• 21.07.2018

ИНФОРМАЦИЈА – За пријавена епидемија на мали сипаници на подрачјето на ПЕ Дебар


И Н Ф О Р М А Ц И Ј А
За пријавена епидемија на мали сипаници на подрачјето на ПЕ Дебар
На 17.07.2018 година, до Институтот за јавно здравје е пријавена епидемија на мали
сипаници на територијата на ПЕ Дебар, со вкупно 9 заболени лица. Заклучно со денешниот
ден, 19.07.2018, бројот на заболени лица во епидемијата се зголеми на 17 случаи.
Сите заболени во епидемијата се во меѓусебна епидемиолошка врска и сите се жители на
Дебар, со исклучок на една жена која е жител на Охрид, но секојдневно патува во Дебар
каде што работи.
Првите два пријавени случаи заболени на 25 мај, 2018 година се брачни партнери, кои го
негувале болниот син со слични клинички симптоми по враќањето од Албанија, каде
престојувал во време на можна инкубација. Ова лице за време на болеста не побарало
лекарска помош, не било тестирано и не е пријавено како случај.
Во однос на возраста, 11 од заболените се на возраст над 30 години, 3 лица се на возраст од
20-29 години, и по едно лице припаѓа на возрасните групи: од 15-19 години, од 1-4 години и
под една година.
Скоро подеднаква е застапеноста на машкиот и женскиот пол кај заболените лица во
епидемијата – 9 заболени лица се од машки пол (52,9%), а 8 или 47,1% се припаднички на
женскиот пол.
Од вкупниот број на случаи, 10 се припадници на ромската популација, 4 се од албанска, 2
од турска и еден заболен од македонска националност.
Од заболените во епидемијата за 10 лица има лабораториска потврда, 7 се со утврдена
епидемиолошка врска. За 4 лица сéуште се чекаат конечните лабораториски анализи.
Најголем број од заболените лица во епидемијата (9) се вакцинирани со една доза, 3 лица
вакцинирани со две дози, 4 се невакцинирани, а едно лице е со непознат вакцинален статус.
Превземени мерки:
 Спроведено е епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали
сипаници од страна на локалните епидемиолози. За секој случај е подготвена
епидемиолошка анкета.
 Проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти.
 Проверен е вакциналниот опфат со МРП вакцина на територијата на ПЕ Дебар.
 Пребарани се сите вакцинални картончиња на лицата кои подлежат на
вакцинација согласно Календарот за имунизација, а невакцинираните и
пропуштените лица се повикани за вакцинација.
 На контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно
вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање
на вакциналниот статус, соодветно на возраста.
 Засилен е епидемиолошкиот надзор над треските проследени со исип, а секој
суспектен случај на мали сипаници е лабораториски тестиран.
 Во неколку наврати остварени се контакти со матичните лекари, со цел зајакнување
на свеста дека малите сипаници се болест која треба да се очекува и во нашата земја
и побарано е будно следење на појава на случај со исипна треска и негово
проследување до инфектолог.
 Поделен е информативно-едукативен материјал на здравствените работници во
примарната здравствена заштита (матични лекари, педијатри), во детските градинки,
остварени се настапи во локалните медиуми со цел информација на населенито и
едукација за мерките на заштита од заболување.
 Објавен е едукативен материјал на веб-страната на ИЈЗ со цел луѓето кои патуваат на
дестинации каде што има епидемии од мали сипаници (летни одмори) да бидат
свесни за ризиците, доколку нивните деца или тие не се вакцинирани против мали
сипаници.
Препораки
 Да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески во
Дебар, но и во останатите градови во Републиката. Секој суспектен случај на мали
сипаници кој ги исполнува критериумите на дефиницијата на случај потребно е
епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.
 За таа цел, да се продолжи со анимација на матичните лекари/педијатри/инфектолози
да ги пријавуваат сите суспектните случаи до епидемиолошката служба на надлежниот
Центар за јавно здравје (по телефон, маил), во рок од 24 часа од поставување
дијагноза или сомнение.
 Секој пациент со исипна треска да го упатуваат на преглед кај специјалист инфектолог,
во најблиската здравстена установа.
 Дополнително најдоцна за 24 часа од утврденото сомнение на мали сипаници, да
достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба
на надлежниот Центар за јавно здравје/ПЕ, согласно законската регулатива, и повторно
нова пријава по лабораториската конфирмација на болеста.
 Истата процедура во однос на пријавувањето се однесува и на лекарите-специјалисти
инфектолози во болничките установи.
 Пациентите кои се хоспитализирани треба да се изолираат, а бројот на посетители да
се сведе на минимум односно да се превземаат мерки за спречување на
интрахоспитални инфекции. Доколку лицето не е хоспитализирано, да се препорача
изолација во домашни услови, додека трае заразноста.
 Од сите суспектни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување,
како и друг соодветен биолошки материјал за молекуларна дијагностика.
 Лабораторискиот примерок да се испраќа во Вирусолошката лабораторија во
Институтот за јавно здравје на РМ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за
конфирмација на мали сипаници.
 Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ да се продолжи со засилената
контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на
невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.
 Спроведување на здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на
МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и
сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.
 Медиумски настапи со цел информирање на населението за состојбата со мали
сипаници во Р. Македонија, како и за заштита од оваа болест со посебна нагласеност
на вакцинацијата, проверката на вакциналниот статус пред патување и информирање
дека СЗО препорачува дека целосна заштита против мали сипаници е со две дози со
МРП вакцина.
Моментална состојба во Република Македонија
Од почетокот на годината до денес, во Република Македонија се регистрирани 28 случаи на
мали сипаници, од кои 20 (71,4%) се класифицирани како потврдени случаи на мали
сипаници (лабораториски конфирмирани), 7 се класифицирани како веројатни случаи (со
епидемиолошка врска) и еден е можен случај, кој исполнува само клинички критериуми.
Во однос на местото на живеење, од вкупно 28 регистрирани заболени лица, 16 живеат во
Дебар, 8 лица се жители на Скопје, а по еден случај од Куманово, Тетово, Струга и Охрид.
Во однос на возраста на заболените, најголем број од случаите (n=13) припаѓаат на
возрасната група лица над 30 години.
Според дистрибуцијата по пол, 17 лица се машки, 11 женски пол.
Според датум на заболување, регистрирани се по 4 случаи во јануари, февруари и јуни, 3 во
мај, и најголем број – 12 заболени се пријавени во јули месец.
Од вкупниот број на заболени лица, 11 лица не се вакцинирани, 13 се вакцинирани со една
доза на вакцина која содржи компонента против мали сипаници, три лица се вакцинирани
со две дози, едно е со непознат статус.
За два од пријавените случаи е можна импортација од Косово, односно Србија, а еден случај
имал контакт со лице од Косово кое престојувало во Македонија и имало симптоми на
морбили. Во епидемијата во Дебар, се смета дека првото заболено лице кое не е
евидентирано ја стекнало болеста во Албанија, каде престојувало неколку дена.
Осумнаесет од заболените лица биле хоспитализирани – на Клиниката за инфективни
болести и фебрилни состојби во Скопје (n=10) и Општата болница во Охрид (n=8). Kај сите 18
случаи биле регистрирани компликации, најчесто пневмонија (5) и дијареа (7).
За потсетување, во текот на 2017 година во РМ беа регистрирани вкупно 19 случаи на мали
сипаници, 10 од нив поврзани во епидемија на територија на ЦЈЗ Скопје. Останатите беа
единечни случаи, 6 пријавени од ЦЈЗ Скопје и по еден од ПЕ Струга, ЦЈЗ Прилеп и ЦЈЗ Тетово.
Од вкупно регистрираниот број на случаи 14 не се вакцинирани, 4 лица биле вакцинирани со
една доза, а едно лице со две дози. Индексниот случај во епидемијата беше невакцинирано
дете кое имало контакт со сомнителен случај во Косово.
Секторот за превенција и контрола на заразните болести при ИЈЗ во соработка со
епидемиолошките служби при Центрите за јавно здравје на територијата на РМ ќе ја следат
состојбата и дополнително ќе известуваат за текот на настаните и развојот на
епидемиолошката ситуација.
Скопје, 19.07.2018 Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје