Стареењето претставува природен, неповратлив физиолошки процес, кој различно се манифестира односно се разликува кај секоја индивидуа.
Здравото стареење по дефиниција претставува процес на развивање и одржување на функционалните способности што овозможува благосостојба во постара возраст.
Светската здравствена организација го дефинира активното стареење како “процес на оптимизирање на можностите за здравје, учество и безбедност со цел да се подобри квалитетот на живот како што луѓето стареат”
20 век е обележан како револуција во долговечноста. Луѓето во светот живеат подолго. Просечното очекувано траење на животот се зголемило за 20 години од 1950 година до 66 години и се очекува да продолжи со уште 10 години до 2050 година. Во 2017 година, скоро една петина (19%) од населението на ЕУ е на возраст од 65 години и повеќе. До 2050 година на глобално ниво се очекува популацијата над 60 години да достигне 2 милијарди, за разлика од 2015 што изнесувала 900 милиони. Падот на стапката на наталитетот и продолжениот животен век ја менува демографската слика во земјите низ светот.
Во Република Северна Македонија типичен е феноменот на регионално стареење на населението во руралните подрачја поради интензивна миграција на младото продуктивно население во насока село-град.Тоа води кон многу голема застапеност на старите лица во вкупната возрасна структура на населението во руралната средина наспроти населението во град.
Генерално во старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во Република Северна Македонија од вкупното население, бројот на стари лица во 2015 година изнесувал 264.964, додека бројот на стари лица во 2018 година се зголемил на 287.590. Во периодот од 2008 до 2018 година учеството на старото население 65 и повеќе години е зголемено од 11.5% на 14.1 %.
Во јануари 2020 година Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи избувнувањето на нов коронавирус, COVID-19, со цел да се алармираат здравствените власти за итна јавно здравствена и меѓународна грижа.
Корона заразната болест или COVID-19 е заразна болест предизвикана од новооткриениот коронавирус. Повеќето луѓе заразени со вирусот COVID -19 ќе доживеат блага до умерена респираторна болест и ќе закрепнат без да бараат посебен третман. Но постарите луѓе и оние со хронични проблеми како кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, хронична респираторна болест и карцином се со поголема веројатност да развијат сериозни заболувања. Повеќе од 95% од смртните случаи со COVID-19 во Европа се лица над 60 години. Американските центри за контрола и превенција на болести известија дека од 12 февруари до 16 март 2020 година, фаталноста на COVID- 19 во Соединетите држави била највисоко кај луѓе над 85 години, а потоа следат луѓе на возраст од 65 до 84 години.Република Северна Македонија досега успешно се справува со пандемијата COVID-19, линеарниот раст на заболени во последните 15 дена е охрабрувачки, имаме број на заболени приближно еднаков секој ден. Со продолжување на овој тренд или намалување на истиот, здравствениот систем ќе може да ги опслужи граѓаните и добро да се справи со коронавирусот.Согласно статистичката анализа на Институтот за јавно здравје заклучно со 9ти мај во РСМ има 1645 потврдени случаи на COVID-19, возраста на заболените се движи од 0 до 94 години, а просек е 45.2 години. Најголем број на заболени се на возраст над 60 години (357 лица) или 21.7% со инциденца од 93,1/100.000, а највисока специфична инциденца 124,4/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (346 заболени).
Дистрибуција на заболени од COVID-19 според возрасни групи, (n=1.642)
Регистриран е 91 смртен случај (Лт = 5,5%). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=59) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 15,4/100.000 жители. Регистрирани се 61 смртни случаи кај лица од машки и 30 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 67 (73,6%) се регистрирани коморбидитети. Проценката на СЗО на глобално ниво и на ниво на Европски Регион за понатамошно ширење на COVID-19 укажува на тоа дека ризикот сеуште е многу висок. Постарите лица и лица со претходни медицински состојби, како што се: асма, дијабетес, и срцеви заболувања се подложни на сериозни компликации од вирусот. Постарите лица немаат силен имунолошки систем, така што се поранливи и поподложни на заразни болести. Исто така поголема е веројатноста тие да имаат: дијабет,срцеви заболувања, заболувања на белите дробови кои ја ослабнуваат способноста на нивното тело да се бори со COVID-19. Голема е веројатноста старите лица да се сместени во инстутуции како што се домови за стари лица или да живеат во големи семејства каде има поголема фрекфенција на луѓе. Исто така тие можат да имаат предизвици и со изолацијата, неможност да добијат информации, храна па така им се отежнува секојдневието. Министерството за здравство и комисијат за заразни болести ги советува лицата од сите возрасти да превземат мерки за заштита од вирусот, со практикување на постојана и добра хигиена на рацете и на респиратотниот систем како и користење на заштитни маски или марами при излегување од домот.Постарите лица сакаат да имаат сигурни современи и точни информации, особено во врска со пандемијата COVID-19. Министерството за здравство на РСМ секојдневно ја проследува статистиката на Институтот за јавно здравје на РСМ за состојбата со пандемијата на националниот канал и локалните канали како и социјалните медиуми, со цел точна и навремена информација до повозрасните но и сите граѓани на РСМ. За заштита од COVID-19 и одржување на добро ментално здравје постарите лица потребно е да ја искористат телефонската линија за помош и подршка наменета за оние со когнитивен пад, деменција, стрес, анксиозност или пак само потреба за разговор и поддршка во моментите на изолација или карантин. Се мотивираат семејството и соседите да обезбедат, практична и емоционална поддршка на своите повозрасни соседи или пак роднини, преку почести контакти со старите лица или пак помош при пазарување и сл. Потребно е старите лица за време на изолација да го намалат стресот преку поголемо внимание на сопствените потреби и чувства, да бидат ангажирани во здрави активности во кои уживаат и се релаксираат.
Постои дирекна поврзаност помеѓу исхраната, физичката активности и здравјето. Исхраната е клучен фактор кога станува збор за физичка и ментална благосостојба. Тоа е важно исто така и за спречување на болести и намалување на истите.
Постарите лица потребно е да се хранат со здрави немирници посебно во време на пандемија каде тие се најризична група, она што се јаде и пие може многу да влијае на способноста на телото, да се бори да спречи и да закрепнува од инфекции.
Советите за здрава храна вклучуваат:
- Разновидна храна , која вклучува овошје и зеленчук.
- Секојдневен внес на храна богата со интегрални житарки, пченица, пченка, ориз, мешунки како леќа и грав во комбинација со( риба, месо, млеко или јајца).
- За ужина- свежо овошје, суров зеленчук и апетисани без сол.
- Ограничување на внесот на сол до 5грама (еквивалентно на едно лажиче сол дневно)
- Консумирање на умерена и ограничена количина на масти и масла.
- Избегнување на преработена пржена храна која содржи индустриски произведени транс- масти.
- Ограничен и намален внес на шеќери: слатки, газирани пијалоци, овошни пијалоци во вид на прав, ароматизирана вода и сл.
Пасивниот начин на живот обично се поврзува со зголемен ризик од хронични заболувања намалено движење значи и намалено имунолошо здравје. Од овие причини, физичката активност и движењето се особено важни за време на пандемијата од COVID-19. Имајќи го предвид кроткото време за активности надвор од домот потребно е да се прилагодат условите во домот за физичка активност.
Возрасни од 65 години и повеќе
- Треба да се физички активни најмалку 150 минути со умерен интензитет во текот на целата недела, или најмалку 75 минути физичка активност со силен интензитет во текот на целата недела, или еквивалентна комбинација на активност со умерен и енергичен интензитет.
- За дополнителни здравствени придобивки, тие треба да ја зголемат физичката активност со умерен интензитет на 300 минути неделно, или еквивалентно.
- Оние со слаба подвижност треба да прават вежби за подобрување на рамнотежата и спречување на повреди, 3 или повеќе дена неделно.
- Активности за јакнење на мускулите и коските, вклучувајќи ги поголемите мускулни групи се препорачуваат најмалку 2 дена во неделата.
Состојбата со пандемијата COVID-19 ги погодува сите луѓе глобално па потребно е да се почитуваат препораките на Светската здравствена организација како и препораките од Министерството за здравство со цел полесно и побрзо намалкување на заболените и жртвите.
За активно и здраво стареење старите лица потребно е да се придржуваат на препораките доколку имаат проблем со осаменост да ги побарааат своите блиски преку телефон или пак преку социјалните мрежи, да не ја губат врската со семејството и пријателите, да не заборават на физичка активност, здрава исхрана како и редовно да се информираат за препораките и заштита од COVID-19.
Користена литература:
1.https://www.who.int/docs/default-source/coronaviruse/mental-health-considerations.pdf
2.https://nutrition.org/how-to-stay-fit-and-healthy-during-coronavirus-covid-19-pandemic/
3.https://www.hrw.org/news/2020/04/07/rights-risks-older-people-covid-19-response
5.https://www.weforum.org/agenda/2020/03/coronavirus-covid-19-elderly-older-people-health-risk/
6.https://www.bgs.org.uk/coronavirus-advice-to-older-people
Оддел за здравствена промоција и следење на болести