ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 10-тата недела од 2016 година (07.03 – 13.03.2016), во Република Македонија од 27 извештајни единици пријавен е 1.759 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 85,0 на 100.000 жители, што претставува намалување за 8,9% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е за 2,4 пати помал во споредба со 10-та недела од минатата сезона, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони, исто така постои намалување од  11,1% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на сезонската активност на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела  е под очекуваниот број на случаи и под максималната неделна граница (3.483) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

Grafikon 1

И во десеттата недела, најголем број и процент на заболени (n=1.104; 62,8%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците од 5-14 години (I=149,5/100.000) и децата на возраст од 0-4 години – 119,6/100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (n=241) се пријавени од ЦЈЗ Охрид, а во ЦЈЗ Прилеп и ЦЈЗ Тетово има регистрирано по 226 заболени лица. Највисока инциденца од 429,5 на 100.000 жители, во текот на неделата е регистрирана на територија на ЦЈЗ Охрид, а во ПЕ Дебар е втората највисока инциденца од 399,9/100.000, потоа следат ЦЈЗ Велес со инциденца од 255,1/100.000 и ЦЈЗ Прилеп 237,1/100.000 (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, десеттата недела 2016 година.

mapa

Вкупниот број на пријавени случаи од грип во сезоната 2015/2016 изнесува 24.059, a кумулативната инциденца е 1162,7/100.000 жители. Досега во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, двата на територијата на ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година (n=22.852), кумулативниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 5,3%, а во однос на моделот за последните пет сезони (n=20.386) се регистрира зголемување од 18,0%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=3.070; 12,8%; I=3.241,2/100.000), ЦЈЗ Прилеп (n=2.506; 10,4%; I=2.629,1/100.000), ЦЈЗ Скопје (n=2.504; 10,4%; I=405,4/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=1.920; 8,0%; I=961,1/100.000). Нема пријавено заболени лица само во ПЕ Валандово, а највисока  кумулативна инциденца (I=4.923,9/100.000) е регистрирана во ПЕ Свети Николе (1.010 заболени) и ПЕ Кавадарци (I=3.743,6/100.000) со 1.611 регистрирани случаи (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,   сезона 2015/16

grafikon 2Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 15.878 случаи (66,0%), а најголема кумулативна инциденца од 2.014,7/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (1.550,9/100.000 жители) (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот  на месец февруари, кога се пријавени 15.489 случаи или 64,4% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во текот на месец март, за првите две недели, пријавени се 3.690 случаи или 15,3% од вкупниот број на заболени во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4

 

 ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 10-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ сe тестирани 3 материјали за присуство на грип, сите негативни.

Во сезоната 2015/2016, од вкупно тестираните 92 примероци, 25 (27,2%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (од нив 9 се A(H1N1)pdm09, 2 се А(H3N2), 7 се Influenza A – нетипизирани  и 7 –  Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.772 лица и потрошени  88,6% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 10-та недела, вакцинирани се само две лица во Куманово.

Дури 80,1% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,0% (n=16.073), 34,9% (n=9.343) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,0% (n=540) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.174 или 67,9% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Оваа недела се регистрира благ пад на бројот на регистрирани случаи, но и понатаму имаме широка географска распространетост, а преку вирусолошкиот надзор над грип оваа недела не е добиен позитивен резултат од пристигнатите примероци.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип се одржува со средно висок интензитет, движејќи е во рамките на очекуваниот број за овој период од сезоната. Се очекува активноста на грип постепено да се намалува во наредните недели.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 9 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, 25 од вкупно 46 земји-членки во Европскиот регион на СЗО, согласно географската дистрибуција пријавиле широка распространетост на вирусот на грип, додека 5 земји пријавиле регионална активност и 14 земји локална/спорадична активност  на вирусот на грип.

Според интензитетот, 25 земји пријавиле среден интензитет и 20 земји низок интензитет на активноста на вирусот на грип. Тренд на опаѓање на активноста на вирусот на грип пријавиле 28 земји, 6 земји имаат пријавено зголемување на  трендот, а 13 стабилен тренд на вирусот на грип.

Триесет и седум земји објавиле детекција на вирусот на инфлуенца во 44,2% од тестираните примероци од сентинел надзорот. Инфлуенца Б вирусот учествува со 55,4%, а Инфлуенца А  со 44,6% во детектираните сентинел примероци. Подтипот А(H1N1)pdm09 останува доминантен подтип со 76,7% од инфлуенца А детекциите.

Случаи на тешка болест се помалку детектирани во споредба со претходните недели, но бројот варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 и се регистрирани кај лица на возраст од 15-64 години.

Досега, доминацијата на А(H1N1) pdm09 ја карактеризира сезоната 2015-2016 во повеќето земји во регионот; овој подтип може да предизвика потешка болест и смрт кај луѓето под 65 години.

Околу 66,2 % од откриените вируси оваа сезона се тип А, а 33,8% се тип Б. Најголем дел од Influenza А вирусите отпаѓа на А(H1N1)pdm09 подтипот (82,5%), а од Influenza B, од оние  типизираните – на B/Victoria (44,1%).

Од 52/2015 недела, неколку европски земји со воспоставени системи за надзор за тешки акутни респираторни инфекции (SARI) пријавиле стабилизирање или опаѓање на бројот на случаи поврзани со А (H1N1) pdm09. Слично на тоа, земјите кои пријавуваат лабораториски потврдени случаи во болниците и одделите за интензивна нега детектирале инфлуенца А кај поголемиот број на случаи од почетокот на сезоната, а А(H1N1) pdm09 е доминантен подтип.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје