• 26.04.2017

ОПТИМИЗАЦИЈА НА ПРИБИРАЊЕТО И КОРИСТЕЊЕТО НА ПОДАТОЦИТЕ ВО БЕЗБЕДНОСТА И ЗДРАВЈЕТО НА РАБОТА


Придонес кон остварување на Цел 8 од Агендата за одржлив развој
Одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје на работа – 28 април има за цел подобрување и јакнење на превенцијата на повредите на работа и професионалните болести. Меѓународната организација за труд (МОТ) секоја година на овој ден отпочнува со спроведување на целогодишна кампања за подигање на свеста во различни области на безбедноста и здравјето на работа и тоа под различно мото. Главната цел е да се насочи фокусот на меѓународното внимание и  да се изрази загриженост за состојбите во безбедноста и здравјето во глобални рамки, како и да се поттикне креирање на безбедносна култура.
Во многу земји во светот, националните одговорни институции, синдикатите, организациите на работодавачи, професионалните субјекти и невладиниот сектор по повод одбележувањето на овој ден, преземаат и организираат различни активности, сакајќи да го дадат својот конкретен придонес кон унапредување на безбедноста и здравјето на работниците и превенцијата на професионалните болести и повреди на работа.
28 април е исто така Меѓународен комеморативен ден посветен на сите починати и повредени работници кои во претходната година го изгубиле својот живот поради повреда на работа или професионална болест. Одбележување на овој ден го иницира движењето на меѓународните синдикати уште во1996 година, а од 2003 година се вклучува и Меѓународната организација на трудот (МОТ). МОТ нагласката на своите активности ја става на традиционалното јакнење на трипартитниот дијалог и споделување на одговорноста, како основа за унапредување на безбедноста и здравјето на работа.
Овој ден претставува можност за истовремено оддавање на почит и за свечено одбележување, но со нагласка на фактот дека бројот на овие несреќни настани и смртни случаи можел да биде намален, доколку причините биле препознаени и навремено и соодветно превенирани. Крајната цел на Светскиот ден за безбедност и здравје на работа е да се мобилизираат сите потенцијали во една земја во унапредување на условите за работа, превенција на професионалните болести и повреди на работа, подигање на безбедносната култура и создавање на услови за достоинствена работа за сите.
Кампањата на МОТ на Светскиот ден за безбедност и здравје на работа за 2017 година се фокусира на критичните потреби на земјите за подобрување на нивните капацитети за собирање, евалуација и користење на релевантни, точни и сигурни податоци за безбедност и здравје на работа.
Агендата на Обединетите нации за одржлив развој што беше усвоена на 25 септември 2015 годин,  има поставено повеќе специфични цели за елиминација на сиромаштијата, заштита на планетата и просперитет за сите.  Со нејзиното усвојување, капацитетот за собирање и користење на релевантни и точни индикатори за безбедност и здравје на работа прерасна во неопходност за сите земји што во својата определба имаат поставено за цел имплементација на 17-те одржливи развојни цели .
Одржливата развојна цел 8 треба да обезбеди инклузивен и одржлив економски развој, целосно и продуктивно вработување и достоинствена работа за сите. Целта 8.8. е фокусирана кон „заштита на правата на работа и промоција на безбедноста и сигурноста на работната средина за сите работници, вклучувајќи ги работниците-мигранти, како и оние кои имаат несигурно вработување“. За постигнување на целта 8.8. земјите имаат обврска да известуваат за следните индикатори: стапка на фреквентност/инциденца на фатални и нефатални повреди на работа и тоа дистрибуирани според пол и според мигрантскиот статус на вработените.
Голем број на конвенции на МОТ бараат од земјите што ги ратификувале тие конвенции да воспостават ефективни механизми за користење на релевантни индикатори како основа за превенција на проблемите што се поврзани со работата и професионалното здравје. Нагласката е ставена кон сознанието дека тие и такви податоци се неопходни за идентификација на постоечките, но и на новите штетности и опасности, идентификација на ризичните сектори, развој на превентивни мерки и имплементација на соодветни политики, системи и програми на меѓународно, национално и локално ниво, како и на ниво на секое претпријатие одделно. Користењето на релевантни и точни индикатори за безбедност и здравје на работа обезбедува база за поставување на приоритетите и мерење на прогресот.
Регулативата на Европската унија исто така обврзува на воспоставување на систем за прибирање на релевентни статистички податоци во областа на безбедноста и здравјето на работа.
Во декември 2008 година Европскиот парламент и Советот ја усвоија Регулативата за статистички податоци во областа на јавното здравје и здравјето и безбедноста на работа (Regulation EC –  No 1338/2008) со која се воспоставува заедничка рамка за систематско водење и прибирање на статистички податоци во овие области. Целта на оваа регулатива е да се обезбеди сигурност дека здравствената статистика обезбедува соодветни информации за следење на активностите во областа на јавното и професионално здравје и безбедноста на работа. Оваа регулатива се однесува на 5 области за кои е неопходно да бидат обезбедени соодветни и квалитетни статистички податоци:
  • здравствен статус и детерминанти на здравјето
  • здравствена заштита
  • причини за смрт
  • повреди на работа
  • професионални болести и други здравствени проблеми и болести поврзани со работата
Согласно член 9(1) од Регулативата бр. 1338/2008, Европската унија во април 2011 година дополнително ја усвои и Регулативата  ЕУ бр. 349/2011 за имплемтација на статистичките истражувања за повреди на работа. Со оваа регулатива се утврдува единствена методологија за прибирање на податоците (метадата) и нивна обработка. Тоа треба понатаму да овозможи креирање на компарабилни статистички податоци како предуслов за мониторирање на состојбите во областа на безбедноста и здравјето на работа,  идентификација на слабите и силните страни и дефинирање на соодветна национална политика и акциони планови во релевантната област.
По воспоставувањето на законските основи и методолошките принципи, Европската унија ја утврди и стратешката рамка на безбедноста и здравјето на работа за периодот 2014-2020. Овој документ има за цел да обезбеди подобра заштита на повеќе од 217 милиони работници во Унијата преку имплементација на 7 стратешки цели, од кои шестата стратешка цел е посветена токму на подобрување на прибирањето на статистичките податоци, подобра евиденција и развој на алатки за мониторирање на состојбите.
Со цел за остварување на оваа стратешка цел неопходно е секоја земја да воспостави Национален систем за известување и прибирање на статистичките податоци во областа на безбедноста и здравјето на работа. Овој систем треба да обезбеди релевантни, точни и компарабилни податоци, нивна евалуација и објавување, кои треба да послужат за предлагање и креирање на превентивните политики и воспоставување и контрола на корективните мерки. Истовремено, тие статистички индикатори треба да бидат основа за дефинирање на компензаторните механизми во случај на повреда на работа и/или професионална болест. Нагласката треба да биде ставена кон прибирање на 4 видови на податоци и генерирање на соодветните статистички индикатори: за повреди на работа, за професионални болести, за опасни настани/ризици и за повреди на пат кон и при враќање од работа.
Република Македонија во претходниот период имаше добро развиен здравствено-статички систем за прибирање и обработка на податоците од индивидуалната и збирна евиденција во здравството, вклучувајќи ја и областа на безбедноста и здравјето на работа. Но, транзицијата на стопанството, како и реформите во здравствениот систем наметнаа нови содржини и форми за работа, за кои не беа навремено и соодветно утврдени механизмите за статистичко известување и за контрола на нивното спроведување. Тоа од своја страна негативно се одрази на квалитетот на здравствената статистика со која и денес располагаме во оваа област.
По донесувањето на Законот за безбедност и здравје (БЗР) на работа се отвори нов простор за креирање на современ и хармонизиран систем за унапредување на безбедноста на работа и превенција на повредите на работа и професионалните болести. Непосредно по донесувањето на законот се формираа нови овластени правни субјекти и установи за безбедност на работа и за медицина на труд. Во самиот почеток тие беа насочени кон воспоставување на нови и современи принципи во својата практика, соодветни на новите законски прописи, а известувањето за извршената работа и утврдените сотојби се чини дека остана на маргините на нивните професионални активности. Нагласката за известување за повредите на работа беше речиси целосно оставена во рацете на работодавачите, за кои согласно Законот за БЗР беше воспоставена обврска за редовно информирање до Државниот трудов инспекторат. Иако овој систем даде одредени резултати, сепак тоа не може да ја замени функцијата на Национален систем за водење на статистика во областа на безбедноста и здравјето на работа.
Согласно чл. 5 од Законот за евиденции во областа на здравството (Сл. Весник бр. 20/2009) и неговите измени и дополнувања (Сл. Весник бр.  53/11 и 164/13), Институтот за јавно здравје на Република Македонија е носител на здравствената статистика за евиденциите што задолжително се водат во здравствените установи. Секоја здравствена установа е обврзна да води збирни и индивидуални евиденции и податоците да ги доставува до 10-те Регионалните центри за јавно здравје во Републиката.
Чл. 8 од Законот за евиденции во областа на здравството се утврдуваат вкупно 35 индивидуални евиденции за повеќе различни болести и состојби, од кои индивидуалните евиденции за повреди на работа, за професионални болести, за интоксикации и за отсуство од работа се актуелни за следење на состојбите поврзани со безбедноста и здравјето на професионално експонираната популација. Понатаму, во член 11,  Институтот за јавно здравје се обврзува да ги води здравствените регистри, вклучувајќи ги и регистрите за повреда на работа и за професионални болести. За жал, во изминатиот период, и покрај законската обврска, до Институтот за јавно здравје нема доставено ниту една индивидуална пријава за повреда на работа и/или за професионална болест од страна на докторите специјалисти по медицина на трудот и/или останатите доктори кои учествувале во дијагнозата и терапијата на овие состојби. Тоа е причината зошто до сега не се воспоставени регистрите за повреди на работа и за професионални болести, ниту пак е објавена публикација на професионалните болести во Република Македонија.
Во 2009 година, во рамките на Институтот за јавно здравје на Република Македонија се воспостави и посебно Одделение за медицина на труд и проценка на ризици на работно место, со цел, меѓу другото, да ја води здравствената статистиката во областа на безбедноста и здравјето на работа.
Во тој правец Одделението отпочна да ги објавува своите годишни публикации за повреди на работа, базирани на збирните евиденции во оваа област.  Во информациите за повреди на работа што до сега ги има објавено Институтот за јавно здравје на Република Македонија се користени податоци од збирната евиденција за повреди на работа која ја доставуваат Центрите за јавно здравје и Фондот за здарвствено осигурување во Скопје. Во нив можат да се најдат податоците за бројот на повреди на работа и на стапката на инциденца за периодот од 1990 година до 2015 година. Во оваа, последна по ред  публикација, ги објавуваме податоците за повреди на работа во Република Македонија за 2016 година.
Нашата цел е да дадеме придонес кон одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје на работа за 2017 година, со надеж дека со ова ќе придонесеме кон мобилизирање на политичката воља, но и кон фокусирање на  професионалното знаење и искуство во што поефикасно имплементирање на евиденцијата и статистиката за безбедност и здравје на работа. Институтот за јавно здравје на Република Македонија и понатаму останува отворен за координирана стручна соработка во јакнење на здравствено-статистичкиот систем и тоа со активна и конструктивна партиципација на сите релевантни субјекти ангажирани во оваа област.
Моќта на податоците е во нивната видливост, споредливост,  достапност и применливост во креирањето на политиките и акциите за унапредување на безбедноста на работа, превенција на професионалните болести и на повредите на работа.
Затоа, заедно да се вклучиме во нивното креирање, прибирање и евалуација, што ќе ни овозможи следење на остварувањето на политиките и акциите во областа на безбедноста и здравјето на работа на сите нивоа, како и проценка на успехот во унапредувањето на условите за работа и превенцијата на повредите и професионалните болести.