• 10.02.2023

ФЕВРУАРИ – Месец на детско орално здравје


zabi
Млечни заби кај децата
Забите кај бебиња почнуваат да никнуваат по 6 месеци од раѓањето. Но, бидејќи секое дете е различно и има свои карактеристики, така и времето на никнување на млечните заби е индивидуално, меѓутоа, најдоцна до третата година од животот детето треба да ги има сите млечни заби.
Бројот на млечни заби е вкупно 20, десет во горната и десет во долната вилица, и тоа осум инцизиви, четири кучешки заби  и осум млечни катници.
Млечните заби во устата опстојуваат додека трајните заби не почнат да растат. Првите постојани заби почнуваат да никнуваат на возраст од шест години.
Најчесто како прв траен заб никнува  долниот молар, и по неговото никнување, млечните забчиња како резултат на ресорпција на коренот, која се должи на никнење на трајните заби, почнуваат да паѓаат, според редоследот по кој и никнале, односно, млечните единици први, по нив тројките и четворките а петките треба да паднат последни.
Последните трајни заби веќе треба да бидат никнати на возраст од 12 години.
Ерупција (никнење) на млечни и трајни заби
zabi1
zabi2
Расипување (кариес) на млечни заби и превенција
Иако не се трајни, млечните заби имаат важна улога во формирање на вилиците и за развој на трајните заби. Исто така, тие се клучни за мелењето на храната во устата, а со самото тоа и за процесот на варење на храната. Истовремено, влијаат на говорот, овозможуваат правилен изговор на зборовите. Со оглед на сите функции кои ги имаат млечните заби, оралното здравје кај децата треба да биде на многу високо ниво. Кариесот на  млечните заби може да се појави многу рано, веднаш по нивното изникнување (глеќта на млечните заби е потенка во однос на трајните заби)  и може да се препознае лесно, изгледа како мала бела дамка на забчето. Доколку не се лечи кариесот се продлабочува и може да дојде до забната пулпа, односно до нервот на забот.Расипаните заби предизвикуваат болка, непријатност и тешкотии при хранењето кај децата. Затоа, доколку дојде до појава на кариес дечињата треба веднаш да посетат стоматолог.
Со одењето на стоматолог од млечните заби ќе се одстрани кариесот и болката и тие ќе останат во устата затоа што се важни за понатамошен развој на усната празнина, особено за добро поставување и распоред на трајните заби.
Доколку млечното забче е уништено многу рано од кариес или испадне пред одреденото време, може да дојде до предвремено никнување на трајниот заб, при што тој ќе завземе погрешно место во забниот лак. Сето тоа доведува до лоша поставеност на трајните заби и тогаш е потребно пациентот да носи ортодонски апаратчиња.
За да се спречи процесот на расипување на млечните заби и тие да се одржат здрави, потребно е:
  1. да се внимава на храната која детето ја конзумира,односно, детето да има правилна исхрана,
  2. кај детето да се створи навика уште од најмала возраст за редовно четкање на забите, односно,
детето да има редовна орална  хигиена и нега, и секако
  1. редовни посети  на стоматолог.
1.Најголем непријател на здравјето на забите е шеќерот кој доведува до пораст на киселоста која го зголемува размножувањето на штетни бактерии.
Затоа е неопходно да имаме контрола врз внесот на шеќери.
Вистинскиот избор на храна е важен во одбраната од кариес или други забни болести како и за одржување на правилна хигиена на усната празнина.
Храна која е корисна и придонесува за здравје на забите и устата вклучува јајца, месо, риба, семки, млечни производи (јогурт, млеко, сурутка), храната со влакненца која бара посилно џвакање и овозможува самочистење на усната празнина (сирово овошје и зеленчук), мешункасти производи (грав, грашок, зелка, проќел, карфиол). Оваа храна не само што е важна за здравјето на забите, туку како извори на протеини, витамини и минерали овозможува здравје за целиот организам. Наместо засладените сокови, најдобар пијалак не само за децата, туку и за возрасните е водата, па потоа незасладените чаеви, млеко и јогурт.
2.Со миење на млечните заби треба да се почне веднаш по никнување на првото забче (6-7 месец).
Најпрво забчето се чисти со чиста влажна газа, може и со чепкалки за уши или со малку памук за да се создаде навика за редовна хигиена и нега кај детето. Потоа доаѓа четката за заби која треба да биде мека и мала. Детето првично треба да си игра со четката, а потоа полека да се почне со миење на забите. Малите деца  многу тешко ги мијат забите со четка за заби. На почетокот миењето на запчињата ќе биде без паста или со многу малку паста (големина на зрно ориз), од причина што децата не знаат како да ја исплукаат и често ја голтаат. Од 3 до 6 години количината на пастата за заби може да биде со големина на зрно грашок. Исто така е важно да се знае дека пастата треба да содржи флуор, но мора да се внимава на дозата и каков флуорид ќе содржи пастата, затоа што при внес на поголемо количество од пропишаното, тој се таложи во организмот.
Одржувањето на млечните запчиња додека сами не испаднат е многу важно, бидејќи тие во голема  мера влијаат на развојот и поставеноста на трајните заби.
Затоа за одржување на добро орално здравје кај децата неопходно е тие уште од најмала возраст да се  здобијат со навика да јадат здрав храна, да одржуваат редовна хигиена на забите и барем двапати во годината да посетуваат стоматолог.
 
Изготвувач: Оддел за здравствена промоција и следење на болести