• 10.10.2024

СОСТОЈБА СО ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2024/2025 (40 недела, до 06.10.2024)


 Со почетокот на 40-тата недела од 2024 година, започнува и следењето на грипот/ заболувањата слични на грип на неделно ниво. Согласно законската регулатива, пријавувањето на грип се врши седмодневно од четириесеттата недела од тековната година до дваесеттата недела следната година, по возрасни групи на Збирна пријава на заболени/ умрени од грип.

 Во текот на 40-тата недела од 2024 година (од 30.09-06.10.2024), во Република Северна Македонија, пријавени се 25 случаи (I=1,4/100.000 жители) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. За споредба, во 40-тата недела од минатата сезона, регистрирани беа 32 заболени лица, додека во однос на моделот за последните 14 сезони (n=29), се регистрира намалување од 14,5%.

Заболените лица оваа недела се првите случаи пријавени во новата сезона и се регистрирани во Гостивар – 15, Тетово – 5, Кавадарци – 4 и Струмица - 1.

Во однос на возраста, од 15-64 години се регистрирани 14 лица, лица над 65 години – 8 и деца на возраст од 5-14 години - 3.

 

Во текот на 40-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 7 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 1 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

·        Постарите лица (над 65 години)

·        Деца на возраст од 6-59 месеци

·        Лица постари од 6 месеци со хронични болести

·        Бремени жени, и

·        Здравствени работници.

 

За сезоната 2024/2025, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2024/2025 ќе се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици и/или Здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини ќе се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.

 

Дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи, истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Првиот извештај за состојбата со грип во Европскиот Регион на почетокот на новата сезона 2024/2025 (40 недела) ќе биде презентиран во наредниот извештај.

Согласно извештајот на ERVISS објавен за 39-та недела 2024 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво, карактеристично за овој период од годината.

Стапките на заболување слични на грип (ИЛИ) и/или акутна респираторна инфекција (АРИ) се покачени над основните нивоа во 5 од 20 земји.

SARS-COV-2 продолжува да циркулира во регионот, со релативно низок број на инфекции кои произведуваат умерен, но постепено опаѓачки процент на позитивност. Постарите возрасни групи продолжуваат да сочинуваат најголем дел од случаите.

На регионално ниво, приемите во болница и интензивна нега за грип, SARS-COV-2 и РСВ се стабилни на ниски нивоа.

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје