ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 17-та недела од 2016 година (25.04 – 01.05.2016), во Република Македонија од 8 извештајни единици пријавени се 75 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 3,6 на 100.000 жители, што претставува намалување за 2,6 пати во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 2,7 пати споредено со 17-та недела од минатата сезона, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони постои незначително зголемување од 2,7% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на интензитетот на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела е во рамките на очекуваниот број на случаи и под горната неделна граница (149) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона  2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1

И во 17-тата недела, најголем број и процент на заболени (n=55; 73,3%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана во возрасната група деца/ ученици од 5-14 години (I=4,3/100.000).

Оваа недела, од вкупно 8 извештајни единици во кои има пријавени заболени, само во ЦЈЗ Тетово регистрирани се над 10 заболени лица (n=29).

Највисока инциденца од 21,6 на 100.000 жители во текот на неделата е регистрирана на територија на ПЕ Дебар каде има регистрирано 6 заболени лица (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 17-та недела 2016 година.

 мапа

Вкупниот број на пријавени случаи од грип во сезоната 2015/2016 изнесува 28.985, a кумулативната инциденца е 1.400,8/100.000 жители. Досега во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, двата на територијата на ЦЈЗ Битола, во февруари месец.

Во споредба со истиот период од минатата година кумулативниот број на пријавени случаи е помал за 12,3%, а во однос на моделот за последните пет сезони има зголемување од 16,6%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Прилеп (n=3.548; 12,2%), следат ЦЈЗ Струмица (n=3.274; 11,3%), ЦЈЗ Скопје (n=3.117; 10,8%), ЦЈЗ Тетово (n=2.785; 9,6%) и ЦЈЗ Охрид (n=2.553; 8,8%). Оваа сезона нема пријавено заболени лица од грип само во ПЕ Валандово (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,  сезона 2015/16

Grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, од 15-64 години – 19.082 случаи (65,8%; I=1.307,5/100.000), а најголема кумулативна инциденца од 2.424,7/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години (Графикон 3).

Графикон 3.  Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи,  сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст до февруари 2016 кога се пријавени 15.489 случаи или 53,5% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во месец април се пријавени 2.123 случаи или 7,3% од вкупниот број на регистрирани случаи во оваа сезона (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 17-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестиран е еден  пристигнат материјал за присуство на вирусот на грип. Резултатот е негативен.

Во сезоната 2015/2016, тестирани се вкупно 110 примероци, од кои 30% (n=33) се позитивни на вирусот на грип. Од позитивните примероци 54,5% (n=18) се Influenza А (10 се A/H1N1pdm09, 1 е А/H3N2 и 7 се Influenza A – нетипизирани), додека 45,5% (n=15) се  Influenza B.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела 2015, започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.869 лица и потрошени  88,9% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 17-та недела, вакцинирани се три лица, 2 во ЦЈЗ Тетово и едно во ЦЈЗ Скопје.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 59,8% (n=16.077), 34,9% (n=9.390) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,2% (n=586) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.190 или 67,7% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно расположливите информации, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани 656 лица, сите во Скопје. Најголем број (317) и процент (48,5%) од нив се деца на возраст до 4 години.

Вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Значителното опаѓање на бројот на регистрирани случаи, заедно со намалување на географската распространетост, упатува на заклучокот дека во Македонија активноста на вирусот на грип е со низок интензитет, движејќи се во рамките на очекуваниот број за овој период од сезоната. Се очекува активноста на грипот континуирано да се намалува до крај на сезоната.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (16 недела/2016), активноста на вирусот на грип продолжи да опаѓа во земјите од Европскиот Регион, а најголемиот дел (92%) пријавиле ниска активност. Активноста на вирусот на грип, врз основ на лабораториски потврдени лесни и тешки случаи во сентинел и рутинскиот надзор го достигна својот пик во 5-7 недела/ 2016. Процентот на позитивни сентинел примероци се намали од 35% во 15-та на 22% во 16-тата недела. Како што е вообичаено за крајот на сезоната на северната хемисфера, се регистрира поместување кон Influenza B, па така 75% од детекциите во последната недела се должат на овој вирус. Бројот на случаи на САРИ е помал отколку во претходните недели, но варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 инфекција и се кај луѓе на возраст од 15-64 години.

Вкупно 59% од откриените вируси во сентинел надзорот за оваа сезона се Influenza А, а 41% се Influenza B. Од детектираните Influenza А вируси, најголем дел од отпаѓааат на поттипот А(H1N1)pdm09 (88% од субтипизираните), а од Influenza B – на B/Victoria (97%).

Најголемиот дел од вирусите откриени оваа сезона генетски одговараат на оние кои се вклучени вакцината за сезоната 2015-2016 во северната хемисфера.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје