ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 19-та недела од 2016 година (09 – 15.05.2016), во Република Македонија од шест извештајни единици пријавени се 53 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 2,6 на 100.000 жители, што не претставува значајно зголемување во однос на минатата недела кога беа регистрирани 44 заболени лица и инциденца од 2,1/100.000 жители. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 8,2% споредено со 19-та недела од минатата сезона, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони е бројот во 19-та недела е поголем за 75% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на одржување на ниска сезонската активност на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи од 19-та недела е под сезонскиот праг кој изнесува 120 случаи (5,8/100.000, што укажува на вонсезонско ниво на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1 (5)

Оваа недела, од 6 извештајни единици во кои има пријавени заболени, во ЦЈЗ Тетово регистрирани се 29 случаи, а од ЦЈЗ Прилеп 15 случаи со највисока инциденца од 15,7/100.000 жители.

Како и претходната, така и во 19-тата недела, најголем број и процент на заболени (n=32; 60,4%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана во возрасната група деца/ ученици од 5-14 години (I=4,8/100.000) и кај децата на возраст од 0-4 години, 4,3/100.000.

Во сезоната 2015/2016 вкупно се пријавени 29.082 случаи на грип/заболувања слични на грип, со кумулативна инциденца од 1.405,5/100.000 жители. Досега во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, двата на територијата на ЦЈЗ Битола, во февруари месец.

Во споредба со истиот период од минатата година кумулативниот број на пријавени случаи е помал за 12.5%, а во однос на моделот за намалувањето изнесува 14,2%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Прилеп (n=3.563; 12,3%), следат ЦЈЗ Струмица (n=3.281; 11,3%), ЦЈЗ Скопје (n=3.119; 10,7%), ЦЈЗ Тетово (n=2.839; 9,8%) и ЦЈЗ Охрид (n=2.553; 8,8%). Оваа сезона нема пријавено заболени лица од грип само во ПЕ Валандово (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,   сезона 2015/16

Grafikon 2 (2)

 Највисока кумулативна инциденца од 5.167,7/100.000 е регистрирана во ПЕ Свети Николе, каде се регистрирани вкупно 1.060 заболени лица, а висока инциденца се регистрира и во ЦЈЗ Охрид (I=4.550,1/100.000) и ПЕ Кавадарци (I=4.006,1/100.000) (Графикон 2).

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, најголем број случаи 19.135 (I=1.307,5/100.000) се регистрираат кај групата од 15-64 години – 19.135 случаи кои чинат 65,8% од сите пријавени, а најголема кумулативна инциденца од 2.434,2/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години (Графикон 3).

Графикон 3.  Кумулативна дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

 Grafikon 3 (2)

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст до февруари 2016 кога се пријавени 15.489 случаи или 53,4% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во првата недела од месец мај се пријавени 44 случаи или 0,2% од вкупниот број на регистрирани случаи во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4 (2)

 

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 19-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ не се тестирани материјали за присуство на вирусот на грип.

Во сезоната 2015/2016, тестирани се вкупно 110 примероци, од кои 30% (n=33) се позитивни на вирусот на грип. Од позитивните примероци 54,5% (n=18) се Influenza А (10 се A/H1N1pdm09, 1 е А/H3N2 и 7 се Influenza A – нетипизирани), додека 45,5% (n=15) се  Influenza B.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.860 лица и потрошени  88,9% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 19-та недела, вакцинирани се две лица, по едно од Скопје и Кичево.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 59,8% (n=16.069), 35,0% (n=9.390) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,2% (n=585) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.188 или 67,7% се лица со историја на хронично/и заболување/а. Вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици.

Согласно расположливите информации, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани 656 лица, сите во Скопје. Најголем број (317) и процент (48,5%) од нив се деца на возраст до 4 години.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Имајќи го во предвид малиот број на регистрирани случаи, заедно со намалување на географската распространетост и негативните лабораториски резултати, може да се заклучи дека во Македонија активноста на вирусот на грип е на вон сезонско ниво. Не се очекуваат значителни промени во активноста на сезонскиот грип во наредниот период.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (18 недела/2016), активноста на вирусот на грип продолжи да се намалува во земјите од Европскиот Регион, а 94% од земјите пријавиле ниска активност. Активноста на вирусот на грип, врз основ на лабораториски потврдени лесни и тешки случаи во сентинел и рутинскиот надзор го достигна својот пик во 5-7 недела/ 2016. Процентот на позитивни сентинел примероци се намали од 14% во 17-та на 11% во 18-тата недела.

Како што е вообичаено за крајот на сезоната на северната хемисфера, се регистрира поместување кон Influenza B, па така 82% од детекциите во последната недела се должат на овој вирус. Бројот на случаи на САРИ е помал отколку во претходните недели, но варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 инфекција и се кај луѓе на возраст од 15-64 години.

Вкупно 59% од откриените вируси во сентинел надзорот за оваа сезона се Influenza А, а 41% се Influenza B. Од детектираните Influenza А вируси, најголем дел од отпаѓааат на поттипот А(H1N1)pdm09 (88% од субтипизираните), а од Influenza B – на B/Victoria (97%).

Најголемиот дел од вирусите откриени оваа сезона генетски одговараат на оние кои се вклучени вакцината за сезоната 2015-2016 во северната хемисфера.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје