ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 11-та недела од 2016 година (14.03 – 20.03.2016), во Република Македонија од 25 извештајни единици пријавени се 1.553 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 75,1 на 100.000 жители, што претставува намалување за 11,7% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 50,6% споредено со 11-та недела од минатата сезона, а во однос на број типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои намалување од 5,2% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на сезонската активност на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела  е под очекуваниот број на случаи и под максималната неделна граница (2.979) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1

И во 11-тата недела, најголем број и процент на заболени (n=950; 61,2%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците од 5-14 години (I=153,0/100.000) и децата на возраст од 0-4 години – 114,5/100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (n=297) се пријавени од ЦЈЗ Прилеп, во ЦЈЗ Тетово има регистрирано 236 заболени лица, во ЦЈЗ Скопје – 199, понатаму 148 случаи се пријавени од страна на ЦЈЗ Охрид, а во регионот на ПЕ Дебар се регистрирани 103 заболени лица. Највисока инциденца од 371,1 на 100.000 жители во текот на неделата е регистрирана на територија на ПЕ Дебар, во ЦЈЗ Прилеп се регистрира втора највисока инциденца од 311,6/100.000, а потоа следи ЦЈЗ Охрид со инциденца од 263,8/100.000 (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 11-та недела 2016 година.

 мапаВкупниот број на пријавени случаи од грип во сезоната 2015/2016 изнесува 25.612, a кумулативната инциденца е 1.237,8/100.000 жители. Досега во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, двата на територијата на ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година (n=25.995), кумулативниот број на пријавени случаи во оваа сезона е помал за 1,5%, а во однос на моделот за последните пет сезони (n=22.024) се регистрира зголемување од 16,3%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=3.143; 12,3%; I=3.318,3/100.000), ЦЈЗ Прилеп (n=2.803; 10,9%; I=2.940,7/100.000), ЦЈЗ Скопје (n=2.703; 10,6%; I=437,6/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=2.156; 8,4%; I=1.079,3/100.000) и ЦЈЗ Охрид (n=2.034; 7,9%; I=3.625,1/100.000). Сезонава нема пријавено заболени лица само во Валандово (Графикон 2).

 Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,   сезона 2015/16

Grafikon 2

 Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 16.828 случаи (65,7%; I=1.153,1/100.000), а најголема кумулативна инциденца од 2.167,6/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години каде инциденцата изнесува 1.665,3/100.000 жители (Графикон 3).

 Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи,сезона 2015/16

                       Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот  на месец февруари, кога се пријавени 15.489 случаи или 60,5% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во текот на месец март, за три недели се пријавени 5.243 случаи или 20,5% од вкупниот број на регистрирани случаи во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 11-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 2 нови материјали за присуство на грип, двата биле негативни.

Во сезоната 2015/2016, тестирани се вкупно 94 примероци, од кои 25 (26,6%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (од нив 10 се A(H1N1)pdm09, 1 е А(H3N2), 6 се Influenza A – нетипизирани  и 8 –  Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.799 лица и потрошени  88,7% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 11-та недела, вакцинирани се вкупно 12 лица, од кои во ЦЈЗ Скопје – 5, во ЦЈЗ Тетово – 6 и едно лице е вакцинирано  во ПЕ Гостивар.

Дури 80,1% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,0% (n=16.074), 34,9% (n=9.348) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,1% (n=561) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.185 или 67,8% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Иако и оваа недела се регистрира благ пад на бројот на регистрирани случаи, и понатаму имаме широка географска распространетост, а преку вирусолошкиот надзор над грип оваа недела не е добиен позитивен резултат од пристигнатите примероци.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип се одржува со средно висок интензитет, движејќи е во рамките на очекуваниот број за овој период од сезоната. Се очекува активноста на грип да продолжи да се намалува во наредните недели.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 10 недела/2015) во Европа, во најголем дел од земјите е достигнат пикот на сезоната со оглед на тоа што само една земја пријави висок интензитет, а поголемиот број на земји (93%) пријавиле намалување или стабилен тренд. Процентот на позитивни сентинел примероци е со мало зголемување, до 48%, што е слично со последните четири недели. Инфлуенца Б е регистриран со 62% од сентинел примероците од оваа недела, повисоко од претходната недела (55%), што укажува на промена кон циркулација на Инфлуенца Б. Бројот на случаи на САРИ е помал отколку во претходните недели, но варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 инфекција и се кај лица на возраст од 15-64 години.

Досега, доминацијата на А(H1N1) pdm09 ја карактеризира сезоната 2015-2016 во повеќето земји во регионот; овој подтип може да предизвика потешка болест и смрт кај луѓето под 65 години, но во последните неколку недели е забележана промена кон циркулација на Инфлуенца Б.

Околу 64,6% од откриените вируси во сентинел надзорот оваа сезона се тип А, а 35,4% се тип Б. Најголем дел од Influenza А вирусите отпаѓа на А(H1N1)pdm09 подтипот (82,7%), а од Influenza B, од оние типизираните – на B/Victoria (47,3%).

Во неколку европски земји регистрирани повеќе случаи на САРИ, претежно поврзани со А (H1N1) pdm09, отколку во претходната сезона. Бројот на случаи се намалува во последните недели.

Седум земји од западниот дел на регионот пријавиле 2.862 случаи од единиците за интензивна нега и 2.507 од други оддели. Инфлуенца А е откриен во 90% од случаите примени во единиците за интензивна нега, а А (H1N1) pdm09 се доминантен поттип (98%). Во сите други оддели, регистрирани се 21% со Инфлуенца Б и 79% со Инфлуенца А, а А (H1N1) pdm09 е доминантен поттип (99%).

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје