Во текот на 44-та недела од 2015 година (26.10 – 01.11.2015), во Република Македонија од осум извештајни единици пријавени се 77 случаи на грип со инциденца од 3,7 на 100.000 жители, што не е значајно зголемување во однос на минатата недела (66). Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 10,0%  споредено со 44 недела од минатата сезона кога беа регистрирани 70 случаи.

Како и претходната, во 44-та недела најголем број заболени (45) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 8,6/100.000 жители е регистрирана кај најмладите – деца на возраст од 0-4 години.

Оваа недела до ИЈЗ пристигнати се 3 биолошки примероци за лабораториска дијагноза, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 7 примероци, не е добиен позитивен резултат за вирус на грип.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 225, а кумулативната инциденца – 10,9/100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 13 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (87), ЦЈЗ Куманово (54) и ЦЈЗ Прилеп (32), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи.

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 21.314 лица или 69,5% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 61,7%, 34,6% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,2% од сите вакцинирани. Вакцинирани се три деца под 5 години. Од вкупниот број вакцинирани, 70,6% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 532 здравствени работници (2,5% од сите вакцинирани лица).

Имајќи ја во предвид епидемиолошката слика за 44 недела, негативните резултати од вирусолошкиот надзор и историските податоци за активноста на грип во овој период, може да се заклучи дека активноста на грип во Република Македонија е со низок интензитет.

___________________________________________________________________________

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и вакцина против сезонски грип.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 43 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет со локална или спорадична географска активност во 42 земји кои доставиле извештај.

Од почетокот на сезоната, пријавени се вкупно 14 лабораториски потврдени изолати на инфлуенца. Детектирани се сите три сезонски инфлуенца вируси (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје