- 17.05.2023
17 МАЈ – СВЕТСКИ ДЕН НА ХИПЕРТЕНЗИЈА
“Мерете го вашиот крвен притисок, контролирајте го, живејте подолго”
Високиот крвен притисок , познат и како хипертензија, се дефинира како состојба на систолен крвен притисок постојано над 140 mm Hg и/или дијастолен крвен притисок постојано над 90 mm Hg. Хипертензијата е фактор на ризик број 1 за срцеви заболувања, мозочен удар, бубрежни компликации и прерана смрт. Обично, високиот крвен притисок сам по себе не предизвикува никакви симптоми. За среќа, хипертензијата може да се спречи и менаџира , со редовно проверување на крвниот притисок и преку третман.
Се проценува дека 1,28 милијарди возрасни луѓе на возраст од 30-79 години во светот имаат хипертензија. 46% од возрасните со хипертензија не се свесни дека ја имаат оваа состојба, a само 42% ја држат оваа состојба под контрола. Според податоците на СЗО, во 2020-та година, во Република Северна Македонија починале 627 лица од хипертензија, односно 2,73% од вкупните смртни случаи. Стапката на смртност изнесува 19,07 на 100.000 жители .
Оваа година, светскиот ден на хипертензијата се прославува на 17 Мај под мотото “Мерете го вашиот крвен притисок, контролирајте го, живејте подолго”, фокусирајќи се на борбата против ниските стапки на свесност ширум светот, особено во областите со низок и среден приход, како и промовирање на методи за правилно и точно мерење на крвниот притисок. 75% од лицата со хипертензија живеат во држави со низок и среден приход. Овој растечки товар го проширува јазот во нееднаквоста, придонесува за огромни економски тешкотии на пациентите и ги зголемува трошоците за здравствениот систем, соочувајќи се со предизвици како што се слабиот однос лекар-пациент и недостигот на пристап до лекови.
Повеќето луѓе со хипертензија не чуствуваат никакви симптоми, но луѓето си многу висок крвен притисок (обично од 180/120 и повисок) може да почуствуваат: главоболки, вртоглавица, болки во градите, отежнато дишење, гадење, повраќање, заматен вид, зуење во ушите и друго.
Кои се фактори на ризик?
- Фактори на кои не може да се делува: возраст, раса, пол, фамилијарна историја.
- Фактори на кои може да се делува: физичка неактивност, зголемена телесна тежина, зголемен внес на алкохол, тутун, зголемен внес на сол, стрес.
Хипертензијата се класифицира како:
- Примарна, есенцијална хипертензија – од непознато потекло
- Секундарна, неесенцијална хипертензија – која е поврзана со други медицински состојби како: болести на бубрезите, ендокриниот систем, крвните садови.
Како да го превенираме високиот крвен притисок?
- Бидете физички активни – практикувајте пешачење, трчање, танцување, пливање. Целта е примена на физичка активност од најмалку 30 минути дневно.
- Контролирајте ја вашата телесна тежина – користете го BMI индексот. Целта е добиена вредност од <25kg/m2
- Јадете повеќе овошје и зеленчук
- Избегнувајте солена храна- најмногу до 5 грама сол дневно
- Не јадете храна богата со масти и јагленохидрати
- Намалете ја консумацијата на алкохол – помалку од 2 пијалоци на ден за мажи и помалку од 1 пијалок за жени
- Избегнувајте стрес – одвојте време за себе и за релаксирање
- Откажете се од тутунот! – тутунот е исто така виновник за хипертензија, затоа што директно ги оштетува крвните садови.
Доколку имате веќе дијагностициран покачен крвен притисок, намелете го вашиот ризик преку примена на здрави навики, редовно мерење на крвниот притисок, управување со стресот, редовно земање на антихипертензивна терапија, контрола и на другите болести.
Подготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести