемиите.
За време на состанокот беше прикажана состојбата со надзорот над болестите по потекло од водата во Европскиот регион и механизмите за известување, надзорот над болестите по потекло од водата и епидемиите на национално ниво, како и најдобрите практики и искуства на земјите во надзорот над болестите по потекло од водата и системите за одговор.
Беше дискутирано за клучните предизвици и потреби за поддршка за подобрување на надзорот над болестите по потекло од водата и системите за одговор.
Техничките упатства за надзор над болести предизвикани од вода, особено поглавјето за суштински надзор беше претходно преведено од Проф. д-р Михаил Кочубовски и беше извршена обука на докторите специјалисти по хигиена за време на Секцијата на здружението на докторите специјалисти по хигиена и здравствена екологија од 10-12.10.2014 година. Истото е постирано и на Веб страната на ИЈЗРМ. Исто така преводот на упатството е доставен и до Здружението на докторите специјалисти по епидемиологија.
На крајот беше разгледувана потребата од ревизија на Техничките упатства за надзор над болести предизвикани од вода, издадени од СЗО во 2011 година. Беше заклучено дека треба да се подготви второ издание на техничките упатства со вклучување на нови поглавја за интегративен и координативен пристап во надзорот над болестите по потекло од водата и системите за одговор.