- 07.03.2025
8 Март – ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ДЕН НА ЖЕНАТА
ЗАБРЗУВАЊЕ НА АКЦИЈАТА НА КОЛЕКТИВНО НИВО
Интернационалниот ден на жената 8 Март, оваа 2025-та година се прославува под мотото „Забрзување на акцијата на колективно ниво“, со која би можеле да ја забрзаме акцијата за полова еднаквост. Според податоците од Светскиот економски форум, со сегашната стапка на напредок, ќе биде потребно до 2158 година, да се постигне целосна полова еднаквост. Фокусирајќи се на потребата за забрзување на акцијата, ја нагласува важноста на преземањето брзи и одлучни чекори за постигнување на еднаквост на половите. Под оваа тема, се повикува на зголемен импулс и итност во решавањето на системските бариери и предрасуди со кои се соочуваат жените, како во личната, така и во професионалната сфера. Да дејствуваме заедно за да го забрзаме темпото на напредокот во светот!
Познатата феминистка, новинарка и активист, Глорија Стајнем, објаснува: "Приказната за борбата на жените за еднаквост не припаѓа на ниту еден феминист, ниту на една организација, туку на колективните напори на сите кои се грижат за човековите права." (1)
Најголемата заслуга за празнување на денот на жената ја имаат Роза Луксембург и Клара Цеткин, кои биле едни од најважните претставнички на демократскиот социјализам во Европа и важат за едни од основоположничките (а воедно и пионерки) на меѓународното женско движење. Нивната борба за економска, социјална и политичка еднаквост оставила силен печат во борбата за женските права низ историјата. Светлана Слапшак, антрополог, класичен филолог, доктор на науки по антички студии, книжевник и феминист, за Роза Луксембург пишува: „Иконата на левицата, во голема мера цензурирана во историјата на работничкото движење... беше олицетворение на сите политички цели и сите стратегии на феминизмот: со широко идејно поле, нејзината врвна интелектуалност, чувствителноста кон социјалната неправда, личното живеење на политичките идеали, недвосмисленото феминистичко однесување и размислување... револуционерноста, отпорот против идеолошките ограничувања.“ (2)
Роза Луксембург и Клара Цеткин
Токму затоа, еден од најзначајните начини за забрзување на акцијата за родова еднаквост е поддршката на оние кои први застанале во борбата за женските права.
Како поединци, сите ние можеме да преземеме чекори во нашиот секојдневен живот за позитивно да влијаеме врз напредокот на жените, особено преку споделување на нашето знаење и охрабрување на другите, што е од голема важност за напредокот на феминистичкото движење. Мери Волстоункрафт, ја упатила мислата која на феминистките ќе им биде идеја водилка: „Време е на жените да им се врати нивното изгубено достоинство и да им се овозможи... да учествуваат во светскиот напредок. (3)
Голем број на организации и групи ширум светот обезбедуваат низа ефективни стратегии, ресурси и активности кои помагаат на „забрзување на акцијата“, вклучувајќи:
- создавање на економско зајакнување на жените,
- регрутирање, задржување и развој на различни таленти поддршка на жените и девојчињата во лидерството,
- им помагаат на жените и девојчињата да донесуваат одлуки за нивното здравје,
- им обезбедуваат пристап на жените и девојчињата до квалитетно образование и обука, можности за достигнувања во спортот, промовирање на креативниот и уметничкиот талент на жените и девојчињата и др.
ЈЗУ – Институтот за јавно здравје на РСМ, оваа 2025 година, ја посветува токму на делот кој се однесува на здравјето на жената, на начин што промовира потреба од превенција на различни ризик фактори кои можат да доведат до влошување на состојбата на здравјето кое понатаму доведува до низа заболувања.
Како една од врвните установи од областа на јавното здравје, нејзината основна 100 годишна дејност е ‘ГРИЖА ЗА ЗДРАВЈЕТО‘, па токму затоа оваа 2025 година, Институтот за јавно здравје препорачува да се „одважиме“ барем еден ден во годината. Наместо „дами“ или „понежна половина“, без цвеќиња, меѓусебни подароци и прослави, жените да си дадат поддршка се со цел да се посветат на индивидуалното и колективното здравје на секоја жена.
Препораките кои ги дава Институт за јавно здравје, не се однесуваат само на 8 Март, туку ги опфаќаат сите периоди во годината, а се однесуваат на женскиот пол од раните тинејџерски години, па се до својата длабока старост.
- Институтот за јавно здравје од неодамна ја отвори телефонската линија “Не пуши-откажи се” која што работи секој понеделник и среда од 11 до 13 часот, а за која граѓаните покажуваат голем интерес. Преку телефонска комуникација им се пружа можност на пушачите од целата земја да бидат сослушани, да разговараат со високо стручен кадар за тоа како се чувствуваат, можност да ги споделат своите грижи и проблеми, совети за начините како да се откажат од пушењето, емоционална поддршка, сочувство и разбирање, што е една од најголемите нивни потреби.
- Покрај тоа, телефонската линија "Инфо Бебе", која е активна секој вторник и четврток од 11 до 13 часот, нуди препораки и совети на жените за здрава бременост, мајчинство и грижа за бебето, коишто се однесуваат на здрави животни навики, консумирање на здрава храна, како и правилно доење, хигиена на бебето, навремена вакцинација и сл.
- Институтот работи и на превенцијата на употребата на дрога кај жените, со сеопфатен пристап кој ги зема предвид нивните специфични биолошки, психолошки и социјални фактори. Клучните мерки вклучуваат едукација за ризиците од дрогите, унапредување на менталното здравје, јакнење на самодовербата и економската независност, како и обезбедување поддршка за жени кои се соочуваат со насилство, дискриминација или социјална изолација. Вклучувањето на заедницата, пристапот до здравствени и социјални услуги и промоцијата на здрави стилови на живот се суштински за ефикасна превенција за здрава популација во РСМ.
- Во одделот за микробиологија и вирусологија, особено е значајно пружање помош и грижа на женското здравје, со посебен акцент на репродуктивното здравје, така што улогата на Институтот е да врши испитувања на гинеколошки брисеви како за превенција во текот на бременоста на жената, така и при патолошки состојби на истите. Покрај тоа, во одделот за вирусологија се вршат вирусолошки анализи кои се дел од протоколот во рана бременост на жените, за водење на уредна бременост кај секоја трудница, како и одредени специфични анализи со цел на безбедно донесување на породот и секако палета на вирусолошки испитувања при патолошки состојби кај жените.
На овој празник 8 Март, во договор со најблиските роднини и пријатели, “прославете го“ во Институтот за трансфузиологија и дарувајте крв, со што би можеле да спасите барем еден човечки живот.
ЈЗУ - Институтот за јавно здравје на РСМ, им го честита интернационалниот празник 8 Март на сите жени, без разлика на верска, национална и етничка припадност, со важна порака да водат грижа за сопственото здравје, бидејќи „здравјето е круна на главата на здравите, чија вредност знаат да ја ценат само болните.“
Референци:
(1) IWD: IWD 2025 campaign theme is 'Accelerate Action'
(2) Слапшак С. Женски икони на ХХ век, издавач: Темплум , Скопје, 2003
(3) Мишел А. Феминизам, издавач: Феникс, Скопје, 2014
Подготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести при ИЈЗ-РСМ