• 09.02.2024

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СОСТОЈБА СО ЗАБОЛЕНИ ЛИЦА ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО Р. СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2024 ГОДИНА, ЗАКЛУЧНО СО 08.02.2024


 Во 2024 година, заклучно со 08.02.2024, во ИЈЗ на РСМ се регистрирани вкупно 22 случаи на голема кашлица,  со инциденца од 1,1/100 000 жители. Тоа претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на заболени, во однос изминатиот петгодишен период (2019-2022 година) кога се регистрирани вкупно 9 случаи.

Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје - 16 (73%) во осум различни општини, 3 лица живеат во Куманово, 2 во Гостивар и еден во Боговиње, Тетово.

Во однос на возрасната дистрибуцијата, заболените лица се на возраст од 1 месец до 23,5 години (медијана 2,5 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 9 случаи (40,9%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 8 (36,4%) се деца на возраст од 1 до 4 години.

Првиот пријавен случај е на 05.01.2024, а само во последните 7 дена се пријавени 11 случаи или половина од досега регистрираните случаи.

Во однос на вакциналниот статус, 18 лица (82%) од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација. Два случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за два случаи вакциналниот статус е непознат.

Од заболените, 16 лица биле хоспитализирани (72,7%), и тоа 14 од нив на возраст до 4 години. Најголем број од случаите (10) се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле.

Од вкупниот број (n=22) на регистрирани случаи на голема кашлица, сите се лабораториски потврдени со PCR метода во Институтот за јавно здравје (12), КБ Систина (7), Жан Митрев Клиника (2) и Авицена (1).

 

Превземени мерки

 

Ø  Сите потврдени случаи се пријавени и епидемиолошки истражени од надлежните епидемиолошки служби.

Ø  За лицата кои се заболени, а не се хоспитализирани препорачана е изолација во домашни услови.

Ø  Направено е пребарување на контактите на заболените лица и препорачана е антибиотска профилакса.

Ø  Се врши контрола на вакциналниот опфат во детските градинки, училишта и вакцинални пуктови.

Ø  Комисијата за заразни болести на состанокот одржан на 07.02.2024 препорача мерки за контрола и превенција на големата кашлица.

Ø  На 08.02.2024 година ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на голема кашлица на територијата која ја покрива.

Ø  Институтот за јавно здравје ја следи актуелната состојба и пружа стручно-методолошка помош на ЦЈЗ и нивните ПЕ.

 

Препораки

 

Со цел да се превенира појавата на нови случаи на голема кашлица и да се спречи понатамошно ширење на заболувањето потребно е:

·                Да се зголеми опфатот со примарната вакцинација со вакцина која ја содржи компонентата против голема кашлица со цел да се достигне препорачаниот од СЗО опфат од 95%, како на регионално и локално, така и на национално ниво.

·                За таа цел, во сите вакцинални пунктови на територијата на РСМ потребно е да се врши засилена и континуирана проверка на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, и да се повикуваат за апликација на потребните дози на вакцина. Дополнително, потребно е засилено активно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакциниранилица, со цел нивно  повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

·                Да се зајакне епидемиолошкиот надзор над голема кашлица. Секој суспектен случај кој исполнува клинички критериуми на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи, лабораториски да се тестира, односно потврди и да се пријави до надлежните институции.

·                Сомнителните/заболените лица да се испраќаат за лабораториска дијагноза и лекување, и веднаш да се пријават до надлежните институции.

·                Изолација на заболените во здравствените институции или во домашни услови, особено ако во семејството има доенчиња, мали деца и невакцинирани лица, најмалку 5 дена од отпочнување со антибиотска терапија. Истото важи и за сомнителните болни/контакти на заболените лица доколку примаат хемиопрофилакса.                             

·                  Сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација;

·                  ЦЈЗ во соработка со ИЈЗ да спроведуваат едукативно-промотивни активности во врска со превенција од појава на голема кашлица, односно потенцирање на вакцинацијата како единствена превентивна мерка за заштита на здравјето на децата.

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни заболувања

Институт  за јавно здравје на РСМ

 

09.02.2024