• 27.04.2018

Светски ден за безбедност и здравје на работа


wcms_625216-1  cover
Оваа година Светскиот ден за безбедност и здравје на работа се одбележува заедно со Светскиот ден против детски труд и има за цел за подобрување на безбедноста и здравјето на работа на младите работници и елиминација на детскиот труд.
Кампањата по повод одбележувањето на овој ден тежнее кон што побрзо постигнување на Одржливите развојни цели 8.8  и 8.7 за безбедни и сигурни на работните услови за сите работници до 2030 година и за елиминација на сите форми на детски труд до 2025 година. За ова е потребен интегриран и сеопфатен мултисекторски пристап, затоа што во светот има 541 милиони млади работници на возраст од 15-24 години, што вклучува и 37 милиони на деца изложени на штетни агенси при работа. Тоа претставува 15% од вкупната светска работна сила, а кај нив во просек се забележува за 40% повисока стапка на нефатални повреди на работа отколку кај возрасните работници.
Во Република Македонија во 2016 година (податоци според Државниот завод за статистика) има 5855 вработени млади од 15-19 години и 38639 од 20-24 години, што претставува 6.1% од вкупно вработените лица. Овој низок процент на вработени млади лица секако се должи и на фактот дека кај нас е задолжително средното образование, па оттука и младите до нивната 18-годишна возраст се вклучени во образовниот процес и не се појавуваат на пазарот на трудот (освен во занимањата со задолжителна практична обука).
safety-first
Карактеристиките на физичкиот и психофизиолошкиот развој на децата и младите што се вклучени во работниот процес, претставуваат посебен фактор на ризик што ги прави тие да се исклучително чувствителни кон постоечките професионални штетности и опасности на работните места.
Кампањата за одбележување на Светскиот ден за безбедност и здравје на работа оваа година  има за цел да ги поттикне професионалците ангажирани во оваа област да ги идентификуваат сите ризици на кои се изложени младите работници  и да поттикнат кон донесување на политики за заштита на нивното здравје и за целосна елиминација на сите форми на детски труд.
Дополнително, за прв пат оваа година, после многу во кои како мерка за заштита од неповолните влијанија на високите и ниски температури при работа на отворено се предлагаше ослободување од работа за вулнерабилните групи работници (возрасни, болни со хронични болести, бремени жени и сл.), Институтот за јавно здравје ги објавува критериумите за следење на ова штетно влијание и обврските на работодавачите за минимизирање на негативните ефекти врз здравјето на професионално експонираните работници. Критериумите во публикацијата „Работа на отворено во услови на високи и ниски температури“ се базирани на меѓународни стандарди и потврдени добри практики, што се применуваат во земјите кои по природата на нештата се упатени да се справуваат со овој проблем и да креираат здрави и безбедни работни места за сите работници.