ЕПИДЕМИОЛОШКИ ПОДАТОЦИ

Во текот на 13-та недела од 2016 година (28.03 – 03.04.2016), во Република Македонија од 22 извештајни единици пријавени се 911 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 44,0 на 100.000 жители, што претставува намалување за 37,2% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 56,4% споредено со 13-та недела од минатата сезона, а во однос на број типичната сезонска крива за последните 5 сезони постои зголемување од 17,9% (Графикон 1).

Горенаведените податоци говорат во прилог на намалување на интензитетот на грип по достигнатиот пик во текот на седмата недела, а пријавениот број на случаи оваа недела е во рамките на очекуваниот број на случаи и под горната неделна граница (1.486) (Графикон 1).

Графикон 1. Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезонa 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

 Grafikon 1

И во 13-тата недела, најголем број и процент на заболени (n=608; 66,7%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години (I=80,9/100.000).

Оваа недела најголем број заболени (n=207) се пријавени од ЦЈЗ Прилеп, во ЦЈЗ Тетово има регистрирано 174 заболени лица, во ЦЈЗ Охрид – 134, а 110 случаи се пријавени од страна на ЦЈЗ Скопје.

Највисока инциденца од 238,8 на 100.000 жители во текот на неделата е регистрирана на територија на ЦЈЗ Охрид, 217,2/100.000 жители се регистрирани во ЦЈЗ Прилеп, а во ПЕ Дебар е регистрирана инциденца од 115,3/100.000 (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 13-та недела 2016 година.

 мапа

Вкупниот број на пријавени случаи од грип во сезоната 2015/2016 изнесува 27.773, a кумулативната инциденца е 1.342,2/100.000 жители. Досега во сезоната се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, двата на територијата на ЦЈЗ Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, кумулативниот број на пријавени случаи е помал за 9,9%, а во однос на моделот за последните пет сезони има зголемување од 15,9%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 30 извештајни единици. Најголем број заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Прилеп (n=3.305; 11,9%; I=3.467,3/100.000), следат ЦЈЗ Струмица (n=3.241; 11,7%; I=3.421,7/100.000), ЦЈЗ Скопје (n=2.984; 10,7%; I=483,1/100.000), ЦЈЗ Тетово (n=2.525; 9,1%; I=1.264,0/100.000) и ЦЈЗ Охрид (n=2.313; 8,3%; I=4.122,3/100.000). Во оваа сезона нема пријавено заболени лица од грип само во ПЕ Валандово (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ,  сезона 2015/16

 Grafikon 2

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 18.218 случаи (65,6%; I=1.248,3/100.000), а најголема кумулативна инциденца од 2.345,6/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години каде инциденцата изнесува 1.828,9/100.000 жители (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаи и инциденца на 100.000 жители од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

Grafikon 3

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст до февруари 2016 кога се пријавени 15.489 случаи или 55,8% од вкупниот  број на заболени случаи во сезоната. Во текот на првата недела од месец април се пријавени 911 случаи или 3,3% од вкупниот број на регистрирани случаи во сезоната (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

 Grafikon 4

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 13-та недела од 2016, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 6 нови материјали за присуство на грип. Од вкупниот број на тестирани материјали, 4 се позитивни на присуство на грип, 3 – Influenza B и еден Influenza A.

Во сезоната 2015/2016, тестирани се 107 примероци, од кои 29,9% (n=32) се позитивни на вирусот на грип. Од позитивните примероци 56,3% (n=18) се инфлуенца А (10 се A/H1N1pdm09, 1 е А/H3N2 и 7 се Influenza A – нетипизирани), додека 43,8% (n=14) се  инфлуенца B.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, во ЦЈЗ и нивните ПЕ вакцинирани се вкупно 26.835 лица и потрошени  88,8% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 13-та недела, вакцинирано е само едно лице во ЦЈЗ Скопје.

Дури 79,9% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 59,9% (n=16.077), 34,9% (n=9.371) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 2,2% (n=571) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 8 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 808 здравствени работници (3,0% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.190 или 67,8% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Иако и оваа недела се регистрира пад на бројот на регистрирани случаи и понатаму има широка географска распространетост, а преку вирусолошкиот надзор над грип оваа недела 66.7% од примероците кои пристигнаа се позитивни на инфлуенца. Од позитивните примероци 75% се инфлуенца Б.

Ваква епидемиолошка слика и зголемување на пропорцијата на позитивни примероци на инфлуенца Б се регистрира и во Европскиот регион.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип се одржува со средно висок интензитет, движејќи е во рамките на очекуваниот број за овој период од сезоната. Се очекува активноста на грип да продолжи да се намалува во наредните недели.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на FluNewsEurope (за 11 недела/2015), инфлуенцата е сè уште е широко распространета во земјите во јужниот и западниот дел на регионот, но најголемиот дел од земјите во Регионот (27) пријавиле намалување или стабилен тренд. Активноста на вирусот на грип, врз основ на лабораториски потврдени лесни и тешки случаи во сентинел и рутинскиот надзор го достигна својот пик во 5-7 недела/ 2016. Процентот на позитивни сентинел примероци остана висок (46%), но во 20 земји е под 30%. Две третини од детекциите се инфлуенца Б. Бројот на случаи на САРИ е помал отколку во претходните недели, но варира од земја до земја. Најтешките случаи се поврзани со А (H1N1) pdm09 инфекција и се кај луѓе на возраст од 15-64 години.

60% од откриените вируси во сентинел надзорот оваа сезона се тип А, а 40% се тип Б. Најголем дел од Influenza А вирусите отпаѓа на А(H1N1)pdm09 (87%), а од Influenza B, B/Victoria (97%).

Седум земји од западниот дел на регионот пријавиле 3.817 случаи од единиците за интензивна нега и 3.062 од други оддели. Инфлуенца А е откриен во 86% од случаите примени во единиците за интензивна нега, а А (H1N1) pdm09 се доминантен поттип (97%). Во сите други оддели, регистрирани се 32% со Инфлуенца Б и 68% со Инфлуенца А.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје