Институтот за јавно здравје во досегашната работа постојано предупредува на потенцијалната опасност од консумација на енергетските пијалоци кај младите луѓе, кои практикуваат да консумираат по повеќе дози за краток временски период или да ги консумираат истовремено со алкохол.
Енергетските пијалоци содржат шеќери, кофеин над 150мг/л , најчесто во ранг пд 250 до 300мг/л, а не би требало да содржат повеќе од 320мг/л. Исто така содржат витамини од Б групата и со тоа го стимулираат метаболизмот на шеќерите и ја зголемуваат психичката и физичката подготвеност. Кофеинот има улога да ја зголемува будноста, концентрацијата, но исто така делува стимулативно и на кардиоваскуларниот систем и може да предизвика забрзана срцева работа и зголемен крвен притисок при високи дози. Освен кофеин тие може да содржат и други стимуланси како гуарана, таурин, и слични.
Досега постојано инсистиравме на декаларацијата на енергетските пијалоци да биде јасно назначено следното предупредување :
- енергетскиот пијалокот не смее да се меша со алкохол и да не се консумира истовремно со алкохолни пијалоци
- во никој случај не треба да се надминат две дози дневно (500мл)
- не треба да го консумираат деца и млади луѓе до 18 години возраст
- да не го консумираат лица преосетливи на кофеин, бремени жени и лица болни од шеќерна болест (дијабетес).
За жал овие предупредувања, ако се наведени, тогаш се испишани со толку мали букви ,честопати тешко читливи за потрошувачите.
Истражувањата спроведени од Европската агенција за безбедност на храната укажуваат дека 30% од возрасните, 68% од адолесцентите и 18% од децата до 10 годишна возраст во Европска Унија консумираат енергетски пијалоци. Ова се загрижувачки податоци кои бараат сериозни акции во однос на едукација на младите и рестрикција во продажбата на овие пијалоци.
Светската Здравствена Организација изрази загриженост заради зголемена консумација на енергетските пијалоци и потенцијалната опасност за здравјето на младите.
Институтот за јавно здравје на Република Македонија исто така смета дека енергетските пијалоци претставуваат закана за здравјето на младите луѓе кои често неконтролирано ги употребуваат во зголемени количини.