- 14.08.2026
БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНАТА ПРИ ТОПЛОТНИ БРАНОВИ
Високите температури создаваат поволни услови за брзо размножување на микроорганизмите во храната и го зголемуваат ризикот од болести предизвикани од небезбедна храна. Во периоди на топлотни бранови, особено внимание посветете на изборот, транспортот и правилното чување на храната.
При купување храна
- Купувајте храна од регистрирани оператори со храна и проверете ги рокот на употреба, изгледот на пакувањето и условите во кои се чува.
- Месото, рибата, млекото и млечните производи, јајцата и другата лесно расиплива храна купувајте ги последни, непосредно пред да го напуштите продажниот објект.
- Не купувајте замрзната храна доколку има знаци дека започнала да се одмрзнува.
- Не купувајте производи со оштетено пакување, како и надуени, оштетени или 'рѓосани конзерви.
Зачувајте го ладниот синџир
- Лесно расипливата и замрзнатата храна пренесете ја до дома што е можно побрзо. При подолг транспорт користете термоизолирана торба или ладилник.
- По купувањето, храната што изискува разладување, веднаш ставете ја во фрижидер, а замрзнатата храна во замрзнувач.
- Подготвената и лесно расипливата храна чувајте ја во фрижидер на температура од –1 до 4 °C, а замрзнатата храна на –18 °C или пониска температура.
- Не оставајте подготвена или лесно расиплива храна на собна температура подолго од 2 часа, а при високи температури настојувајте ова време да биде што е можно пократко.
- Не одмрзнувајте замрзната храна на собна температура.
При престој на отворено
- Не оставајте лесно расиплива храна изложена на директна сончева светлина или во загреано возило.
- При излети, патувања и подолг престој на отворено, храната што бара разладување чувајте ја во ладилник или термоизолирана торба со средства за ладење.
- Користете здравствено безбедна вода за пиење и подготовка на храна, а овошјето и зеленчукот добро измијте ги пред употреба.
Во периоди на високи температури, одржувањето на ладниот синџир и правилното чување на храната се особено важни за спречување на болестите што се пренесуваат преку храната.
