ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на седмата недела од 2016 година (15.02 – 21.02.2016), во Република Македонија од 30 извештајни единици пријавен е 5.041 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 243,6 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 19,2% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,4 пати споредено со 7-мата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 2.059 случаи, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои зголемување од 81,4% (Графикон 1).

Наведените факти говорат во прилог на значително интензивирање на сезонската активност на грип која продолжува и оваа недела, и е над горната неделна граница на очекуван број на случаи (4.315) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1

И во седмата недела, најголем број заболени (n=2.824) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците на возраст од 5-14 години (I=683,1/100.000) и кај децата на возраст од 0-4 години – 281,4/100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (1.126) се пријавени од ЦЈЗ Струмица, ЦЈЗ Велес има регистрирано 625 заболени, ЦЈЗ Скопје – 590 и ЦЈЗ Битола – 375. Највисока инциденца во текот на оваа недела е регистрирана во ЦЈЗ Струмица (I=1.188,8/100.000) (Картограм).

 

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, седма недела 2016 година.

 Картограм 7н

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 17.278, со инциденца од 835,0 на 100.000 жители. За истиот овој период, пријавени се 2 смртни случаи асоцирани со грип од ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 63,9%, а во однос на моделот за последните пет сезони исто така се регистрира зголемување од 35,8%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=2.626; 15,2%), ЦЈЗ Прилеп (n=1.724; 10,0%), ЦЈЗ Скопје (n=1.646; 9,5%) и ЦЈЗ Битола (n=1.527; 8,8%). Нема пријавено заболени лица само во ПЕ Валандово. Највисока кумулативна инциденца (I=4.124,4/100.000) е регистрирана во ПЕ Свети Николе, каде се регистрирани вкупно 846 заболени лица (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ, сезона 2015/16

 Grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 11.415 случаи (66,1%), а најголема кумулативна инциденца од 1.486,3/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (1.076,7/100.000 жители) (Графикон 3).

     Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот  на првите две недели на месец февруари, кога пријавени се 7.357 случаи или 60,1% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната (Графикон 4).

 

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 7-мата недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ сe тестирани 8 материјали за присуство на грип, од кои 2 се позитивни, Influenza A – нетипизирани.

Во сезоната 2015/2016 од пристигнатите 66 примероци, 11 (16,7%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A(H1N1)pdm09, 6 се Influenza A – нетипизирани  и 2 –  Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.744 лица и потрошени 88,5% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 7-ма недела, вакцинирани се 20 лица – најголем број од нив во Скопје (11), додека 80,2% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,1% (n=16.065), 34,9% (n=9.328) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,0% (n=535) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.161 или 67,9% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Продолжува интензивниот раст на бројот на регистрирани случаи на грип и оваа недела, како и процентот на позитивно тестирани примероци.

Постои широка географска распространетост – 96,8% од ЦЈЗ/ПЕ пријавиле случаи во последната недела.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип е со висок интензитет и широка географската распространетост.

Се очекува активноста на грип да се одржи со висок интензитет во наредните  недели.

 

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 6 недела/2015) за состојбата со грип во сезоната 2015/2016 во Европа, активноста на вирусот е зголемена. Од 46 земји кои доставиле податоци, 21 пријавуваат раст на ИЛИ и АРИ, а 37 земји регистрирале позитивни примероци преку сентинел надзорот.

Во пет земји (Белорусија, Грција, Ирска, Финска и Швајцарија) е регистрирано високо ниво на активност на вирусот на грип. Во останатите земји активноста се движи од ниска до средна.

Во однос на географската распространетост, 32 пријавиле широка распространетост, а 11 земји спорадична/локална.

Оваа недела, 44,2% од тестираните примероци биле позитивни за присуство на вирусот на грип.

Influenza A(H1N1)pdm09 и понатаму е доминантен подтип уште од почетокот на сезоната, а во тековната недела на него се должат 57,4% од позитивните тестирани примероци.

Доминацијата на A(H1N1)pdm09 може да предизвика случаи на тешка акутна респираторна инфекција (SARI) и смртен исход, претежно кај лица на возраст од 15-64 години.

Околу три четвртини (72,4%) од откриените вируси оваа сезона се тип А, а 27,6% се тип Б. Најголем дел од Influenza А e А(H1N1)pdm09 подтипот (81,9%), а од Influenza B, од типизираните – B/Victoria (26,9%).

Инфлуенца А(H1N1)pdm09 преовладува меѓу хоспитализираните случаи со лабораториски потврдена инфекција на грип пријавени од почетокот на сезоната. Од 40 недела/2015, седум земји пријавиле 1.102 случаи од одделите за интензивна нега и 1.106 од други оддели. Инфлуенца А вирусите се откриени кај 93% од случаите во одделите за интензивна нега, а А (H1N1)pdm09 е доминантен поттип (96%). Во сите други оддели, 21% од откриените вируси се инфлуенца Б, а 79% се инфлуенца А, а А(H1N1)pdm09 е доминантен поттип (99%).

Досега типизираните вируси оваа сезона се генетски слични на соевите кои се препорачани за вклучување во вакцината за северната хемисфера за оваа сезона.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје