- 10.12.2024
Ден на човековите права 2024
Денот на човековите права се одбележува секоја година на 10 декември - денот кога Генералното собрание на Обединетите нации, во 1948 година, ја усвои Универзалната декларација за човекови права, која е потпишана од 56 држави членки (УДЧП). Декларацијата е документ со кој се прогласуваат неотуѓивите права на секое човечко суштество - без оглед на расата, бојата, религијата, полот, јазикот, политичкото или друго мислење, националното или социјалното потекло, имотот, раѓањето или друг статус. Достапна на повеќе од 500 јазици, е најпреведуваниот документ во светот. Денот на човековите права, служи како потсетник да се фокусираме на основната важност на човековите права за секој поединец и да ги користиме како дневен водич за постигнување правда, еднаквост, мир и слобода за сите.
Тема за 2024 година: „Слобода, еднаквост и правда за сите“
Човековите права добија глобално признавање и заштита во децениите по ратификувањето на УДЧП. Декларацијата послужи како основа за проширување на системот за заштита на човековите права кој сега вклучува повеќе ранливи групи како што се мигрантите, домородните народи и лицата со посебни потреби.
УДЧП ги обезбедува правата на сите човечки суштества без исклучок. Од правото на образование до еднаква плата. Декларацијата за прв пат ги воспостави неделивите и неотуѓивите права на целото човештво. Како „заеднички стандард на достигнувања за сите народи и сите нации“, УДЧП е глобален план за меѓународни, национални и локални закони и политики и основа на Агендата за одржлив развој за 2030 година. Агендата за одржлив развој 2030 експлицитно укажува дека е втемелена во Декларацијата и треба да се спроведува на начин кој ги поддржува и остварува човековите права. УДЧР инспирираше многу борби за поголема заштита на човековите права и им помогна да станат препознатливи. Сепак, напредокот не значи дека борбата за правата и еднаквост некогаш ќе заврши. Секогаш кога и каде и да се напуштат вредностите на човештвото, сите ние сме изложени на поголем ризик. Решенијата за најголемите кризи на денешницата се вкоренети во човековите права. Треба да се залагаме за нашите права и правата на другите. УДЧП ги повикува сите да застанат во одбрана на своите права, затоа што сите ние имаме значајна улога во одржување на мирот во светот.
Значењето на Денот на човековите права
Денот служи како моќен потсетник за основните права и слободи на секој поединец, без оглед на неговото потекло и ја нагласува заедничката одговорност за одбрана и заштита на овие права. Тоа е повик за акција, на сите нации, организации и поединци да промовираат еднаквост, правда и достоинство за сите, како и да работат за општество во кое човековите права универзално се признаваат, бранат и уживаат.
Превод и подготовка: Оддел за здравствена промоција и следење на болести