• 24.01.2023

Недела за превенција на рак на грлото на матката


Неделата за превенција на рак на грлото на матката е можност да се подигне свеста за ризикот од рак на грло на матката и да им се помогне на жените да научат како да ги намалат овие ризици и да ја спречат болеста. Секоја година од 23 до 29 јануари се одбележуваа оваа недела, со цел да се крене свесноста за ракот на грлото на матката.
Ракот на грлото на матката е чест карцином кај жените на возраст над 35 години, а 75% од карциномот на грлото на матката може да се спречи со методите за превенција. Неделата за превенција на рак на грлото на матката ги охрабрува жените да го намалат ризикот од оваа болест преку промовирање на чекорите што можат да ги преземат за да се грижат за своето здравје.
Кревањето на свесноста треба да го направиме со:
  • Споделување на информации за скрининг за рак на грло на матка
  • Споделување на информации за симптомите и дијагноза на рак на грло на матка
  • Споделување информации за ХПВ вакцинацијата
Што е цервикален канцер?
Цервикалниот канцер е сериозна болест, која најчесто во раните стадиуми не дава никакви симптоми, па затоа и е тешка за откривање, симптомите најчесто се јавуваат откако болеста веќе е проширена. Симптомите кои се јавуваат кај ова заболување може да се поделат во 2 групи, симптоми кои се јавуваат во рана фаза на болест и симптоми кои се јавуваат во подоцна фаза на болест.
Во рана фаза на болеста се јавуваат:
  • Пелвична болка
  • Вагинално крварење пост менопаузално
  • Вагинално крварење по сексуален однос
  • Абнормален вагинален исцедок
Во доцната фаза на болеста се јавуваат:
  • Отежната столица со ректално крварење
  • Слабост, малаксаност и губење тежина
  • Отежнато мокрење
  • Силна абдоминална болка
  • Отоци на нозете
Како што рековме претходно, оваа болест е тешка за дијагноза бидејќи веќе кога ќе се јават симптомите е доцна, па затоа најдобар начин за пристап кон ова заболување е превенцијата. Најбитните работи што можете да ги направите за да помогнете во спречување на рак на грлото на матката е да се вакцинирате против ХПВ, да правите редовни скрининг тестови и да се обратите на лекар ако резултатите од вашиот скрининг тест се абнормални.
Скрининг за рана детекција на рак на грло на матка
Со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Со ова се овозможува изработка на ПАП тест, со кој би се детектирало можното присуство на преканцерозни или канцерозни промени. Според податоците на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, во 2021 година во рамки на скринингот се направени 26217 тестирања. Од сите тие кај 2070 се откриени цитолошки абнормалности.
rak
ХПВ вакцинација
Хуманиот папилома вирус или ХПВ е најчесто дијагностициран сексуално пренослив вирус. Подеднакво ги зафаќа и мажите и жените, а може и да се пренесува без присуствно на никакви симпотми. ХПВ типовите 16 и 18 се најчестите причинители на рак на грло на матка, а тип 6 и 11 најчесто предизвикуваат генитални брадавици. Како метод за превенција е достапна вакцина насочена кон сите овие подтипови, за девојчиња и жени на возраст од 9-26 години. Во нашата држава таа е дел од календарот за имунизација и се дава на 12 годишна возраст. Тоа е така бидејќи овозможува развивање на имунитет уште од порана возраст, односно пред да бидат сексуално активни. Вакцината се дава во 3 дози, втората доза 2 месеци по првата, а третата по 6 месеци од првата доза.
Со развојот на модерната медицина, се овозможува ефикасен третман и дијагноза на многу заболувања, но сепак кај заболувањата како рак на грлото на матка превенцијата останува клучна. Затоа ги повикуваме сите жени, редовно да посетуваат гинеколог и да ги следат препораките за превенција, бидејќи само со рана детекција е возможен и третман на оваа болест.
Подготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести