- 25.04.2023
ИЗВЕШТАЈ ЗА СЛЕДЕЊЕ, ОЦЕНУВАЊЕ И ПЛАНИРАЊЕ НА ПРЕВЕНТИВНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА НА РАБОТНИЦИТЕ ЗА ПЕРИОДОТ ОД 2022 ГОДИНА
Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, преку своето Одделение за медицина на труд и проценка на здравствени ризици, како и секоја година и овој пат, го објавува Извештајот за следење, оценување и планирање на превентивната здравствена заштита на работниците за периодот од 2022 година.
Во текот на 2022 година е забележано зголемување на превентивните здравствени прегледи, во однос на претходната извештајна година за 15.0%, како резултат на укинувањето на рестриктивните мерки поврзани со Пандемијата на Ковид-19.
Податоците од доставените извештаи за видот, обемот и содржината на превентивните здравствени прегледи, укажуваат дека овластените установи за медицина на труд во текот 2022 година имаат реализирано вкупно 138.928 превентивни здравствени прегледи, од кои 89.090 (64.0%) се систематски прегледи, 43.251 (31.0%) се периодични прегледи, 6.182 (4.5%) претходни и 405 (0.5%) насочени здравствени прегледи.
Ако се има во предвид вкупниот број на вработени лица во Република Северна Македонија, кој во моментот изнесува 693.062, произлегува дека опфатот со превентивни здравствени прегледи на работниците во Република Северна Македонија изнесува 20.0%. Во споредба со стандардите и нормативите што ги посочуваат Светската здравствена организација и другите релевантни меѓународни организации, ова претставува исклучително мал опфат на работнците во нашата земја со активностите од делот на професионалното здравје.