- 20.07.2018
ИНФОРМАЦИЈА за состојбата со мали сипаници во Република Македонија во 2018, заклучно со 16.07.2018
Вовед
Во оваа информација е даден преглед на моменталната состојба со мали сипаници во Република Македонија во текот на 2018 година, заклучно со 16.07.2018 година.
Историјат
Во текот на 2017 година во РМ беа регистрирани вкупно 19 случаи на мали сипаници, 10 од нив поврзани во епидемија на територија на ЦЈЗ Скопје (пријавена на 25.09.2017, а одјавена на 16.11.2017). Останатите беа единечни случаи, 6 пријавени од ЦЈЗ Скопје и по еден од ПЕ Струга, ЦЈЗ Прилеп и ЦЈЗ Тетово. Од вкупно регистрираниот број на случаи 14 не се вакцинирани, 4 лица на возраст над 29 години биле вакцинирани со една доза, а едно лице со две дози. Индексниот случај во епидемијата беше невакцинирано дете кое имало контакт со сомнителен случај во Косово.
Моментална состојба
Во текот на 2018 година до ИЈЗ се пристигнати вкупно 23 пријави за мали сипаници. Од нив, 19 случаи се регистрирани како мали сипаници – 15 лабораториски потврдени, 3 со епидемиолошка врска и еден со клиничка слика на мали сипаници.
Еден е случај на мали сипаници кај странски државјанин (лабораториски потврден во ИЈЗ) кој не e прикажан во вкупниот број.
Дополнително, пријавени се уште 3 лица под сомнение за мали сипаници, но по епидемиолошкото истражување и лабораториската дијагностика, истите се отфрлени како случаи.
Во однос на местото на живеење, 7 лица од заболените живеат во Скопје, 8 во Дебар, а по еден во Куманово, Тетово, Струга и Охрид.
Пријавениот случај на странскиот државјанин бил на привремен престој во Охрид кај роднини, а со адреса на живеење во Призрен, Косово.
Во однос на возраста на заболените лица, по 4 случаи се на возраст под 1 година и од 1-4 години, по еден заболен е пријавен во возрасните групи од 5-9, 15-19 и 20-29 години, а најголем број (n=8) припаѓаат на возрасната група лица над 30 години (Графикон 1).
Според дистрибуцијата по пол, 13 лица се машки, 6 женски, односно односот на машки-женски е 2,1:1 (Графикон 1).
Графикон 1. Дистрибуција на заболените од мали сипаници по пол и возраст во Р. Македонија, 2018 година
Во однос на националната припадност, најголем број (7) од заболени лица се Македонци. Пријавени се 4 лица од Албанска националност, 6 лица од Ромска националност и по еден од Турска и Бошњачка националност.
Од податоците со кои располага ИЈЗ, според датум на почеток на исип, во месец јануари, февруари и март се регистрирани по 4 случаи, а 7 во месец јуни. Најголем број на заболени се регистрирани во 27-ма недела (n=3) (Графикон 2).
Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници според дата и недела на заболување (n=19) во Р. Македонија, 2018 година
Од вкупниот број на заболени лица (n=19), 9 лица (47,4%) се невакцинирани, од кои 5 не подлежат на вакцинација согласно Календарот за имунизација. Осум лица се вакцинирани со една доза на вакцина против мали сипаници, а две лица се вакцинирани со две дози (едно над 30 години и едно под 15).
За два од случаите е можна импортација од Косово, односно Србија, заради фактот што во инкубациониот периодот престојувале во овие земји, додека три случаи од Скопје имаат фамилијарна поврзаност (припаѓаат на едно семејство). Пријавените случаи од Дебар имаат епидемиолошка поврзаност меѓу себе (живеат во исто маало), а првите два случаи се семејно поврзани со лице кое по враќање од Албанија развило болест со слични симптоми, но не побарало лекарска помош и не е регистрирано. Епидемиолошка поврзаност со дебарските случаи е утврдена и за еден случај од Охрид. За останатите случаи од другите градови не е утврдена епидемиолошка врска.
Тринаесет (68,4%) од вкупно 19 заболени лица од мали сипаници биле хоспитализирани – на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје (n=9) и Општата болница во Охрид (n=4). Kај 12 случаи (63,2%) се регистрирани компликации, од нив 4 се со пневмонија, 6 со дијареа и 2 со пневмонија и дијареа.
Од вкупниот број на заболени лица (n=19), 15 се лабораториски конфирмирани – 14 во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје, а еден случај е лабораториски дијагностициран на КИБФС.
Класификација на случаите:
Согласно Правилникот за критериуми за дефинирање на случаите на заразните болести (Службен весник бр.19/2018), од вкупниот број на регистрирани случаи (n=19), 15 од заболените лица (79,0%) се класифицирани како потврдени случаи на мали сипаници (лабораториски конфирмирани), три се класифицирани како веројатни случаи (со клиничка слика и епидемиолошка врска) и еден е можен случај, кој исполнува само клинички критериуми.
Превземени мерки:
- Спроведено е епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници од страна на епидемиолозите.
- За секој случај е подготвена епидемиолошка анкета.
- Проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти.
- Проверен е вакциналниот опфат со МРП вакцина на територијата на ЦЈЗ на која е евидентиран случајот на мали сипаници. Невакцинираните и пропуштените лица се повикани за вакцинација.
- На контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање на вакциналниот статус.
- Засилен е епидемиолошкиот надзор над треските проследени со исип, а секој сомнителен случај на мали сипаници е лабораториски тестира.
- Остварени се контакти со матичните лекари, искажана е потребата од будно следење на појава на случај со исипна треска, негово пријавување и проследување до специјалист инфектолог.
- Поделен е информативно-едукативен материјал на здравствените работници во примарната здравствена заштита (матични лекари, педијатри), во детските градинки, остварени се настапи во медиуми со цел информација на населенито и едукација за мерките за заштита од заболувањето.
- Објавен е едукативен материјал на веб-страната на ИЈЗ со цел луѓето кои патуваат на дестинации каде што има епидемии од мали сипаници да бидат свесни за ризиците, и навремено да се вакцинираат.
Препораки
- Да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески. Секој суспектен случај на мали сипаници потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.
- За таа цел, потребно е да се анимираат матичните лекари/педијатри да ги пријавуваат сите суспектните случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје (по телефон, маил), во рок од 24 часа од поставување дијагноза или сомнение.
- Секој пациент со исипна треска да го упатуваат на преглед кај специјалист инфектолог, во најблиската здравствена установа.
- Дополнително најдоцна за 24 часа од утврденото сомнение на мали сипаници, треба да достави пишана Пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје/ПЕ, согласно законската регулатива.
- Истата процедура во однос на пријавувањето се однесува и на лекарите-специјалисти инфектолози во болничките установи.
- Пациентите кои се хоспитализирани треба да се изолираат. Доколку лицето не е хоспитализирано, да се препорача изолација во домашни услови, додека трае заразноста.
- Од сите суспектни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување, како и друг биолошки материјал за молекуларна дијагностика. Кој ќе се испраќа во Вирусолошката лабораторија во ИЈЗ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за конфирмација на мали сипаници.
- Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ да се продолжи со засилената контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.
- Спроведување на здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници.
- Медиумски настапи со цел информирање на населението за состојбата со мали сипаници во Македонија и соседството и за заштита од оваа болест.
- Информирање за ставот и препораката на СЗО дека целосна и успешна заштита против мали сипаници се обезбедува со две дози на МРП вакцина.
Секторот за превенција и контрола на заразните болести при ИЈЗ во соработка со епидемиолошките служби при Центрите за јавно здравје ја следат состојбата и дополнително ќе известуваат за текот на настаните и развојот на епидемиолошката ситуација.
Скопје, 16.07.2018
Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје