Во текот на 45-та недела од 2015 година (02.11 – 08.11.2015), во Република Македонија од десет извештајни единици пријавени се 99 случаи на грип со инциденца од 4,8 на 100.000 жители, што не е значајно зголемување во однос на минатата недела (77 заболени лица). Бројот на пријавени лица оваа недела е речиси ист во споредба со 45-тата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 98 случаи (Графикон 1).

Графикон 1. Дистрибуција на заболените од сезонски грип по недела на пријавување, моделирана типична епидемиска крива од последни 5 сезони, сезона 2014/2015 и сезона 2015/2016

Grafikon 1

Како и претходната, во 45-та недела најголем број заболени (57) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 12,9/100.000 жители е регистрирана кај најмладите – деца на возраст од 0-4 години.

Оваа недела до ИЈЗ пристигнати се 6 биолошки примероци за лабораториска дијагноза, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип. Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 13 примероци, не е добиен позитивен резултат за вирус на грип.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 324, а кумулативната инциденца – 15,7/100.000 жители. Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од 15 извештајни единици. Најголем број се регистрирани на регионот на ЦЈЗ Тетово (121), ЦЈЗ Куманово (75) и ЦЈЗ Прилеп (45), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени во оваа сезоан се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години – 204 случаи (63,0%), а најголема кумулативна инциденца од 26,7/100.000 се регистрира кај лицата на возраст 0-4 години.

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се 23.556 лица, што претставува 76,8% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 61,3%, 34,6% се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,4% од сите вакцинирани. Вакцинирани се пет деца под 5 години. Од вкупниот број вакцинирани, 69,8% се со историја на хронично/и заболување/а. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 695 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Нема вакцинирани бремени жени.

Вакцинацијата е завршена во ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија. 

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и вакцина против сезонски грип.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 44 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот на грип е со низок интензитет со локална или спорадична географска активност во 40 земји кои доставиле извештај.

Од почетокот на сезоната, пријавени се вкупно 23 лабораториски потврдени изолати на инфлуенца. Детектирани се сите три сезонски инфлуенца вируси (А (H1N1) pdm09, А (H3N2) и B).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје