• 09.06.2025

7 јуни Светски ден на безбедна храна


 

 

Со безбедна храна до подобро здравје- науката во акција за безбедна храна

Храната може да се контаминира со низа опасности: бактерии, вируси, паразити, хемикалии, кои можат да предизвикаат најмалку 200 различни болести. Овие болести влијаат на здравствениот систем, образованието,  економијата и развојот на секоја земја. Сепак, овие болести се превентабилни, можат да се спречат и секој од нас има улога во тоа. Не само производителите и трговците со храна, туку и надлежните тела во однос на усвојување на прописи за безбедна храна и контрола на храната. Потрошувачите, а тоа сме сите ние, имаме голема улога во превенција на болестите, се разбира ако сме информирани и преземаме акција.

Секоја година на 7 јуни, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Светската здравствена организација (СЗО) работат заедно во одбележувањето на овој ден низ целиот свет. На Светскиот ден на безбедност на храната, се потсетуваме дека безбедноста на храната е колективно право и одговорност - секој треба да ја одигра својата улога.

Секој субјект вклучен во синџирот на снабдување со храна -  производители, преработувачи, увозници, трговци и потрошувачи – има обврска за примена на добри практики и интернационални стандарди за да се одржи безбедноста на храната. Стандардите за безбедна храна се продукт на јасна и промислена примена на научните докази кои истражуваат како и зошто храната може да се контаминира и да нè разболи. Научниците ги проценуваат и анализираат ризиците по здравјето на луѓето поврзани со веќе познати и утврдени опасности, но и нови очекувани и неочекувани опасности за безбедноста на храната и даваат совети за да им помогнат на креаторите на политики, операторите со храна и потрошувачите.

Без наука и научни докази, не е можно да се одржи безбедноста на храната низ целиот синџир на производство, транспорт и промет, кои честопати го опфаќаат целиот свет и преминуваат повеќе граници. Затоа оваа година  мотото на Светскиот ден на безбедноста на храната ја потенцира важната улога што науката ја игра во донесувањето научно базирани одлуки за храната.

Микробиологијата и токсикологијата играат клучна улога во контрола на безбедноста на храната. Во интерес на јавното здравје,  операторите со храна имаат обврска да го следат присуството на различни контаминенти во нивните производи. Овој вид на услуги можат да ги добијат во лабораториите на Институт за јавно здравје кои работат со акредитирани методи.  Климатските промени како глобален проблем не ја одминуваат и нашата земја. Научните докази покажуваат дека треба да очекуваме зголемена контаминација на храната со микроорганизми и микотоксини во услови со високи температури, суши и поплави. Затоа е потребна мултисекторска акција и соработка, во кои научните сознанија треба да се користат за да се превенира контаминацијата на храната.

Во последните години многу актуелен проблем на глобално ниво е порастот на антимикробната резистенција кај бактериите  како што се Salmonella, Campylobacter, Staphylococcus aureus. Тоа се микроорганизми кои се јавуваат како контаминенти во храната и тоа е уште еден начин за луѓето да се инфицираат со микроорганизми отпорни на антибиотици и да се пролонгира лекувањето, а понекогаш и да предизвикаат смртен исход на болеста.