Мерки за заштита од пренесување на инфекцијата на друго лице:

  • Сместување на заболеното лице во посебна просторија (домашна изолација), додека симптомите на болеста не исчезнат. Вратата на просторијата треба да биде постојано затворена.
  • Ограничување на пристапот на домашните и други лица во собата на заболениот (што помал број лица да се грижат за него, да не се дозволуваат посети).
  • Да се избегнува бремена жена да се грижи за заболено лице.
  • Заболениот да носи заштитна маска додека во собата престојува друго лице (доколку не се располага со заштитна маска, да се покрива устата и носот со рака или марамче за еднократна употреба, особено при кашлање и кивање).
  • Одржување на хигиена на дишните патишта и хигиена на рацете (миење на раце со сапун и топла вода или користење на влажни марамчиња на база на алкохол, особено после кашлање и кивање).
  • Одржување на хигиена на просторијата или заедничките простории каде престојува заболениот, а доколку постои можност и вршење на дезинфекција на овие простории (особено на бањата).
  • Приборот за јадење, нечистите алишта, крпи, постелнина и други предмети (играчки кај деца) кои биле користени од страна на заболеното лице, потребно е да се третираат со внимателност до нивното миење/перење (да не се допираат, доколку мора – да не се приближуваат до лицето). Овие предмети не мора да се чистат одделно, но треба да се употреби топла вода и детергент и темелно да се измијат/исперат и исушат пред нивната повторна употреба.
  • Често проветрување на собата на заболеното лице, како и другите простории кои заеднички се користат, ако има такви.
  • Избегнување на превоз на заболено лице во средствата за јавен транспорт, доколку се укаже таква потреба (на пр. при одење на лекарски преглед и сл.). Во вакви случаи заболениот да носи заштитна маска – доколку е на располагање, или да ја покрива устата и носот со рака или марамче за еднократна употреба при кашлање и кивање.
  • Да не се оди на работа или во училишта за времетраење на болеста. Заболеното лице може да се врати на работа или во училиште кога симптомите на заболување ќе исчезнат.

АКО ДАВАТЕ НЕГА НА БОЛНО/СОМНИТЕЛНО БОЛНО ЛИЦЕ:

(мерки за заштита кои се однесуваат на блиските контакти*):

  • Миење на рацете со сапун и вода (доколку се располага и со средство за дезинфекција) пред и по излегување од собата на болниот и после секој контакт со него.
  • Користење на заштитна маска за време на престојот во собата на заболеното лице, доколку ви е достапна.
  • Избегнување на директен контакт „лице во лице“ со заболеното лице.
  • Доколку постои можност, да се користат и ракавици за еднократна употреба при директен контакт со болниот или со предмети од неговата блиска околина.
  • Често миење на рацете со сапун и вода или бришење на рацете со влажни марамчиња на база на алкохол, од страна на сите членови на семејството.
  • Семејните контакти да ја следат својата здравствена состојба и здравствената состојба на децата во семејството и доколку се појават симптоми слични на грип (висока температура, кашлица, грлоболка, тешкотии при дишење), веднаш да побараат лекарска помош.

* Дефиниција на близок контакт (СЗО):

Близок контакт е лице кое се грижи, живее во исто домаќинство или има директен контакт со излачувања од дишните патишта или други телесни течности од лице кое е потврден или сомнителен случај на инфлуенца A/H1N1.

Мерките за заштита треба да се почитуваат особено при директни активности кои се поврзани со заболеното лице, при што можностите за контакт со секрети од дишните патишта, а со тоа и ризикот за пренесување на инфекцијата е значително поголем (на пр. капење, хранење, пресоблекување).