- 21.05.2026
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПОЈАВА НА СЛУЧАЈ СО ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ВО МАКЕДОНИЈА ВО 2026 година
ИНФОРМАЦИЈА
ЗА ПОЈАВА НА СЛУЧАЈ СО ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ВО МАКЕДОНИЈА ВО 2026 година
Вовед
Западно нилска треска e вектор-пеносливо вирусно заболување предизвикано од West Nile Virus (WNV) кое се одржува преку еден ензоотски циклус меѓу комарците (Culex, Aedes) и птиците (најчесто дивите птици). Луѓето и коњите се случајни, крајни домаќини на заболувањето. Инфекцијата помеѓу нив се пренесува преку комарците.
Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста не се пренесува од човек на човек, освен во исклучително ретки случаи преку трансфузија или трансплантација.
Периодот на инкубација вообичаено трае од 3 до 14 дена.
Кај најголем дел од заразените лица (80%) инфекцијата поминува без симптоми. Кај дел од пациентите може да се јават покачена температура, главоболка, осип, малаксаност и болки во мускулите, а кај помал број лица (1%) може да се развие тешка форма со воспаление на мозокот, мозочните обвивки или појава на парализи.
Не постои специфична терапија ниту вакцина, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите.
Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.
Состојба во 2025 година во Европа
Во тек на 2025 година во Европа биле регистрирани 1.112 случаи на Западно-нилска треска oд 14 земји во Европа: Албанија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Косово*, Македонија, Романија, Србија, Шпанија и Турција. Од пријавените случаи 97 завршиле со летален исход.
Во текот на 2025 година, во Македонија регистрирани се два автохтони и лабораториски потврдени случаи на Западно-нилска треска. Едно лице било хоспитализирано поради појава на невроинвазивна форма на болеста.
Состојба во 2026 година
Во Македонија, во месец мај 2026 година, пријавен е потврден случај на Западно-нилска треска (со лабораториска потврда на ИгМ антитела во ликвор). Тоа е првиот случај пријавен во оваа тековна година.
Информација за WNV случајот
На 15.05.2026 година, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ беше известен за потврден случај на Западно-нилска треска кај 55-годишно лице од Велес, по што веднаш беше информиран ЦЈЗ Велес.
Кај пациентот првите симптоми започнале со висока температура, осип, малаксаност и нарушена свест. Поради влошување на состојбата, пациентот бил хоспитализиран на КИБФС, каде со лабораториски испитувања во Вирусолошката лабораторија при ИЈЗ биле докажани IgM антитела за West Nile вирус во ликвор.
Во моментов пациентот е во подобрена општа состојба и е под медицински надзор.
Епидемиолошки податоци:
Според епидемиолошките податоци, лицето не патувало надвор од државата и нема податок за контакт со лица со слични симптоми. Живее во Велес, во подрачје каде поретко се регистрираат комарци, и ретко излегувал од домот.
Согласно информациите од ЦЈЗ Велес, на територијата на општината во април 2026 година е спроведена редовна ларвицидна дезинсекција.
Проценка на ризик:
Западно-нилската треска во Македонија се регистрира спорадично, најчесто кај пациенти со потешка, невроинвазивна форма на болеста.
Поради климатските промени и зголемената активност на векторите, вектор-преносливите заболувања стануваат сè поактуелен јавно-здравствен предизвик. Постои можност за понатамошно пријавување на нови случаи во периодот на активност на комарците.
Ризикот за населението во моментов се оценува како среден, а истиот може значително да се намали со спроведување на препорачаните превентивни мерки за заштита од убоди од комарци.
Превземени мерки:
Од страна на ЦЈЗ Велес направена е дезинсекција по епидемиолошка индикација.
Препорачани мерки:
1. Со цел превенција и контрола на заболувањето, потребна е едукација на населението за болеста, начините на пренос и можностите за превенција преку изработка на соодветен едукативен материјал.
2. Потребно е известување на матичните лекари и инфектолозите за појавата на заболувањето, со цел негово вклучување во диференцијално-дијагностичкото размислување и навремено пријавување до надлежните служби.
3. Потребно е планско спроведување на ДДД активности (согласно план доставен до општината), како и дезинсекција по епидемиолошки индикации во околината на местото на живеење на заболеното лице.
4. Навремено доставување на Пријава за заболување/смрт од заразна болест од страна на лекар кој ја дијагностицирал болеста, согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Препораки за заштита од убоди од комарци:
₋ Користете репеленти при престој на отворено.
₋ Носете облека со долги ракави и ногавици.
₋ Поставете заштитни мрежи на прозорците и и вратите.
₋ Избегнувајте непотребен престој на отворено во зори и самрак кога комарците се најактивни.
₋ Не дозволувајте задржување на застоена вода во дворовите, (буриња, гуми, садови.)
Граѓаните кои ќе развијат симптоми по убод од комарец, особено покачена температура, главоболка, осип или невролошки симптоми, потребно е веднаш да побараат лекарска помош.
Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ е во комуникација со ЦЈЗ Скопје и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје на РСМ