• 15.05.2023

15 мај – Меѓународен ден на семејствата


„Семејствата и демографските промени“
Како дел од подготовките за триесетгодишнината од меѓународната година на семејството, 2024 (IYF+30), одбележувањето на денот на семејствата во 2023 година се фокусира на мегатрендот на демографските промени и неговото влијание врз семејствата. Настанот е со цел да се проговори за актуелната состојба на демографските трендови, вклучително и стареењето и меѓугенерациската солидарност; да се направи анализа на овие влијанија врз семејниот живот и да се препорачаат одговорни политики ориентирани кон семејството, кои ќе одговорат на потребите на семејствата ширум светот.
Демографски трендови и семејства
Кон крајот на 2022 година, светската популација достигна осум милијарди луѓе. Генералниот секретар на Обединетите нации ова го окарактеризира како „пресвртница во човековиот развој“. Овој значаен настан илустрира големи достигнувања во здравството, кои го продолжуваат човековиот животен век. Според Обединетите нации, растот на населението ќе продолжи иако со опаѓачка стапка. Се предвидува дека во 2050 година, ќе достигне 9.8 милијарди и 11.2 во 2100 година, зголемувајќи ја загриженоста за одржливоста на урбанизацијата и управувањето со климатските промени.
Демографските промени се еден од најважните мегатрендови кои влијаат на нашиот свет и на животот и благосостојбата на семејствата ширум светот. Демографските трендови главно се обликувани од моделите на наталитет и морталитет. Намалувањето на стапката на фертилитет резултира со придобивки за семејствата бидејќи тие се поспособни да инвестираат во здравјето и образованието на нивните деца, што пак помага во намалувањето на сиромаштијата и подобар социо-економски развој. Истражувањата покажуваат дека намалувањето на наталитетот го зголемува и учеството на жените во општествената работа. Од друга страна, падот на наталитетот резултира со помали семејства кои имаат потешкотии да се справат со грижата во семејството и другите обврски во домаќинството. Како такви во време на невработеност или болест, семејствата имаат помалку членови на кои би можеле да се потпрат. Згора на тоа, ниските стапки на фертилитет може да ја поткопаат работната сила и општествената структура предизвикувајќи драстични состојби со тешко предвидливи последици за горливите прашања, вклучително од социјалната сигурност до родовата еднаквост.
Како се слави Светскиот ден на семејството ширум светот?
Меѓународниот ден на семејствата се слави на различни начини ширум светот. Во некои заедници, јавните служби организираат дискусии и дискурси за различните предизвици со кои се соочуваат семејствата во наведените заедници. Некои земји ги планираат своите активности и настани организирани врз основа на конкретната тема поставена од Обединетите нации. Поединците пак бираат да го прослават овој ден во кругот на своето семејство.
Како можете да го прославите денот на семејството?
Ова е одличен ден да поминете време со вашето семејство. Можете да организирате активности за вашето семејство, како што се друштвени игри, натпревари во спорт, пеење и друго. Нека биде ова ден, за поврзување со вашето семејство.
Семејствата се еден од најважните аспекти на секое општество. Тука децата се учат како да комуницираат и да се интегрираат со другите членови на општеството. Важно е да одвоите време за негување на семејните врски и решавање на проблемите со кои се соочуваат семејствата. Ако семејната заедница е среќна и здрава, членовите од тоа семејство сигурно ќе станат здрави членови кои придонесуваат за напредок на општеството.
Изготвил: Оддел за задравствена промоција и следење на болести