Во текот на 43-та недела од 2019 година (од 21.10.2019 – 27.10.2019), во Република Северна Македонија пријавени се 17 (I=0,8/100.000) нови случаи на заболувања слични на грип. Регистрираниот број е идентичен со бројот на заболени во однос на во минатата недела.

Во споредба со бројот на регистрирани случаи во 43-та недела од минатата сезона (n=14) нема значајно отстапување, а во споредба со типичната сезонска крива (n=54) бројот на пријавени заболени лица е помал за 37.

Во оваа недела, пријавени се заболени лица од 6 извештајни единици. Најголем број на заболени се регистрирани во ПЕ Гостивар – 8 заболени лица.

Највисока инциденца се бележи во ПЕ Свети Николе од 9,8/100.000 жители, а најниска во ЦЈЗ Скопје (0,7/100.000).

Во текот на неделата, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнаа 7 материјали за тестирање за присуство на вирусот на грип, сите со негативен резултат.

Во сезоната 2019/2020 вкупниот број на заболени од грип изнесува 51 (I=2,5/100.000), идентично во споредба со истиот период минатата година, а се регистрира намалување од три пати во споредба со типичната сезонска крива (n=157).

Во досегашниот тек од сезоната, најголем број на заболени се регистрирани во ПЕ Гостивар (n=15) и ЦЈЗ Тетово (n=10), а највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Свети Николе (19,5/100.000 жители).

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 24 случаи (47,1%), а највисока инциденца (5,2/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 и 5-14 години.

 

Од почетокот на сезоната 2019/2020, заклучно со 43-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ се пристигнати 17 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип, сите со негативен резултат.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. С. Македонија.

 

 

Вакцинација против сезонски грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Бремени жени
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Здравствени работници
  • Лица сместени во геронтолошки центри и кај лицата вработени во овие центри
  • Лица сместени во установи за социјална заштита и кај лицата вработени во тие установи
  • Лица вработени во јавни служби кои се посебно експонирани на инфекција
  • Децата на возраст од 6-59 месеци.

 

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 42-ра недела 2019 година, активноста на вирусот на грип е на ниско сезонско ниво низ Европскиот регион. Инфлуенца вирусите се детектираат спорадично кај пациенти со респираторно заболување, а изолирани се типовите Influenza A и Influenza B. Од сентинел надзорот 2,7% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:

  • 18 Influenza A
    • A(H1N1)pdm09 – 8
    • A(H3N2) – 10
  • 14 Inluenza B
    • Victoria lineage – 8

 

 

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје