Во текот на 47-ма недела од 2016 година (од 21.11.2016 – 27.11.2016), во Република Македонија пријавени се 205 новозаболени лица од грип или заболувања слични на грип, што е зголемување за 68% во споредба со минатата недела кога беа регистрирани 122 заболени лица. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,1 пати споредено со 47-ма недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 100 случаи (Графикон 1).

Пријавениот број на случаи е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (n=148), што значи дека е достигнат е прагот, односно од оваа недела и фактички сме влезени  во сезоната на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Број на заболени од сезонски грип/заболувања слични на грип, по недела на пријавување во     сезоната 2016/2017, споредена со очекувана сезонска крива и сезона 2015/2016

Графикон 1

Најголем број заболени на неделно ниво се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Куманово (57), додека највисока инциденца на 100.000 жители е регистрирана на територија на ПЕ Дебар.

Како и претходната, и во 47-ма недела најголем број заболени (119 или 58%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 18,1/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа сезона е 703, а кумулативната инциденца – 34/100.000 жители. Случаи на грип/заболувања слични на грип се пријавени од 21 извештајна единица, а во 8 од нив бројот на пријавени заболени лица е помал од 10. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Тетово (182), ЦЈЗ Куманово (141) и ПЕ Дебар (61), додека во останатите региони се регистрираат спорадични случаи. Најголема инциденца е регистрирана во ПЕ Свети Николе (273,0/100.000) и ПЕ ДЕбар (219,8/100.000).

Во однос на возраста, најголем број на заболени во оваа сезона се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 431 случај (61,3%), а најголема инциденца од 62,8/100.000 за целиот период се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Во 47-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ нема тестирани примероци на присуство на вирусот на грип.. Во текот на оваа сезона, од досега пристигнатите 20 примероци, не е добиен позитивен резултат за вирус на грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Оваа недела, бројот на заболени од заболувања слични на грип го надмина сезонскиот праг, што значи дека и фактички влегуваме во сезоната на грип. Релативно малиот број на хумани примероци тестирани на грип без позитивен резултат, индицира дека активноста на вирусот е на ниско ниво.

ВАКЦИНАЦИЈА: Од 43 недела, 2016 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, заклучно со 47-ма недела, вакцинирани се вкупно 26.334 лица и потрошени се 98,7% од вкупно набавените вакцини за оваа сезона.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.212 лица или 57,8%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 9.837 лица или 37,4%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 668 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 8 лица. Од категоријата на здравствени работници вакцинирани се 609 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 17.772 или 67,5% се со историја на хронично/и заболување/а.

Вакцинацијата против сезонски грип е завршена во 24 ЦЈЗ/ПЕ.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 46 недела/2016) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на вирусот на грип е на базично ниво со локална, регионална или спорадична географска активност.

Процентот од позитивните тестирани примероци од сентинел надзорот достигна до 10% со што е достигнат прагот кој укажува на зголемена регионална активност на вирусот на грип. Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 49-та до 51-ва недела.

Досега предоминира инфлуенца А типот, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје